Образование за климатски промени – зошто, кога, како, кој? (II дел)

Образование за климатски промени – зошто, кога, како, кој? (II дел)



Образованието е еден од клучните одговори за да се намали и превенира штетата. Квалитетното образование е основно човеково право и темел на општествено - економскиот развој.

КАКО до образование за климатски промени?

  • Што покажаа анализите?

Истражувањето за вклученоста на образованието за климатските промени во формалниот и неформалниот образовен систем во нашата држава се реализираше со техничка и финансиска поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ), во рамки на проектот „Четврт национален план и Трет двегодишен извештај за климатски промени кон Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (УНФЦЦЦ)“[1].

Беше спроведена:

  • анализа на формалниот образовен сектор (онлајн истражување на достапните наставни програми од предучилишно, основно и средно образование, и дел од достапните учебници, како и на студиските програми од акредитираните високообразовни институции);
  • анализа на неформалниот образовен сектор (верификувани програми на Центарот за образование на возрасни и преглед на дел од понудата на обуки и тренинзи поврзани со предметната проблематика на невладините организации).

Во сегментот на формалното образование и во делот на програмите на Центарот за образование на возрасни, истражувањата се реализираа во однос на клучни зборови поврзани со климатските промени, додека во делот на невладините организации, беа испратени прашалници до близу 80 организации кои работат во предметната проблематика и, од добиените одговори,  направен е увид во понудата на обуки и тренинзи поврзани со климатските промени.

Реализираните истражувања и анализи покажаа дека во нашата држава е постигнат определен степен на развој во имплементацијата на образованието за климатски промени во сите сегменти на образовниот систем. Радува фактот што одредени содржини од оваа проблематика се сретнуваа во основното образование и во предмети како што се: мајчин јазик, странски јазици, граѓанско општество, животни вештини, етика, ликовно образование, иновации и др. Покрај во овие предмети, содржини од климатски промени има и во географија, физика, хемија, техничко образование, како и во голем дел од стручните предмети, пред сѐ од техничките струки во средното образование. Истражувањата покажаа дека во сите сегменти од образование постојат содржини поврзани со климатските промени, но до сега никој не направил хоризонтален (или трансверзален) преглед на квалитетот и обемот на тие содржини од аспект на тоа колку детално во различни предмети или програми се изучуваат овие содржини, дали постои поврзаност на темите вертикално (во разни степени на образование, на пример: V, VI, VII одделение, итн.) или хоризонтално (во разни предмети) и дали има преклопување на содржините или нивно надградување, потоа, колку информациите презентирани во програмите и учебниците се современи и базирани на научни факти, итн.

Како дополнителен предизвик со кој се соочуваат наставниците и сите оние кои го пренесуваат знаењето од оваа област е користењето на соодветни дидактички методи, форми и техники кои треба да базираат на современите технологии и алатки со кои оваа проблематика подобро би се доближила до учениците, студентите, односно слушателите. Анализата спроведена на големиот број на програми за обука за возрасни, кои се верификувани во Центарот за образование на возрасни (ЦОВ), идентификуваше дваесетина програми за обуки кои во своите описи содржат некој од клучните зборови блиски до климатските промени. Овој број на обуки за возрасни / за преквалификација поврзани со климатските промени е многу мал, а по содржина е релативно оскуден! Во процесот на верификација на програмите за обука на возрасни, ЦОВ може сериозно да влијае на понудувачите на обуки со сугестии во програмите да се вклучат содржини за образование поврзано со климатските промени. Ова е целосно во насока со препораките и планот на Европската Унија и Организацијата на Обединетите Нации за транзиција на образовниот сектор кон економија базирана на знаење и кон подготовка на младите (но и оние на кои им е потребна преквалификација) кон новите зелени технологии.

Граѓанскиот сектор, како и во повеќето развиени земји, најчесто е движечката сила за промените во разни области на работа и живеење. Идентификуваните теми и форми на неформално образование за климатски промени во невладиниот сектор се одлична основа за нивна надградба и моделирање во согласност со регулативите за стандардизација на неформалното образование во државата, како и во согласност со современите трендови и насоки кои доаѓаат од развиените земји и релевантните меѓународни организации.

