Сè што треба да знаете за данокoт на јаглерод во македонски контекст

Сè што треба да знаете за данокoт на јаглерод во македонски контекст



Овде ќе ги најдете одговорите на следните прашања: Што е данок на јаглерод? Зошто ни треба данокот на јаглерод? Колку треба да биде даночната стапка? Колку може да се намалат емисиите на CO2 на овој начин? На кого ќе влијае данокот? На кој начин предложените даночни стапки ќе се одразат врз цените на горивата? Какво влијание ќе имаат повисоките цени на горивата врз домаќинствата? Кои се некои од можностите за користење на приходите од данокот на јаглерод?

Што е данок на јаглерод?

Данокот на јаглерод е алатка која ја користи моќта на пазарот за да ги намали емисиите што придонесуваат за климатските промени. Данокот на јаглерод всушност значи дека се плаќа надоместок за секој тон емисии на СО2. Надоместокот може да се наплаќа за енергенси како јаглен, нафта и природен гас (врз основа на очекуваните емисии од тие горива) или врз основа на мерењата на СО2 емитирани од најголемите извори на загадување како што се електраните. И во двата случаи, данокот на СО2 ќе обесхрабри активности кои создаваат големи количини СО2 и ќе овозможи поповолни услови за воведување на сите други алтернативни енергенси со кои имаат ниски емисии или воопшто не емитуваат јаглерод.

Во енергетиката, електраните што користат горива кои се повеќе јаглеродно-интензивни (како на пример, јагленот и мазутот) би платиле повисок данок на јаглерод по единица потрошена енергија од оние што користат природен гас. Изворите што се потпираат исклучиво на обновлива енергија (на пр. сончева или ветерна енергија, хидроенергија) не би биле оданочени.

Изворите на емисии кои ќе плаќаат данок на јаглерод ќе имаат силна мотивација да инвестираат во нискојаглеродни решенија што чинат помалку од данокот, како што се мерките за енергетска ефикасност и технологиите со помала емисија на штетни гасови. Ваквите инвестиции ќе доведат до намалување на трошоците и ќе ја подобрат економската конкурентност на субјектот. Крајните потрошувачи, како што се домаќинствата и трговските објекти, исто така ќе бидат мотивирани да ги намалат своите емисии. Ќе бараат начини да користат помалку електрична енергија преку поголема ефикасност и заштеда на енергија. Тие исто така би имале природен поттик да го намалат јаглеродниот интензитет на производите што ги купуваат.

Данокот на јаглерод има далекусежно дејство, поттикнувајќи одлуки за помали емисии на јаглерод во погодените сектори и во секој чекор од вредносниот синџир. Нема потреба владата одделно да ги регулира емисиите во секој сектор или подсектор.

Сите решенија што чинат помалку од данокот на јаглерод ќе бидат атрактивни, ќе поттикнуваат конкуренција и ќе поттикнуваат иновативни решенија. Земајќи ја предвид даночната стапка и достапноста и цената на алтернативните решенија, данокот на јаглерод им дава можност на приватниот сектор и на граѓаните да одлучат кои решенија ќе ги изберат. Владата може да ги искористи приходите од данокот за да понатаму да ги исполни целите за заштита на животната средина како и да исполни други приоритети.

Зошто ни треба данок на јаглерод?

Македонија, заедно со сите други држави во светот, го потпиша Договорот од Париз, кој има за цел да го задржи зголемувањето на температурата на глобално ниво под 2 степени Целзиусови и да спречи климатските промени да предизвикаат сериозни последици. До 2050 година, Македонија веќе може да очекува повисоки температури во летните месеци, зголемување на топлотните бранови и зголемена честота и интензитет на сушите. Зголемувањето на температурите од 2 степени Целзиусови би предизвикало 6 од 7-те скијачки центри во Македонија да останат без снег. Сите држави во светот во текот на оваа деценија мора да направи значителни промени за температурата да не се зголеми за повеќе од 1,5 степени Целзиусови.

Данокот на јаглерод ќе ѝ помогне на Македонија да придонесе за справување со климатските промени во светски рамки. Тоа е алатка што може да ѝ помогне на земјата да ги исполни своите обврски во однос на климатските промени и пристапувањето во ЕУ.

