Образование за климатски промени – зошто, кога, како, кој? (III дел)

Образование за климатски промени – зошто, кога, како, кој? (III дел)



Образованието е еден од клучните одговори за да се намали и превенира штетата. Квалитетното образование е основно човеково право и темел на општествено - економскиот развој.

КОЈ?

КОЈ - се однесува на имплементацијата. Според мене ова е најтешкиот дел . . . и тука најчесто паѓаме, или народски кажано – киксираме, заради тоа што почнуваат да се мешаат многу различни интереси. Но, пред да преминеме на одговор на ова прашање, да се потсетиме на претходните два блога од оваа серија поврзана со образованието за климатски промени каде беа дадени одговори на прашањата ЗОШТО, КОГА и КАКО:

ЗОШТО објаснува дека образованието за климатски промени (ОКП) е неопходно согласно препораките на Обединетите Нации, Европската Унија и други релевантни меѓународни организации со цел образовниот систем да придонесе за зголемување на „климатската писменост“ и „снабденоста“ на младите со „зелени“ компетенции и да ги подготви младите и идните генерации да се справат со глобалните предизвици (меѓу кои се и последиците од климатските промени, но и воведувањето на т.н. зелени технологии). За среќа полека созрева свеста за овој вид на образование и кај креаторите на образовните политики во држава, но и кај пошироката јавност.

КОГА ни укажува дека одредено ниво на вклученост на содржини од климатските промени веќе се имплементирани во образовниот систем кај нас; тоа и го покажа анализата на оваа тема[1]; но, недостасува меѓусебна корелација и координација во однос на содржините од климатски промени во формалните програми во основното и средното образование од аспект на редослед, ширина и опфат на содржините, осовременување на темите и податоците, примена на соодветна „зелена“ педагогија, итн. Слично е и со верификуваните програми за образование на возрасни (многу малку од програмите допираат теми поврзани со климатските промени). За среќа, има серозна критична маса на невладини организации кои работат на ова поле и даваат многу значаен придонес во неформалниот сегмент на образованието. Но, образовните промени во сите сегменти, покоренити, посеопфатни и поквалитетни мора да се направат СЕГА – ВЕДНАШ и да се искористи моментот на реформи кој се случува во овој период во основното и средното стручно образование. Експертската јавност и граѓанскиот сектор е тука за да овие реформи бидат направени со вклучување на сите засегнати страни на најквалитетно можно ниво.

КАКО ни ги претставува начините на воведување на содржини од климатските промени во формалниот и неформалниот систем на образование и ни укажува на чекорите кои треба да се направат за да се подобрат состојбите во ова поле. Во извештајот од истражувањата реализирани на оваа тема дадени се бројни сугестии КАКО ова да се направи, но поважните се - потребно е: (а) формирање на експертски тим во рамките на Министерството за образование и наука кој ќе работи на ова поле со цел поголема и поквалитетна застапеност на климатските промени во образовниот сектор; (б) сериозно осовременување и проширување на содржините поврзани со климатските промени во сите предмети каде веќе постојат вакви содржини, проследени со квалитетни тематски обуки на наставниот кадар; (в) воведување на предмет поврзан со климатските промени како изборен во IX одделени во основното образование; (г) длабинско проширување на постојните содржини во стручните предмети во насока на воведување и користење на нови, зелени технологии; (д) во процесот на верификување на обуките, Центарот за обуки за возрасни да влијае во насока на воведување на повеќе обуки и содржини поврзани со климатски промени и транзиција кон зелена економија (нови технологии и сл.), итн.

И сега доаѓаме до прашањето КОЈ чии одговори се најкомплексни. Причината за ова е тоа што тука почнуваат да се мешаат интересите на повеќе страни (политички, организациски, лични, итн.). Генерално, на институционално ниво јасни се ингеренциите КОЈ треба да ги реализира работите. Но, проблемите почнуваат да се јавуваат кога доаѓа до промени на влада, министер (и првите два-три ешалони на власта), директор на агенција и сл. Искуствата со реформите во нашата држава (вклучувајќи ги и образовните) во изминатите 20-ина, па и повеќе години покажуваат дека:

