Позната е изреката дека сите модели се погрешни, но некои може да бидат корисни. Без официјален процес за проверка на квалитет на моделите и без нивна разбирливост за сите засегнати страни моделите можат да служат како политички оружја. Потребно е да знаеме да ги читаме и анализираме моделите за да можеме да земеме активно учество во дебатата околу квалитетот на моделите и употребата на нивните резултати. Покрај тоа, транспарентноста при моделирање ја зголемува веројатноста за успешна имплементација на препораките од моделите и ја олеснува меѓу-секторската соработка.
Климатската амбиција на нашата држава до 2030 година да се достигне 51% намалување на емисии на стакленички гасови или 80% намалување на нето емисии на стакленички гасови во однос на емисиите од 1990 е за поздрав. Овие цели се директен резултат на анализите на локални експерти од Македонската Академија на Науки и Уметности, која долгогодишно работи на употреба на математички модели со локални податоци за да процени кои цели би биле соодветни за нашата држава и со кои мерки би можеле најлесно да ги постигнеме. Позади овој процес стои долгогодишна комплексна работа со податоци и креирање претпоставки за социо-економскиот контекст на нашата држава особено во областа на енергетика, која за жал до скоро се случуваше позади затворени врати.
Важно е процесот на моделирање да биде транспарентен бидејќи математичките модели кои се користат при правење одлуки во енергетика или пошироко во областа на климатски промени можат да бидат искористени како политичко оружје. Ова се вели бидејќи истите се пософистициран метод од статистика, чиј квалитет малкумина имаат капацитет да го проверат, а сепак служат при креирањето на политики. Транспарентност при моделирање не опфаќа само пристап до влезни податоци или опис на методологијата. Туку, исто така, опфаќа и разбирливост на самите методологии и финансиски пречки при пристап до софтверските решенија кои би овозможиле дополнителни анализи за проверка на квалитет на резултатите од моделот.
Нашата држава не е единствена која се соочува со проблеми при транспарентност во процесот на моделирање. За пример, Европската Унија има платформа од модели центрирана околу PRIMES, Соединетите Американски Држави го користат NEMS-EPSA, а Норвешка SNOW; и тие се во рацете на затворен број на експерти. Една од главните препреки за транспарентност е тоа што споделувањето податоци, методологија и знаењето или пак комплетното отворање на процесот на моделирање одзема многу време и на експертите и на оние кои се заинтересирани да го разберат моделот. Тоа време не е ниту пропишано ниту платено при постоечките институционални процеси за креирање на политики. Понатаму, друга причина за малата транспарентност при моделирање е можноста споделувањето на податоци да предизвика реална или нереална критика на моделите и нивните резултати. Пронаоѓањето на ситна грешка при податоците може непотребно да ги дискредитира сите резултати или пак погрешна употреба на моделот од страна на неискусен моделер може непотребно да креира недоверба во моделот. За крај, моделот може да содржи сензитивни податоци кои би било не-етички да се споделат или пак податоци чии извори би сакале да останат анонимни. Овие пречки за транспарентност се доста разбирливи, но нивната континуирана затвореност може да предизвикаат недоверба во самите модели, кои сепак остануваат корисни алатки.
Предностите од отворање на процесот на собирање на податоци, моделирање и интерпретирање на резултати се значителни. За почеток би се зголемил квалитетот на самиот модел бидејќи би вклучил информации од поширок спектар на засегнати страни и би било полесно да се идентификуваат евентуални грешки бидејќи податоците ќе бидат под око на поголем број луѓе. Доколку моделите се по разбирливи за самите корисници односно креаторите на политики тогаш би се зголемила веројатноста дека препораките од моделот ќе се имплементираат. Дополнително, доколку креаторите на политики се директно вклучени во процесот на моделирање тоа би го зголемило чувството на сопственост врз моделот и неговите резултати па така уште повеќе би се зголемила веројатноста за имплементација. Актот на отвореност може да го популаризира моделот со што би се зголемила шансата да се искористат резултатите при правење одлуки и во други сектори, со што би се олеснила меѓу-секторската соработка.
Во рамките на проектот “Зајакнување на институционалните и технички капацитети за подобрување на транспарентноста за климатски промени во рамките на Договорот од Париз (CBIT проект)” се започнаа постапки за зголемување на транспарентноста и во моделирањето на мерки за ублажување на климатски промени. На пример, тимот од Македонската Академија за Науките и Уметностите одржа две обуки за кои може да прочитате повеќе овде. Исто така, некои од податоците користени при анализа на мерки за ублажување на климатските промени преку може да се пристапат преку Отвореното Владино Партнерство.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}