Со потпишување на Договорот од Париз, Македонија се обврза на амбициозна цел: до 2030 година да ги намали емисиите на стакленички гасови за 51% во споредба со емисиите од 1990 година. Покрај тоа, за пристапување во ЕУ на крајот ќе биде потребно учество на европскиот пазар на јаглерод, односно учество во системот за трговија со емисии на ЕУ (ЕУЕТС). ЕУЕТС ги ограничува емисиите на стакленички гасови од производството на електрична енергија, од индустријата и и од националното воздухопловство со доделување ограничен број емисиски единици што можат да се купат и продаваат меѓу учесниците. Изворите на емисии ја плаќаат пазарната цена за да купат доволно емисиски единици за да ги покријат своите емисии. Оваа цена во моментов е околу 45 € за тон емисии на СО2 и се очекува до 2030 година да биде меѓу 56 и 89 € за тон. Предноста на ЕТС е што нивото на емисии е извесно (ограничено со вкупните достапни емисиски единици), иако трошокот за исполнување на барањата не е.

Иако Македонија би можела да усвои систем за максимални емисии и тргување со истите сличен на ЕУЕТС, за тоа би требало подолго време како и финансирање за да се развие потребната инфраструктура (на пр., системи за мониторинг и известување, регистар, платформа за тргување, методологија за распределба на емисиски единици). Покрај тоа треба да се изградат и капацитети кои се потребни за спроведување на програмата во пракса. Но сепак, пазарната стимулација во системот за тргување со емисии може да биде променлива и да не нуди сигурност за трошоците.

Друга можност е Македонија да ги регулира емисиите во секој сектор (и подсектор) поединечно. Сепак, за ова да се спроведе потребно е властите да направат избор на технологии и стандарди за ефикасност за низа примени. Иако некои вакви нови технолошки стандарди можат да бидат прилично ефективни, постои ризик властите да побараат мерки кои ќе бидат или премногу скапи или подоптимални. Подготовката на вакви акти исто така може да одземе многу време и ќе бара периодично ажурирање за да не се посочуваат застарени технологии.

 Кога ќе се земе сето ова предвид, логично е да се започне со данок на CO2 , што може веднаш да ги даде посакуваните пазарни сигнали и што овозможува постепено зголемување на износот со цел да се поддржи исполнувањето на целите предвидени во Парискиот договор и поврзани со пристапувањето во ЕУ. Воведувањето на данокот на јаглерод би помогнало да се изгради искуство за цените на јаглерод и ќе даде време за поставување на системи и градење на капацитети кои се потребни за приклучување на ЕТС во ЕУ.

Колку треба да биде даночната стапка?

Земајќи ги предвид резултатите од студијата за данок на јаглерод поддржана од УНДП, данокот на јаглерод кој започнува со околу 8 евра за тон СО2 во 2025 година и се искачува на 28 евра за тон СО2 во 2030 година, ќе овозможи значително намалување на емисиите од енергетиката. Ефектите се слични на целите што се разгледуваат во енергетската заедница. Исто така, треба да се напомене дека Црна Гора веќе воведе систем за ограничување и трговија со емисии, а најниската стапка кај нив е 24 /тон.

Се смета дека ваквото предложено зголемување на данокот на јаглерод е доволно за алтернативните извори на енергија (природниот гас и обновливите извори на енергија) да станат конкурентни по цена за производство на електрична енергија и топлина, со што се напушти производството на јаглен. Треба да се напомене дека се разгледуваше и повисока даночна траекторија. Меѓутоа, иако со повисока стапка ќе беше полесно да се исполнат националните климатски цели за секторот енергетика, сепак се утврди дека така зголемувањето на трошоците ќе биде преголемо.

Покрај трошоците и намалувањето на емисиите што би се постигнале со данокот на јаглерод, при одлучување за висината на данокот на јаглерод треба да се земе предвид и цената на јаглеродот во другите држави во регионот. Доколку Македонија усвои данок на јаглерод, а нејзините соседи не, конкурентноста на македонските компании може да опадне (увозните производи би биле со пониски цени од домашното производство). Ова исто така нема да доведе до намалување на емисиите што е всушност целта на данокот. Ова е познато како „истекување на емисии“ бидејќи би се зголемиле емисиите од увоз. Студијата за моделирање сугерира дека Македонија би можела да воведе помал данок на јаглерод (8 евра/тон) без тоа да има последици врз конкурентноста на македонските производи или да дојде до „истекување на емисии“, но дека е важно државите во регионот исто така паралелно да напредуваат во усвојувањето на повисок данок на јаглерод. Соодветно на тоа, Македонија треба да даде приоритет на комуникацијата со соседите и да се застапува за препорачаната цена на јаглерод.