  • развојот на стратегиските документи најчесто е поддржан со средства и експертска помош од меѓународни организации (ЕУ, ООН, Светска Банка, донатори, билатерална помош, итн.). На овие документи работат тимови од меѓународни и домашни експерти и генерално, овие стратегии се коректно направени и базираат на препораки од релевантни интернационални организации од соодветните области. Тука како проблем понекогаш се јавува временската перспектива, која често е со дијапазон од неколку години. Со оглед на комплексноста на проблематиката поврзана со климатските промени – фокусот на стратегиските документи поврзани со оваа  тематика (вклучувајќи го и ОКП) мора да биде долгорочен (20-30, па и повеќе години) и конзистентен! Без оглед на тоа дека и понатаму ќе биде потребна меѓународна експертска и финансиска поддршка за развој на клучните стратегиски документи, добро би било оваа и секоја од наредните централни и локални раководства (влади) да обезбедат посебни т.н. стратегиски буџети во своите финансиски планирања за развој и поддршка на клучните стратегиски документи во приоритетните области, вклучувајќи ги тука и областите поврзани со климатските промени.
  • од аспект на конзистентноста, односно континуитет во имплементацијата на некоја стратегија или акциски план, најголем проблем се јавува со промената на централната или локалната власт (различни политички партии). Секој оној кој ќе дојде за прв/втор човек во институцијата сака да воведе нешто ново, „за прв пат“, особено ако тие што биле претходно биле од спротивната партија! Со ова се губи континуитетот, бидејќи „тие претходните“ не направиле ништо добро (или пак направиле многу малку). Тука мора да се изземат професионалците (а ги има во секоја институција) кои се обидуваат најсовесно да си ја завршат својата работа и да постапуваат согласно поставените задачи од стратегијата или акцискиот план.
  • изборот на експертската група која ќе работи на имплементацијата на акцискиот план од соодветните стратегиски документи е можеби најважниот дел од одговорот на прашањето КОЈ. Зошто – бидејќи ние имаме експерти и „експерти“, подобни и неподобни, наши и нивни, поделени по етничка основа, и други поделби на професорите, наставниците, административците, советниците, граѓанските здруженија, итн. Дополнителен проблем е што оваа проблематика е мултидисциплинарна и вклучува различни образовни нивоа и не е можно да имаме универзални експерти!!!
  • откако експертскиот тим ќе ја заврши квалитетно работата и содржините за климатски промени се проширени, осовремени и усвоени од образовните власти во наставните програми треба да се изработат соодветни прирачници и наставни материјали (особено за основно и средно образование), следното КОЈ се однесува на тоа КОЈ ќе ги подготви овие материјали – и повторно – тука мора да биде избран мешан мултидисциплинарен експертски тим кој ќе подготви современи материјали, но кои ќе се во корелација со наставните програми по поединечните предмети (на пр. географија, биологија, граѓанско општество, животни вештини, итн.)
  • врвни високо-квалитетни обуки (во кои се вклучени најсовремени материјали и соодветна „зелена“ педагогија) низ кои треба да поминат неколку илјади наставници водат кон следното - КОЈ. Тука, клучното прашање е КОЈ ќе ги држи обуките. Квалитетни обучувачи и експерти е основното кое мора да биде предуслов за правилен избор на понудувачите на обуки, што ќе резултира во добра имплементација и трансфер на знаењата и новините кон наставниците.
  • и на крај – најважното КОЈ – а тоа се НАСТАВНИЦИТЕ. Само целосно мотивирани наставници, за кои е обезбедена целосна поддршка, ќе придонесат за развој на климатската писменост и зелените компетенции кај младите. Целосна поддршка значи: навремена снабденост со наставни материјали и прирачници; квалитетни обуки со насоки за користење на соодветна „зелена“ педагогија; поддршка од училишниот менаџмент, но и околината за учество на проекти, натпревари, посети на компании и сл. поврзани со темите од климатските промени; потоа учество на ЕУ проекти и мобилност на наставници и ученици во други земји итн. За наставниот кадар треба да се развие и систем на признавање/наградување на нивните ангажмани за подобра реализација на наставата и себевложување во образовниот процес со цел учениците/студентите подобро да ги развијат своите зелени компетенции, односно да бидат по-климатски писмени. Системот на наставник - ментор е еден од можните начини како да се наградат посветените наставници.

Многу предизвици се пред нас, но заедно мора сите да работиме на подобро утре за нашите деца, бидејќи имаме само една планета, а одлуките и постапките кои ние сега ги правиме – ќе резултираат со ефекти (позитивни или негативни) за 10, 20 и повеќе години!!!

Проф. д-р Радмил Поленаковиќ

Професор на Машински факултет, УКИМ, Скопје. Учествувал во реализација на над 100 проекти (како тим лидер во над 50) финансирани од најразлични EU програми, домашни министерства, агенции и општини, итн. Бил тим лидер на Националната стратегија за претприемачко учење 2014-2020, Стратегија за кластери 2018-2025, Регионални иновациски стратегии за планските региони, итн. Публикувал над 310 трудови, извештаи, презентации и др., од кои повеќе од 10 учебници и прирачници за основно, средно и високо образование. Во 2006 год. го основа Бизнис Старт-ап центарот на УКИМ, а во 2009 година Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење во чии рамки се основани повеќе од 60 старт-ап компании.

{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close