ФИТР ве повикува да учествувате во О2 предизвикот и со свои идеи да учествувате во решавањето на проблемот со климатските промени со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Град Скопје, Македонија 2025, Здружението Еко Свест како и други партнерски организации и експерти
Научниците предупредуваат дека разорните последици на климатските промени ќе влијаат врз сите, без оглед на местоположбата, економската развиеност и големината на заедницата во која живеат луѓето. Поради тоа климатските промени мора да бидат сфатени како сериозна закана по животната средина, здравјето и благосостојбата на луѓето, достапноста на природните ресурси и храна, економијата, изградената инфраструктура и квалитетот на животот.
Истражување на јавното мислење спроведено од Програмата за развој на Обединетите Нации, УНДП и Министерството за животната средина покажува дека македонските граѓани во климатските промени гледаат како трета најсериозна закана за општеството, но тие сѐ уште немаат доволно знаење за адаптацијата на климатските промени. Министерството за животна средина и просторно планирање ги креира политиките поврзани со климатски промени врз основа на емисиите на стакленички гасови, се оценува потенцијалот за нивно намалување или “ублажување на климатските промени” и врз основа на сценаријата за идна промена на климата прави анализи и мерки за адаптација.
Водејќи се од тоа дека климатските промени се глобален проблем, се јавува и потребата од дополнителни напори и внимание за да се промовираат најдобрите практики за адаптација и да се поддржи развојот на конкретни мерки за надминување на овие проблеми преку иновативни идеи и акции кои ќе поттикнат решавање на проблемот. Фондот за иновации и технолошки развој Ве повикува да учествувате на вториот „О2 ПРЕДИЗВИК 2“. Во реализацијата на предизвикот ќе се вклучат Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Град Скопје, Македонија 2025, Здружението Еко Свест како и други партнерски организации и експерти.
Вториот О2 Предизвик овозможува поширок опсег на натпреварувачи да се вклучат со свои идеи во решавањето на проблемот со климатските промени, а со овој повик се отвора можност за воспоставување на партнерства од регионот на Западен Балкан (WB6) во кој спаѓаат Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Албанија.
Ова во исто време претставува основа за дизајнирање и воведување на нов регионален Инструмент на Фондот за иновации и технолошки развој насочен кон организирање натпревари и предизвици за изнаоѓање на иновативни решенија од општествен интерес во регионот.
Според сценаријата на меѓувладини и меѓународни научници кои работат на климатските промени и справувањето со нив се предвидува дека во наредните 30 до 50 години во Северна Македонија и регионот ќе има повисоки температури и долги суши, но и поројни дождови. Исто така ќе има зачестени невремиња со електрични празнења и со град, што може да има големи негативни последици врз земјата и таа да стане непогодна за земјоделско производство и за живеење.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}