На 08.04.2021, ЗОР Милиеуконтакт Македонија ја реализираше третата обука на тема „ПОВРЗАНИ СЕКТОРИ со климатски промени – вода и отпад“.
На 08.04.2021, ЗОР Милиеуконтакт Македонија ја реализираше третата обука на тема „ПОВРЗАНИ СЕКТОРИ со климатски промени – вода и отпад“. Обуката е во рамки на CBIT проектот “Зајакнување на институционалните и технички капацитети за подобрување на транспарентноста за климатски промени во рамките на Договорот од Париз (CBIT проект)” на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), кој се спроведува во соработката со Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) и Глобалниот фонд за животна средина (GEF).
Целта на работилницата беше да обезбеди информации за релевантните засегнати страни и академската заедница за врските помеѓу секторите вода, отпад и климатски промени и потребата од неопходна акција во овие сектори и инвестиции во зелена ниско-јаглеродна економија во периодот после пандемијата.
На работилницата присуствуваа околу 60тина претставници од јавните инстуции, претставници од МЖСПП, МТСП, УНДП, ГЕФ, ПМФ, општини во РСМ, јавни комунални претпријатија и претставници на здруженија на граѓански оганизации кои работат во областа на животната средина.
Од страна на г-ѓа Ана Каранфилова Мазневска, Раководител на сектор за управување со отпад во МЖСПП, беше презентирана состојбата со управувањето со отпадот на национално ниво, почнувајќи од законите и подзаконските акти кои се усвоени и се на сила во РСМ и нивната имплементација, како и планираните закони и подзаконски акти кои треба да се донесат во иднина. Таа исто така се осврна и на состојбата со отпадот во 8те плански региони, каде што целокупната проектна документација за воспоставување на интегриран и финансиски одржлив систем е изработена за сите плански региони. За Источниот и Североисточниот регион, постапката е на самиот крај, односно се очекува за околу две години пуштање во функција на првата централна постројка за управување со отпад за Источен и Североисточен регион која ќе биде лоцирана во близна на градот Свети Николе.
Од страна на г-ѓа Љупка Д. Зајков, Помошник раководител на сектор за води, беше прикажана постоечката и планирана политика и стратешка рамка на секторот Води при МЖСПП со ангажман на институциите околу оваа тема и националниот напредок. Таа се осврна на сегашната, но и планираната законска регулатива за води, основните стратешки документи за управување со води, употребата на води и визијата односно целите кои се однесуваат на употребата на води во разни сектори (земјоделие, индустрија, енергетика и др.), следење на состојбите со површинските и подземните води и изворите на финансирање за тековните и планираните активности во секорот води.
Од страна на Д-р. Мјелма Мехмети Петерсен, Државен советник за европски интеграции во Министерството за локална самоуправа, беше презентирана Инвестициската рамка на Западен Балкан (WBIF), односно кон кои области се насочени значителните инвестициски мерки, кои се корисниците на оваа финансиска помош, кои се областите на делување, односно финансирање и сл. Во презентацијата беше објаснет и системот на донесување на одлуки и селекција на проекти на национално ниво, со акцент на клучните услови кои треба да ги исполнуваат предложените проекти.
Д-р Петра Поп Ристова во својата презентација “Отпадни води како ресурс”, се осврна на решенија инспирирани и поддржани од природата, кои се costeffective и истовремено обезбедуваат придобивки за животната средина, општеството и економијата, и помагаат во градењето на отпорност кон климатските промени. Акцентот беше ставен на вештачките водени живеалишта за третман на отпадни води, кои се всушност решенија инспирирани и поддржани од природата. Овие водени живеалишта се многу ефтини за воспоставување и одржување, а притоа имаат голема корист од аспект на митигација на СО2, рехабилитација на екосистеми, подобрување на состојбата со биодиверзитетот, рекреација и естетска вредност. Конкретно предлог решение за пречистување на отпадни води со врби или нула испуст решение, беше објаснето исто така во нејзината презентација.
Борче Кузмановски од НВО Гоу Грин, Скопје, во својата презентација го објасни терминот примарна селекција и зашто е потребна и значајна примарната селекција, односно дека отпадот нема да заврши во депонија а со тоа ќе ги заштити почвата, водата и воздухот, а исто така преку активно дејствување се зголемуваат свеста и навиките кај граѓаните за зачувување на животната средина. Беше објаснета иницијативата „Селектирам“, која претставува систем за примарна селекција во домаќинствата и обезбедување на пристојни услови за работа на собирачите на отпад, нивна заштита и едукација, како и интеграција во формализиран систем за управување со отпад, која беше воспоставена од Гоу Грин во соработка со станари од околу 50 згради во Скопје, каде е собрана 2405 кг пластика и хартија 4550 кг, од 46 згради со вкупно 1750 станари кои практикуваат селектирање.
Ирена Мирчовска од НВО Еко Тим Исток, Кочани, во својата презентација ја претстави целта, активностите и резултите од проектот: „Селектирај пластичен отпад од земјоделството и дај свој придонес за борба против климатските промени“. Проектот бил реализиран во партнерство со ЕКОПРОЕКТ-КО ДОО Кочани, кој има за цел воспоставување на систем за правилно постапување и управување со отпадната пластика од земјоделството во општина Чешиново – Облешево, односно негово собирање, рециклирање и предавање за понатамошен третман, наспроти досегашното фрлање на овој отпад покрај реки и низ оризови полиња. Проектот е прифатен како решение за овој вид на отпад и истиот е реплициран и во општина Карбинци.
Целата обука е достапна на овој линк.
Повеќе обуки од областа на климатските промени се достапни на тренинг планот за 2021, додека минатите обуки можете да ги погледнете тука.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}