Последно нешто во однос на данокот на јаглеродот е начинот на кој тој се воведува. Македонија треба да се придржува до следниве начела при воведувањето:

  • Зголемувањето на данокот треба да е постепено. Ако данокот постепено се зголемува ценовните шокови ќе бидат поблаги. Ова значи дека данокот треба да се зголемува постепено секоја година.
  • Начинот на зголемување на данокот треба да се објави неколку години однапред. Ваквата сигурност на износот ќе им овозможи на деловните субјекти и на потрошувачите да си ги планираат своите инвестиции со текот на времето, бидејќи ќе знаат како данокот ќе се зголемува во иднина. Исто така ако однапред утврдите како ќе се зголемува данокот  на јаглеродот, ќе се избегнат политички притисоци за намалување на износот што можат да се јават доколку имате ад хок пристап.

Колку може да се намалат емисиите на CO2 на овој начин?

Данокот на јаглерод е единствената најважна мерка за исполнување на обврските предвидени во Договорот од Париз за климатски промени. Ова е така бидејќи данокот ќе поттикне спроведување на многу други мерки со ниски трошоци кои веќе се идентификувани во енергетиката без да се воведуваат поединечни политики и мерки.

Без данокот на јаглерод, емисиите од енергетиката во Македонија во 2030 година ќе се намалат вкупно за околу 3 проценти во однос на емисиите во 2017 година, и тоа главно поради планираните мерки за енергетска ефикасност во станбениот, трговскиот и индустрискиот сектор, како и поради воведувањето на нови обновливи извори на енергија за производство на електрична енергија. Овие инвестиции се очекува да го избалансираат вкупниот раст во побарувачката на енергија во таа временска рамка. Сепак, по 2030 година, се очекува емисиите повторно да се зголемат, најмногу како резултат на новата потрошувачка на јаглен поради зголеменото индустриско производство. Се предвидува до 2040 година емисиите да пораснат и да бидат за 6 проценти повисоки од тие во 2017 година.

Воведувањето на данокот на СО2 во Македонија и во државите во регионот, согласно предложеното, ќе доведе до намалување на емисиите на СО2 од енергетиката во Македонија за околу 40 проценти во 2030 и за 42 проценти во 2040 година, споредено со емисиите во 2017 година. Она што е најважно, е што овие даночни стапки се доволни за да ја поттикнат РЕК Битола да почне да користи природен гас и моделирањето открива дека кога ќе се воведе данокот на СО2, електраните на јаглен како РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј по 2025 година нема да бидат економски исплатливи. Данокот, исто така, ќе доведе до поголема енергетска ефикасност и инвестиции во обновливи извори на енергија. Доколку данокот на СО2 не биде усвоен од другите земји во регионот, дел од очекуваната обновлива енергија нема да биде произведена и ќе биде заменета со електрична енергија од увоз. Токму поради ова е многу важно регионално да се размислува кога се утврдува даночната стапка за јаглерод.

На кого ќе влијае данокот?

Се препорачува данокот да се наплаќа на почетокот, односно во моментот кога енергенсите влегуваат во економијата. Во повеќето случаи, ова би значело при увоз на енергенсот во земјата. За лигнитот кој се ископува во Македонија, тоа ќе биде местото на ископ. Овој пристап е сличен на сегашниот пристап со акцизните давачки или со еколошката такса и гарантира дека данокот ќе ги покрие сите емисии од енергетиката во целата економија.

Овој пристап значи дека данокот ќе влијае на сите корисници на енергија: на производителите на електрична енергија и топлина; на корисниците во индустријата, фирмите и на физичките лица; како и на превозниците. Корисниците на енергија ќе го почувствуваат пазарниот сигнал од данокот на јаглерод и ќе се мотивираат да најдат начини да ги намалат своите емисии. Со опфаќање на широка група корисници на енергија ќе бидете сигурни дека нема да се занемарат решенијата со ниски трошоци. Треба да се напомене дека ќе биде потребно да се обезбеди поврат на платениот данок на СО2  за горивата што се користат како репроматеријал за определени производи и не се согоруваат (се користат на пример како петрохемиски суровини, за производство на пластика и сл.).

