Климатските промени се реалност со која се соочуваат земјоделците во нашата држава – ова беше посочено од страна на г-ѓата Васка Мојсовска, претседателка на националната федерација на фармери и г-ѓа Цана Џуковска, претседателка на здружението Поречка Матица, во нивното гостување на 18.08.2021 во утринската програма на Сител телевизија.
Претседателката на националната федерација на фармери, Васка Мојсовска, при гостувањето во утринската програма на Сител телевизија, ги истакна проблемите со климатски промени со примери од секојдневието за земјоделците кои се соочуваат со пролетен мраз (пр. снег во април а пред тоа невообичаено топло време) па поради тоа доаѓа до измрзнување на културите. Останати проблеми предизвикани од климатските промени се појава на поројни дождови и град, како и сушни периоди кои силно влијаат врз земјоделците. Во години кога влијанието на климатските промени е се повеќе изразено потребни се нови технологии, знаења, едукација и зголемување на свеста кај земјоделските производители за адаптивните мерки кон климатските промени. Тоа е само еден од предизвиците со кои се соочуваат земјоделците во нашата држава.
Уште поголем предизвик климатските промени претставуваат за жените земјоделки. Иако ефектите од климатските промени ги чувствуваат сите, повеќе од јасно е дека климатските промени ги влошуваат постоечките нееднаквости, бидејќи последиците од нив несразмерно паѓаат на ранливите категории, вклучувајќи ги и жените. Нееднаквост се заострува дополнително со тоа што жените имаат повеќе ниско платени работни места и мнозинството се неплатени семејни работници. Тие исто така поради традиционалните спреги, најчесто немаат имот на свое име што им го отежнува пристапот до кредити, субвенции и поддршка, па така завршуваат како една од најранливите популации на ефектите од климатските промени. Социоекономската нееднаквост и другите културни фактори честопати се директно поврзани со способноста да се ублажат негативните ефекти од климатските промени, поради што климатските промени имаат поголемо негативно влијание врз жените.
Во декември 2020 година, УНДП спроведе студија за родот и климатските промени што ги одразува главните трендови базирани на збирка од микронаративи и индивидуални искуства/ приказни. Преку ова истражување успеавме да собереме 1223 приказни од испитаници низ целата држава коишто ќе бидат преточени во политики на национално и локално ниво. Во продолжение следуваат три од вкупно 1223 приказни кои се однесуваат на влијанието на климатските промени во земјоделството.
Повеќе за истражувањето со микронаративи како и добиените резултати можете да прочитате тука.
Друг проблем со кој се соочуваат земјоделците се јавува и кога има и поголемо производство и пазарот нема доволно голема моќ за апсорпција на сите земјоделски производи. Многу често се случува да се произведе преголема количина од едно нешто па да не може да се продаде дури и по прениска цена што не компензира за трудот на земјоделецот, па во некои случаи доаѓа и до случаи кога произведената храна се фрла. Тука добро решение би било воспоставување на контрола во количината која се произведува или пак механизам кој ќе овозможи извоз на вишокот производи, кој сега недостасува.
Неодамна е креирана национална платформа за онлајн продажба, е-фарма, што претставува огромен чекор напред во поврзувањето на производителите со купувачите. Но тука останува прашањето дали има интерес кај купувачите во нашата држава за органско производство. Многу често кај нас не се обрнува внимание на квалитетот а се гледа само цената. Но, од друга страна кога некој земјоделец сака да го пласира производот како органски недостига законска регулатива, стандарди и критериуми како и редовна контрола на производството. Додека во поразвиените земји се повеќе се забележува зголемен интерес за производи со органско производство и здрав живот.
Па така, следен чекор и многу голем успех би било да се постигне вмрежување со странство пр. со проширување на оваа платформа или креирање нова платформа наменета за странски пазар каде што повеќе се врееднува органското и природно производство – на пример одгледување на лешници за извоз. Одгледувањето на лешници зема се поголем замав кај нас. Големата побарувачка и високата цена, лешникот го прават многу исплатлив за одгледување, а лешниците најчесто се извезуваат за Швајцарија, Германија, Австрија. Причина за големата побарувачка на лешник од овие држави е се големата побарувачка што се појавува во кондиторската индустрија и неможноста да се изврши замена на плодот.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}