Како мајка на две деца, чувствувам зголемена обрвска за тоа да поставам позитивен пример на своите деца и да ги советувам да се однесуваат одговорно.
Во улога на родител, се наоѓам во ситуација кога си ги преиспитувам постапките и при тоа размислувам како моите деца го перцепираат моето однесување и како тоа влијае врз нивното донесување на одлуки. И најчесто многу брзо потоа, ми се докажува дека го приметиле и тоа што сум мислела дека не го слушнале, или сум мислела дека во моментот не го разбрале, поставуваат прашања коишто за момент ќе те збунат и ќе те натераат и ти самиот да си преиспиташ одредени искази.
Оттука - јасна е нашата улога во процесот на подигнување на новите генерации да станат возрасни и одговорни граѓани.
Во нашето семејство, покрај заложбите за зголемувањето на енергетската ефикасност во домот, особено внимание посветуваме и на навиките кои ги градиме, буквално и од оние најситните секојдневни како миењето заби и намалување на количините вода којашто се троши во процесот. Но пред се, дискутираме за причините и последиците, се трудиме заеднички да размислуваме за човековото влијание врз природата, животната средина и како нашето секојдневно однесување влијае врз климатските промени.
Новите генерации имаат пристап до информации што им овозможува да го држат светот на дланка, а така и многу брзо стануваат свесни за реалните случувања. Од друга страна, нивото на ентузијазам и желба да се биде дел од решенијата на затекнатите предизвици, е на ниво кое ние како родители или генерално како општество, имаме обврска да го поддржуваме и одржуваме во конструктивна насока.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}