Со примена на данокот подеднакво на сите горива врз основа на емисиите на СО2 што се очекува да ги создадат, данокот на јаглерод воведува еднакви услови за сите. Овој пристап нема да предизвика економски нарушувања што можат да се јават кога некои енергенси и сектори се оданочуваат, а други не. На пример, ако емисиите во секторот енергетика се оданочуваат, а горивата за транспорт не, ова ќе предизвика намалување на употребата на електрични возила во однос на другите опции за транспорт. Исто така, оданочувањето на електричната и топлинската енергија, а не и на индустриските корисници на енергија, може да доведе повеќе индустриски извори сами да генерираат енергија со што ќе се намалат емисиите од данокот. (Ова е друга форма на „истекување на емисии“.)

На кој начин предложените даночни стапки ќе се одразат врз цените на горивата?

Данокот на јаглерод ќе се применува на секој вид фосилно гориво што се користи во земјата, а износот што ќе треба да се плати зависи од количината СО2 што се ослободува кога конкретното гориво се согорува. Ако ги споредиме емисиите на СО2 од фосилните горива (тони СО2 на петаџули енергија), домашниот лигнит е гориво со најголем јаглероден интензитет, бидејќи испушта 107,9 kt CO2/PJ, а природниот гас е најмалку јаглеродно интензивен бидејќи испушта 55,1 kt СО2/РЈ.

Реалните износи за секое гориво ќе бидат изразени во различни единици, во зависност од тоа како горивата обично се продаваат на пазарот. Поради тоа, вистинските износи кои ќе се плаќаат за секое гориво можат да се споредат директно само со горивата за кои се користи истата метрика. На пример, дизелот испушта повеќе емисии на литар од бензинот, и затоа за дизел ќе се наплаќа поголем износ. Предвидените даночни стапки за секое гориво се прикажани во табелата подолу, согласно препорачаните даночни стапки од 8 и 28 ЕУР / тон.

 

Предвидени износи на данокот на јаглерод, со примена на емисионите фактори и даночната стапка


Важно е да се земе предвид дека владата може да избере да ги намали сите или дел од овие износи доколку смета дека цената на јаглеродот несразмерно влијае врз определен енергенс. За ова може да се користи дел од приходите генерирани од данокот на јаглерод. 

Какво влијание ќе имаат повисоките цени на горивата врз домаќинствата?

Во просек, повисоките цени на енергијата што произлегуваат од данокот на јаглерод се очекува во 2030 година да ги зголемат трошоците на домаќинствата за електрична и топлинска енергија како и за горивата за транспорт за 93,50 евра. Меѓутоа, бидејќи исто така се очекува до 2030 година да се зголемат и приходите, влијанието на ова зголемување врз буџетите на домаќинствата ќе биде помало од она што би било денес.

Врз основа на предвидувањата за расположливите приходи, добиени од студијата за моделирање спонзорирана од УНДП, се предвидува приходите да се зголемат до 2030 година и тоа во сите приходни категории. Табелата подолу ги прикажува приходите по категории со цел да се илустрира како зголемувањето на цената на енергијата ќе влијае врз групите со различни приходи (20 проценти од граѓаните со највисок приход се означуваат како Q5, следните 20 проценти со Q4, и така натаму). Зголемувањето на цената на енергијата поради воведувањето на данокот на јаглерод најмногу ќе влијае врз најдолните 20 проценти од граѓаните (тие што заработуваат најмалку), за кои дополнителните трошоци во 2030 година ќе изнесуваат 1,4 проценти од нивните приходи.

 Предвидени приходи по група и влијание врз вкупното зголемување на цената на енергијата во 2030 година


За да се ублажи влијанието врз домаќинствата кои би биле најмногу погодени од данокот на јаглерод, владата треба да размисли за тоа дел од приходите од данокот на јаглерод да се искористат за групите со најнизок приход, кои би добиле еден вид попуст (или субвенционирање на цената). Ова може да се направи така што сепак ќе се задржи мотивацијата предизвикана од данокот на јаглерод за намалување на количеството на енергија што се користи како и за намалување на употребата на јаглеродно интензивни енергенси за производството на електрична, топлинска енергија и при транспортот.

