Прочитајте го интервјуто со Мирослав Драганов од Глобал Шејперс Хаб Скопје за младинскиот активизам, чекорите кои може да ги преземе секој за да направи промени во својата заедница и проектите кои се бават со третирање на водата за пиење како човеково право
Во месецот посветен на борба против климатските промени преку иницијативи и едукација на младите, започнуваме серија интервјуа со млади ентузијасти, кои неуморно работат на промени, инспирираат и иницират младинско учество. Првото интервју го направивме со Мирослав Драганов, млад активист со неуморен дух и збиен календар со активности. Зборува за своите почетоци, за иницијативите во кои моментално е вклучен како претседател на Глобал Шејперс Хаб Скопје, за подвизите на своите колеги и можноста да се успее и со лимитирани средства на располагање. Нивната визија се стреми преку препознавање на потенцијалите и постигнувањата на младите да се зголеми младинскиот активизам за доброто на целата заедница.
Разговараше: Тамара Тодоровска, ЕПИ ЦЕНТАР ИНТЕРНАЦИОНАЛ
КлиматскиПромени: Мирослав, да те запознаеме малку одблиску. Опиши ни ги твоите почетоци, иницијативите на коишто работиш во моментов, и секако, твоето искуство пред сѐ од аспект на младински активизам и борба против климатски промени?
Драганов: Точно половина живот сум младински активист, од моја шеснаесет годишна возраст . Оттогаш се занимавам и со јавно говорење и реторички вештини и со континуирана надградба на еден широк корпус меки вештини (soft skills) постојано работејќи по неколку работи паралелно. Почетокот на мојата борба против климатските промени ја поистоветувам со говорот „Самоуништување“ одржан кон крајот на 2007 година на Ораторската вечер „Иво Пухан“ при Правниот Факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а таа продолжи и низ годиниве во различни форми и интензитет. Сето ова ме донесе таму каде што сум сега: мотивациски говорник, тренер за самодоверба, комуникации и извонредност и советник за Neethling Brain Instruments (NBI™). Основач сум на македонскот мотивациски бренд „Продолжи со насмевка“ и ко-основач на социјалното претпријатие Клуб за едукација, мотивација и личен развој „Ко-Креатори“.
За вовед и кратко запознавање со мене е доволно, а сепак она што е важно е дека денеска ќе говорам како дел од Глобал Шејперс Скопје Хаб Скопје (дел од заедницата на шејпери на светско ниво – Global Shapers Community, која е иницијатива на Светкиот економски форум – World Economic Forum) чиј што сум Претседател и Куратор (во доаѓање).
КлиматскиПромени: Може да се каже дека оваа иницијатива е збирно место на млади лидери во земјата за поттикнување на глобални промени. Какви активности спроведувате за да поттикнете преземање на климатски акции?
Драганов: Глобал Шејперс Скопје Хаб Скопје е група на над дваесетина посветени и одговорни млади лидери и амбициозни обликувачи на промени. Ние сме впрочем здружение на граѓани за поттикнување на општествен развој чија што мисија е да поттикнува и презема иницијативи за општествена одговорност и промена на заедниците и силно се стреми кон создавање квалитетно општество на проактивна младина. Нашата визија е препознавање на потенцијалите и постигнувањата на младите и зголемување на младискиот активизам за доброто на целата заедница.
Она што е наша досегашна карактеристика е што како Хаб сме спровеле акции со значително влијание (impact) на заедницата, а без за тоа да имаме буџет на сметка. Всушност тоа е и разликата во споредба со нашето домашно опкружување, а од друга страна тоа важен плус за глобалната заедница која неодамна воведе посебна функција во секој Хаб со назив Impact Officer. Предноста ни е и во тоа што ако го собереме портфолиото на секој наш член – шејпер поединечно, нема да биде чудно тој збир да излезе поголем и од портфолиото на некои домашни донатори.
Инаку, откако иницијативата на шејпери е воспоставена кај нас во 2013 година, многумина нè препознаваа по настанот „iFail“ („И јас грешам“) на кој низ годиниве многумина успешни лидери ги кажаа искрено своите грешки пред младите со цел да го поттикнат нивниот претприемачки дух. Искуството ни покажа дека овој пристап имаше многу поизитивен придонес кон развивање на многу идеи од млади претприемачи и поттикнување на нивната општествена одговорност. Покрај овој настан спроведовме и други краткотрајни и ефективни акции, а во последнава година сите наши активности прераснаа во неколку сериозни проекти.
