Обраќање на претседателот Пендаровски на Светскиот лидерски самит за климатски промени – COP26

Претседателот Стево Пендаровски кој учествува на Светскиот лидерски самит во рамки на COP26 во Глазгов, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, присуствуваше на отворањето на самитот и се обрати на пленарната сесија на собирот.


Претседателот Пендаровски ќе присуствува и на приемот што за лидерите учесници на самитот ќе го приреди премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, а ќе присуствува и на настанот со кој ќе се означи почетокот на глобалната заложба за метан, како иницијатива на претседателот на САД, Џозеф Бајден и претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лејен, како и на лидерскиот настан „Акција и солидарност – критичната деценија“, во организација на премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.

Главна цел на конференцијата за климатски промени на Обединетите нации (COP26) е да ги собере светските лидери за да се забрза акцијата кон целите од Парискиот договор од пред 6 години, за одржување на растот на температурата под 1,5 степени, со демонстрирање на нивната посветеност за “нето нулта стапка на емисии на штетни гасови” и заложба земјите да престанат да го употребуваат јагленот.

Во продолжение ги проследуваме интегралниот текст и видеото од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Ваши екселенции,

Пандемијата на КОВИД-19 сè уште доминира на светската агенда. Затоа не смее да се потцени еден од најголемите системски ризици врз човештвото.

Научниците велат дека можеби останува само уште една деценија за светот да ги преосмисли фундаментално своите развојни парадигми, да ги промениме нашите животни навики и да ги закрепнеме нашите економии на цврсти и одржливи основи. Ако ги игнорираме ваквите загрижувачки трендови, следат катастрофални последици за животната средина, здравјето, безбедноста на храната и водата, односно за целокупната  безбедност и развој на луѓето.

Она што го ветивме во Париз, мора да го испорачаме тука, во Глазгов.

Како земја-кандидат за членство во ЕУ подготвена да започне преговори, Северна Македонија веќе го транспонира европското законодавство за климатски промени во своето национално законодавство. Поддржувајќи го Европскиот зелен договор, подготвени сме со нашиот удел да придонесеме Европа да стане првиот јаглеродно-неутрален континент до 2050 година.

И покрај фактот што сме мала европска земја, имаме големи климатски амбиции. За таа цел, го усвоивме ревидираните национално утврдени придонеси. Нашата амбициозна цел поставена за 2030 година е да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 51%, во споредба со нивоата од 1990 година, или 82% во нето емисии во споредба со истата година која е земена како појдовна основа. Осмисливме 63 политики и мерки за ублажување кои се родово одговорни и поврзани со 15 цели за одржлив развој.

Спроведувајќи ја нашата долгорочна стратегија за климатски акции, се стремиме да ја трансформираме Северна Македонија во економија со ниска емисија на јаглерод, зајакнувајќи ја конкурентноста и промовирајќи социјална кохезија. Вклученоста на целото општество ќе помогне во справувањето со невработеноста преку создавање еколошки работни места, намалување на загадувањето со обновливи извори и развој на одржливи навики преку образование.

Овие обврски ги презедовме наспроти неколкуте структурни предизвици по нашиот национален економски раст, влошени од разорните ефекти на КОВИД-19, бидејќи цврсто веруваме дека единственото одржливо закрепнување од пандемијата е еколошкото закрепнување. Ако држава со БДП по глава на жител под 6.000 американски долари е целосно посветена на остварување на овие амбициозни ветувања, тогаш секоја држава во светот може да го стори тоа.

Веќе осмисливме транспарентна, координирана и сеопфатна климатска акција во партнерство со науката, бизнисите, граѓанското општество и младите. Во исто време, сосема сме свесни дека меѓународното финансирање ќе зависи од ефективното, функционално и правично управување на национално и на меѓународно ниво.

Драги пријатели,

Пред 50 години, В. Х. Оден ја напиша „Химната на Обединетите нации“. Во неа тој вели дека „мирот значи да се направи промена во вистинско време, додека светскиот часовник отчукува“. Предолго, неодржливите модели на производство и потрошувачка на човештвото не се синхронизирани со ритамот на природата. Во овој краен час, време е да се врати часовникот на климатскиот систем назад, за идните генерации не само да преживеат, туку и да живеат во безбеден, достоен и просперитетен свет.

Ви благодарам.




{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close