Концептот на паметен град отвора нов поглед кон градските услуги преку користење на дигиталните технологии. Второто име на паметниот град е екосистем чии припадници, секој со свои цели и интереси, соработуваат за подобар живот. Негова цел е да ги оптимизира градските операции и услуги и да се поврзе со граѓаните. Овозможен од технологијата Интернет на нештата (IoT), паметниот град претставува размена и анализа на податоци во мрежно поврзани системи со помош на интернет, со цел да се следат и управуваат системите за транспорт, улично осветлување, водоснабдувачки мрежи, отпад, училишта, библиотеки, болници и други слични услуги.
Во најголем дел од човечката историја, луѓето живееле во мали заедници. Со текот на годините, а особено последните декади, овој податок драстично се менува и светот сведочи за масовна миграција од рурални во урбани средини (таб.1). Се претпоставува дека до 2050 година 68% од светската популација ќе живее во урбани средини (извор: ОН). Како што растат градовите, така расте и јаглеродниот белег кој го оставаат нивните граѓани.
Токму предизвиците, поврзани со обезбедување дом, транспорт, енергетски системи, работни места, соодветно образование, поголема побарувачка на ресурси, кои се појавуваат при развој на урбаните средини, можат да се надминат со имплементирање на технологи карактеристични за еден паметен град. Одредени делови од Земјината топка, како: Амстердам, Барселона, Мадрид, Копенхаген, Сингапур, Њујорк, Кина, Дубаи..., веќе имаат имплементирани програми и апликации од технологијата на паметни градови.
Таб.1 Процентуален приказ на зголемување на населеност во урбана средина
Година |
Извор | Процент на население во урбана средина |
Забелешка |
1960 | Перспектива на ОН за светска урбанизација (англ. UN World Urbanization Prospects) | Приближно 33.7% | Двојно повеќе население живеело во рурална средина. |
1990 | Перспектива на ОН за светска урбанизација (англ. UN World Urbanization Prospects) | Приближно 43.1% |
|
2007 | Перспектива на ОН за светска урбанизација (англ. UN World Urbanization Prospects) | Приближно 50.01% | Првпат бројот на население во урбана средина го надминува бројот на население во рурална средина. |
2017 | Перспектива на ОН за светска урбанизација (англ. UN World Urbanization Prospects) | Над 55% |
|
2019 | www.worldometers.info | Приближно 56% | Последен статистички податок на оваа тема. |
Во овој контекст, се наметнува прашањето: За какви апликации станува збор и како истите придонесуваат за намалување на емисиите на стакленички гасови, рационално искористување на енергија, правилно управување со отпад и ублажување на климатските промени?
Во продолжение се претставени само неколку од нив кои поттикнуваат еколошка свест, одговорно однесување и намалување на негативниот белег кој граѓанинот го остава врз природата.
Паметното управување со сообраќај може да го контролира текот на возила, да намали сообраќаен метеж, а со тоа секако, да се намали транспортното време и емисиите на штетни гасови. Семафорите што користат моментални податоци може да помогнат за ,,изедначување’’ на сообраќајот. Сепак, бидејќи тие ги детектираат возилата само кога се наоѓаат на крстосница, целокупната мрежа на паметен сообраќај се состои од повеќе извори на податоци. Се поставуваат сензори на стратешки места за да се предвиди кој од која страна се вклучува во сообраќајот. На сличен начин се постигнува и зелениот бран-координација на семафори за континуиран проток на сообраќајот. Со оглед на тоа што најголеми емисии на штетни гасови има при стартување на возилото, намаленото запирање на сообраќајот постепено води до почист воздух и почиста околина, а возачот за пократко време пристигнува до посакуваната точка. Сообраќајот може да се регулира со дополнителни услуги како информации за слободно паркинг место-покрај тоа што е идеално за возачот, животната средина е благодарна на овој концепт бидејќи се елиминира непотребното транспортно време.
Паметните системи за осветлување на градот играат голема улога при управувањето со енергијата. Големата потрошувачка на енергија води и до голема побарувачка. Паметните градови треба да обезбедат употреба на енергија само кога е неопходна. Паметните системи за осветлување можат да поврзат LED светилки со безжичен интернет за поедноставно управување, да содржат сензори кои детектираат движење или пак се прилагодуваат на надворешната светлина и, во комбинација со паметни апликации, да го намалат човечкото влијание врз околината. Се применуваат слични концепти како и кај системи за осветлување во паметни домови, со тоа што во градските средини мрежата е пошироко распространета.
Постојат и различни паметни системи за управување со отпад, креирани соодветно според инфраструктурата и можностите на градот. Најприменуван принцип е сензорско надградување на контејнерите така што тие алармираат во моментот кога се полни и треба да се испразнат. На тој начин, камионите кои собираат отпад не се движат непотребно низ градот-дејствување врз емисиите на штетни гасови, а отпадот не е расфрлан до контејнерот, низ улици и паркови. Според истражување од 2016 год. (извор: https://www.cisco.com/ ), се очекува во следниот период од 10 години Барселона да заштеди 4 билиони долари само од имплементираната конекција и паметниот систем за управување со отпад.
Ова е само мал дел од придонесот на паметните градови кон заштита на животната средина. Секако, мрежната поврзаност, прикажана на сл. 1, и интернетот овозможуваат собирање на податоци и мониторинг на состојбата во градот во секое време, со што може да се следи потрошувачка на ресурси, ниво на водна површина, загадување на воздухот, сè со цел навремена реакција при итни случаи и анализа на состојбата при креирање стратегии за еколошко одржување.
сл. 1 компоненти на паметен град овозможен од IoT технологија
(преземена од https://smartwatermagazine.com/news/diehl-metering/smart-cities-and-industries-iot-solutions-diehl-metering)
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}