Изнаоѓањето решение за намалување на загаденоста што ја предизвикува патниот сообраќај во земјава беше главната цел на форумот „Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилност“ што денеска во Скопје го организира Делегацијата на германското стопанство во Македонија. Форумот беше одлична можност да се разменат информации за идните проекти на Владата, локалната самоуправа, бизнис заедницата и граѓанските здруженија како различни засегната страни во однос на електрификацијата на секторот транспорт кој е идентификуван како еден од најголемите причинители на загадувањето на воздухот во Македонија.
Директорот на Делегацијата, Патрик Мартен посочи дека во Скопје зимите не се само студени, туку има и проблем со загадувањето на воздухот и тоа е видливо и ги оптоварува граѓаните.
– Во Македонија стапката на смртност е над европскиот процес. Причина за тоа се пушењето, но и загадувањето на воздухот кое не влијае добро на кардиоваскуларниот систем. Токму тоа е поводот да дискутираме во која форма можеме да го забрзаме развојот и среднорочно и долгорочно да го намалиме загадувањето на воздухот, рече Мартенс.
Еден од најголемите загадувачи во Скопје, посочи, се автомобилите кои, како што кажа, делумно се многу стари.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека во Македонија има вкупно 80 електромобили од кои 47 во Скопје.
– Македонија има само еден избор – да ги следи трендовите. Не можеме да ги креираме трендовите, но треба да сме умни да ги пратиме и да ги пресликаме во нашето живеење. Неопходно е да се направат мерки за да се стимулираат граѓаните да купуваат електрични возила, но и да се развива мрежа за полнење на електричните возила. Не ни се потребни популистички мерки и да се дозволува увоз на билокакво возило за да може да се плати, бидејќи тоа влијае на здравјето, рече Анѓушев.
Нагласи дека на загадувањето на Скопје и Тетово најмногу влијае греењето, по што следи сообраќајот, а на трето место е индустријата. Владата, како што кажа, има предвидено мерки во Транспортната стратегија за стимулирање на електромобилноста.
– На среднорочен план се предвидени 10 милиони евра поддршка за сите граѓани кои ќе сакаат да променат стари возила кои не ги исполнуваат еклошките стандарди со електричен автомобил. Предвиден е еден милион евра за спроведување на транспортни стандарди во врска со одржливоста на животната средина и климатските промени во согласност со практиките на земјите од ЕУ, а за промоција на електрични возила и подобрувања на регионалниот јавен транспорт предвидено се 100.000 евра.Исто така се предвидени пет милиони евра за финансиска поддршка за набавка на хибридни и електрични возила во патниот јавен транспорт. Вкупно во следните неколку години се предвидени 16 милиони евра од државниот буџет за електромобилност, појасни Анѓушев.
Заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, истакна дека за општ интерес Владата работи на план за постепено воведување еколошки возила, а предизвик на локалната самоуправа се зелените паркинзи за полнење на електричните возила, бесплатни патарини на автопатот и подготовка на автопатот за оние што минуваат низ нашата земја со електрично возило.
„Електромобилноста носи и други придобивки, ова е концепт што носи инвестиции и генерира нови зелени работни позиции, ги стимулира обновливите извори и има здравствен ефект. Но, за ова да се направи, мора да се има интегративен пристап. Не е доволно само учество на Владата, министерствата и локалната самоуправа, потребни се и другите фактори – науката, медиумите, бизнис-секторот, граѓанските здруженија и на крајот, потребна е промена на навиките, без тоа нема да дојдеме до конечното решение“, потенцира Макрадули.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов истакна дека е непоходна сериозна работа во поставувањето на основната инфраструктура за полнење на електрични возила и додаде дека во мементов Градот располага со пет полначи за електромобили поставени на јавни површини, а докрајот на годинава се планира нивниот број да се зголеми за 30.
– Во Скопје паркирањето за електричните возила и полнењето на јавните полначи е бесплатно, а и во јавниот превоз веќе циркулира електричен автобус и се испитува колку е можна за употреба таа технологија. При крај е и тендерот за набавка на машини во ЈП Комунална хигиена кој предвидува да се набавуваат исклучиво електрични машини за чистење на улиците. Во иднина Град Скопје ќе набавува само хибридни и електрични возила, а до крајот на годинава ќе се набават 30 екофрендли автобуси за ЈСП со кои ќе се заменат старите нееколошки автобуси, рече Шилегов.
Истакна дека е слиен поддржувач на идејата за исфрлање од сообраќај на возилата кои многу загадуваат и додаде дека ќе побара од државата на локалните власти да им даде овластувања да можат да го ограничат движењето на возилата кои многу загадуваат.
Директорот на ЕВН Македонија Штефан Петер рече дека во светот во моментов има два милиони електрични возила, а до 2030 година се предвидува нивниот број да изнесува 100 милиони.
– Македонија е особоено добра за користење на електрични возила заради малата одалеченост меѓу дестинациите од максимални 200 километри. Покрај тоа, во Македонија просечно се поминуваат по околу 20 километри дневно или 100 километри неделно што значи дека електричното возило може да ги издржи без да се надополни со електрична енергија, рече Петер.
Тој нагласи дека е неподходно да се подобри инфраструктурата за полнење на електрични возила и дека се потребни смарт станици за полнење и додаде дека полнењето до крајот на годинава ќе биде бесплатно.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}