За климатските преговори во Глазгов, за амбициите на Република Северна Македонија што беа презентирани на #COP26, за зацртаните национални политики министерот Нуредини зборува во интервјуто за МИА.
Глазгов, 4 ноември 2021 (МИА) – Земјите во развој како што е Северна Македонија, треба да ги постават своите митигациски цели, но финансирањето е клучот во остварување на овие таргети, вели во интервју за МИА, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, кој учествува на Конференцијата на ОН за климатски промени (КОП26).
Во услови на драстични предупредувања од научната заедница за ескалација на климатската криза, КОП26 почна на 31 октомври во шкотскиот град Глазгов. На покана на Обединетите Нации, владини претставници од околу 200 земји во текот на две недели ќе разговараат за начините на кои човештвото сè уште може да го задржи забрзаното глобално затоплување на некое толерантно ниво. Се очекува присуство на околу 25.000 лица, вклучително и илјадници новинари и активисти за заштита на климата.
Нуредини во интервјуто за МИА нагласува дека на овој настан можеби првпат поголемите земји и развиените економии истапиле со поконкретни заложби, а фактот дека САД се вратиле на преговарачката маса и одлучноста што ја покажуваат да бидат дел од решението, како што нагласи тој, се охрабрувачки.
– Иако земјите во развој како нашата исто така треба да ги постават своите митигациски цели, финансирањето е клучот за остварување на овие таргети. До крајот на преговорите очекувам да се постигне конечен договор за овој сегмент, како и операционализација на обврските од Договорот од Париз, посебно во делот на транспарентноста. Неизбежно е да се утврди методот за соработка и придонес на владиниот, бизнис, научниот и граѓанскиот сектор. Потребно е и адаптацијата да го добие третманот, како и аспектот на митигација. И секако, да се зголемат националните митигациски цели за да се постигне глобалната цел за ненадминување на глобалното затоплување за два Целзиусови степени, вели Нуредини за МИА.
Целото интервју може да го прочитате тука
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}