Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Македонија (ЗПРМ) е професионално здружение основано во декември 2010 година. Согласно мисијата, тоа работи на воведување професионални стандарди на пазарот во државата, работи на професионалниот развој на членовите на професијата и создава позитивна перцепција за професиите „преведувач“ и „толкувач“ меѓу членовите на професијата, потенцијалните клиенти и пошироката јавност. Во корелација со овие цели на Здружението е и грижата за животната средина.
Свесни за тоа дека секој од нас треба да преземе одговорност за заштита на животната средина и ублажување на климатските промени, членовите на Здружението решија, своите настани да ги организираат како зелени настани, односно да го сведат на минимум своето влијание и јаглероден отпечаток.
Поради тоа Здружението се залага на сите наши настани да се придржуваме до следното:
- Да не користиме пластика (водите и кафињата да ги користиме во стаклена амбалажа, која потоа ќе ја одлагаме во специјализирани контејнери за стаклен отпад или ќе ја вратиме на производителот),
- Соодветно да го селектираме и одлагаме различните видови отпад (хартија, стакло, пластика и биоразградлив отпад)
- Да не печатиме материјали (во најголема можна мера да се користи електронско споделување на поканите и материјалите за средбите и настаните),
- Превозот за нашите средби да биде или организиран или со споделување на превозните средства
Се надеваме дека сите граѓани, а особено граѓанските здруженија кои предводат со иновативноста и граѓанската иницијатива, без оглед на областа во која работат, ќе ги прифатат овие заложби и препораки и сите заедно ќе работиме на заштита и подобрување на нашата животна средина, заштита на природните ресурси и намалување на влијанијата од климатските промени.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}