КлиматскиПромени: Наведете ги најзначајните проекти кои ги работите од областа на климатските промени
Драганов: Периодов три наши акции го даваат придонесот во областа на климатските промени. Едната е насловена како „17 средби посветени на Целите за одржив развој“ (ЦОР). Почетна активност на оваа акција беше on-line кампања со кратки видеа за да се запознае пошироката јавност со ЦОР, кои сега ќе ги ажурираме со цел да го прикажеме влијанието кое го има COVID-19 на Целите за одржлив развој, понатаму следува мапирање на сите актери (засегнати страни) и конечнo, воспоставување на нивна целосна и координирана соработка имајќи го предвид сечиј придонес и веќе достигнатото ниво во исполнувањето на ЦОР.
Другата наша проектна акција која е најактуелна периодов е „Вода за промени“ (“Water4Changes”), иницирана од нашата колешка шејперка Евгенија Крстевска, а со цел правото на вода како основно човеково право да се гарантира во нашиот Устав. Деталите од спроведените активности може да се видат на линкот, а она што следи е вебинар на 15.04.2020 година на светско ниво на тема „Водата и COVID-19”, во соработка со неколку хабови. Затоа ги повикуваме младите борци за климатски промени да ни се приклучат on-line.
Третата акција е всушност приклучување на иницијативата за заштита на нашата планета покрената од 17 хабови од светот, почнувајќи од Виена, а која има за цел да воспостави подиректна соработка помеѓу шејперите и младите активисти на „Петоци за иднината“ (“Fridays4Future”). Кај нас таа можна соработка е во финална фаза на договарање и радосни сме заради заедничката цел која е пред нас.
Секако ова се само активности сроведувани директно од нашиот Хаб, но ако ги земеме предвид активностите на секој колега шејпер поединечно, може слободно да кажеме дека се гордееме на нашиот начин на размислување и ангажираност кој силно нè поврзува во рамки на групата и придонесува кон зачувување на нашата планета – Земјата (на пример да ја земеме иницијативата на колешката Олга Рајчиќ со мобилната апликација Challenger или многубројните активности на Ивана Вучкова во рамките на Friedrich Ebert Фондацијата во доменот на правични и инклузивни климатски и енергетски политики за одржливо општество..).
КлиматскиПромени: Каква е меѓусебната соработка со останатите Глобал шејперс хабови во светот?
Драганов: Можеби нема да бидам скромен, но секако ќе бидам реален. Особено во последниве две години нашата соработка со другите хабови на меѓународно ниво е многу силно развиена и таа има брзо растечки интензитет од ден на ден. Покрај погоре набројаните иницијативи, дел сме и од други заеднички акции со останатите хабови на Балканот, во Европа и низ целиот свет. Ние не сакаме да бидеме млади кои ќе имаат само функција или статична улога, тука млади чиј што глас ќе се слушне далеку и ќе поттикнува квалитетни промени секогаш и секаде! Ваквиот пристап ни донесе исполнување на еден силен копнеж од пред година и половина – да организираме ретрит (тим-билдинг) во Македонија наменет за сите хабови од Југоисточна Европа и регионот на Кавказ. Тоа ќе биде прв таков голем настан во рамките на глобалната заедница организиран од македонските шејпери, а поддржан директно од седиштето во Женева. И секако, нема да застанеме тука, ова е само загревање.
КлиматскиПромени: Како може да се стане дел од Глобал шејперс заедницата?
Драганов: Формалните општи критериуми се: кандидатот да биде млад ентузијаст на возраст меѓу 20 и 29 години, да биде проактивна и препознаена личност во својата заедница и да се препознава во активностите кои ги спроведуваме и се стремиме да ги спроведуваме во иднина. Креативноста, напредните идеи секогаш се добродојдени, а сега сме во фаза каде што можеби ќе се фокусираме на точно определени профили на млади обликувачи на промени. Како и да е, секако во следниов период ќе објавиме јавен повик на кој ќе може да се пријават заинтересирани млади. Тие што нè следат на Facebook ќе ги дознаат инфомациите наскоро.
Ние сме отворени за збогатување на заедничкиот брзорастечки квалитет. А вие?
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}