Градоначалниците од општините во Република Северна Македонија, денеска потпишаа Декларација за активна заштита на животната средина и ублажување на климатските промени, потврдувајќи ја посветеноста за остварување на целите за одржлив урбан развој, заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на животот за сегашните и идните генерации.
Настанот на тема „Локален пристап кон активна заштита на животната средина и ублажување на климатските промени“ го отвори министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова која истакна дека е задоволна што свесноста на општините за животната средина се зголемува, што може да се заклучи по бројот на присутните градоначалници на настанот.
- Со потпишување на оваа Декларација за зелена агенда 2020 година, централната и локалната управа преземаат обврска на национално и на локално ниво за остварување на заложбите од документот, додека спроведувањето во голема мера е на локално ниво. Поради тоа, неопходно е и општините целосно да учествуваат во спроведување на обврските и должностите и да преземаат мерки во согласност со Зелената Агенда – истакна министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
Притоа, таа изрази уверување дека ќе продолжи реализирањето на активности во кои заеднички ќе бидат вклучени централната и локалната власт.
- Тоа, пред се, е поради потребата од зајакнување на административните капацитети на локалната самоуправа и подобрување во спроведувањето на законодавството од областа на животната средина, а од причина што за локалната самоуправа и понатаму останува предизвик соочувањето со уште поголем број на активности што треба да се преземат во однос на зачувување на животната средина на локално ниво – додаде министерката.
На настанот беа презентирани и обврските на општините од Зелена агенда за Западен Балкан преку приказ за активности и можности за финансирање на локално ниво, како и можностите на општините за подготовка на планови за одржлива енергија и клима.
Настанот се организира во склоп на проектот ,,Граѓанските Организации во акција за климатските промени” спроведуван од Еко-свест, Македонско Здружение на Млади Правници (МЗМП) и Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе – ЦНВП, и е финансиски поддржан од владата на Шведска, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање – Сектор за соработка со локална самоуправа и управни и надзорни работи.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}