Анализите на застапеноста на образованието за климатски промени во формалното и неформалното образование покажаа дека во нашата земја:

  • постои одредено ниво на климатска писменост која е резултат на застапеноста на одредени содржини од климатските промени во основното и средното образование, како и на дел од факултетите (особено кај техничките и природно математичките области), но и како резултат на активностите на невладиниот сектор, кој дел од своите обуки и тренинзи ги има верификувано и како програми во рамки на Центарот за образование на возрасни;
  • недостасува меѓусебна корелација и координација во однос на содржините од климатски промени во формалните програми во основното и средното образование, од аспект на редоследност, ширина и опфат на содржините, осовременување на темите и податоците, примена на соодветна „зелена“ педагогија, итн.;
  • заради автономијата на универзитетите, осовременувањето и поголемата застапеност на содржини од климатски промени во студиските програми и предмети на факултетите, зависат од желбата и способноста на наставниот кадар и можностите и политиките на факултетите, односно универзитетите.

Согласно горе кажаното, прашањето „КАКО ДО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ?“, ќе го променам во „КАКО ДО ПОКВАЛИТЕТНО И ПОСЕОПФАТНО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ?

Подолу, следат неколку предлози – одговори на прашањето КАКО – кои произлегоа од направените анализи (многу подетални препораки има во самиот извештај):

  • Залагањето за воведување и интензивирање на образованието за климатски промени да биде долгорочна цел на Владата на Република Северна Македонија (најмалку до 2050 година) преку влез на ова барање во клучните стратегиски документи. Притоа, овие политики да не зависат од тоа која политичка партија е на власт или има свој министер во клучните ресорни министерства од оваа проблематика (Министерство за образование и наука МОН и Министерство за животна средина и просторно планирање - МЖСПП).
  • Усогласување (координирање) на стратегиите за општествено-економски развој на ниво на држава со образовните политики и политиките за одржлив развој (Влада на РСМ со ресорни министерства).
  • Усогласување и надградување на постојната Стратегија за образование на РСМ 2018 – 2025 и Концептот за развој на основното образование со најновите препораки од релевантни меѓународни институции поврзани со развој на „зелени“ компетенции и климатска писменост (МОН).
  • Во развојот (реформата) на Стратегијата за образование и Концепцијата за реформа на основното образование, предлагам користење на холистички пристап во кој истовремено ќе се развиваат сите клучни компетенции за доживотно учење согласно препораките на ЕУ, со главен фокус на:
    • DigitCompдигитални компетенции,
    • EntreComp – претприемачки компетенции,
    • LifeCopm – компетенции за животни вештини,
    • GreenComp – т.н. „зелени“ компетенции за климатски промени и одржлив развој.
  • Формирање на координативна група за образование за климатски промени во МОН, во која ќе се работи на оперативно ниво и во која, покрај претставници од МОН, БРО, ЦССО, ЦОВ, ќе членуваат и претставници од НВО и бизнис секторот. Оваа група треба да се поврзе со националното тело за климатски промени и националниот координативен механизам во врска со Зелениот климатски фонд.
  • Поддршка од страна на Министерството за образование и наука за реализација на дел од активностите поврзани со содржините од образование за климатски промени преку: гости предавачи, организирани посети на компании и други организации, учество на натпревари, саеми и летни училишта (кампови) поврзани со зелени технологии, климатски промени, екологија и генерално, одржлив развој и исполнување на целите на одржливиот развој (SDG).
  • Формирање на експертска група поврзана со образование за климатски промени која ќе направи детален увид во содржините од предметната проблематика во основното и средното образование (од аспект на осовременување и проширување на содржините, избегнување на преклопување на одредени теми, посочување на користење на  правилна „зелена педагогија“, итн.). Дополнително, оваа група ќе треба да ги согледа можностите за воведување на посебен предмет поврзан со Климатските промени (задолжителен или изборен) во IX одделение од основното образование.

Следи трето продолжение на текстот на 23.2.2021 со одговор на прашањето КОЈ.

Проф. д-р Радмил Поленаковиќ

Професор на Машински факултет, УКИМ, Скопје. Учествувал во реализација на над 100 проекти (како тим лидер во над 50) финансирани од најразлични EU програми, домашни министерства, агенции и општини, итн. Бил тим лидер на Националната стратегија за претприемачко учење 2014-2020, Стратегија за кластери 2018-2025, Регионални иновациски стратегии за планските региони, итн. Публикувал над 310 трудови, извештаи, презентации и др., од кои повеќе од 10 учебници и прирачници за основно, средно и високо образование. Во 2006 год. го основа Бизнис Старт-ап центарот на УКИМ, а во 2009 година Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење во чии рамки се основани повеќе од 60 старт-ап компании.

{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close