Кои се некои од можностите за користење на приходите од данокот на јаглерод?

Данокот на јаглерод ќе генерира приходи што владата може да ги користи за различни намени. Врз основа на моделирањето поддржано од УНДП, приходите од данокот се очекува да изнесуваат 60,4 милиони евра во 2025 година и 137 милиони евра во 2030 година. Сепак, реалните износи на наплатените приходи можат да бидат повисоки или пониски во зависност од тоа како корисниците на енергија реагираат на данокот.

И покрај тоа што овие приходи се значителни, ќе треба да се одлучи за што ќе се искористат. Изборот што ќе го направи владата во однос на тоа за што ќе се користат ќе влијае врз ставот на јавноста за данокот на јаглерод (мерката да добие или да не добие поддршка од јавноста). Затоа, владата треба стратешки да размислува при утврдување на начинот на кој ќе ги користи овие приходи.

Земајќи ги предвид добрите практики од другите држави, треба да се разгледаат следниве опции за користење на приходите:

  • Субвенции за потрошувачите со ниски примања. Голем приоритет треба да биде користењето на приходите од данокот за ублажување на регресивните ефекти на данокот на јаглерод со субвенционирање на очекуваното зголемување на трошоците за енергија за потрошувачите со најниски примања. Ова би можело да биде особено важно во Македонија имајќи предвид дека цените на електричната енергија во домаќинствата се очекува да се зголемат во следната деценија, а субвенциите постепено ќе можат да се повлечат. 
  • Компензација за работниците што може да бидат особено погодени од данокот на СО2. Привремената обука и компензација може да им помогнат на работниците во погодените индустрии (во рударството на пример) да преминат во други сектори. Треба да се процени потребата од ваквата поддршки имајќи ги предвид постојните програми за социјална помош.
  • Компензација за индустриите изложени на ризик да го изгубат пазарниот удел поради данокот на јаглерод. Индустриите што емитуваат многу јаглерод и учествуваат во меѓународната трговија (поради големиот извоз и/или увоз) може да изгубат дел од пазарот доколку Македонија воведе данок на јаглерод, а нејзините трговски партнери не воведат таков данок. Поради тоа, Македонија би можела да размисли за привремена поддршка на ваквите сектори во индустријата, во согласност со компензацијата што им се дава на индустриите во системот за тргување со емисии на Европската унија.
  • Инвестирање во дополнителни намалувања на емисиите. Може да се инвестира за дополнително намалување на емисиите во секторите во кои се плаќа данок (односно во енергетиката) и/или во секторите што не се опфатени со оваа мерка. Доколку се сака да се реинвестираат приходите во можности за намалување на емисиите во енергетиката, владата може да ги искористи овие инвестиции за да поттикне инвестиции од приватниот сектор во решенија со ниски и нула јаглеродни емисии. Ова дополнително би го зголемило влијанието на данокот на јаглерод.
  • Намалување на маргиналните даночни стапки. Владата може да ги користи средствата наплатени преку данокот на јаглерод за да ги намали стапките на постојните даноци (на пример, данокот на доход). На овој начин, данокот на „стоки“ (приход) се заменува со данок на „лоши“ нешта (CO2). Овој пристап може да ги намали вкупните влијанија од данокот на јаглерод врз економијата.

Дознајте повеќе

 Патоказ за данок на јаглерод  

 Технички извештај за данок на јаглерод

Македонски национален ревидиран придонес за климатски промени






Александар Дединец, Стејси Дејвис и Стен Колар

Овој информативен документ е подготвен од Центарот за политика за чист воздух (CCAP), со моделирање и анализа на данокот на јаглерод во македонски контекст. Соработници се Александар Дединец, научен соработник во Истражувачкиот центар за енергија и одржлив развој на Македонската академија на науките и уметностите (ИЦЕОР-МАНУ), Стејси Дејвис, директор за политика и програми на CCAP и Стен Колар, директор на програмите на CCAP за Европа и Азија. Документот е подготвен во рамките на проектот „Ревидиран национален придонес за климатски промени“ спроведуван со финансиска поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации во рамките на Иницијативата ветување за климата.

{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close