Земјоделството е многу силно изложено на влијанието на климатските промени, пред се поради фактот дека земјоделските активности се изведуваат на отворено и директно зависат од климатските услови. Од друга страна земјоделството значително емитува стакленички гасови пред се преку испуштање на метан и азотни оксиди, кои се едни од најмоќните гасови на стаклена градина. Со цел да им помогне на земјоделците да се справат со климатските промени, Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) во последните години во партнерство со Општина Струмица обезбеди поддршка која беше главно фокусирана на рационално искористување на расположливите ресурси на вода и заштита на родот од ризик од екстремни временски појави.
За резултатите и можностите за одржливост на поставените активности, разговараме со проектниот специјалист Игор Костовски, кој беше активно вклучен во спроведувањето на овие иницијативи.
Разговараше: Дарко Чекеровски, UNDP
Од квалитетот на животната средина зависи иднината на човештвото. Земјоделството е еден од главните сектори кои имаат влијание врз животната средина, но во исто време е силно изложено на влијанието на климатските промени, пред се поради тоа што земјоделските активности главно се изведуваат на отворено и директно зависат од климатските услови. Кои се предизвиците за земјоделството кои ги носат климатските промени?
Количината, квалитетот, безбедноста и достапноста на храната се основата од која зависи опстанокот на човештвото. Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП помогна да се направат детални анализи за тоа како климатските промени ќе влијаат на различни гранки од земјоделството, од раноградинарски производи, до лозарство и култури кои се садат на отворено и не секогаш се наводнуваат. Производството и обезбедувањето на здрава храна е еден од врвните приоритети на секоја земја. За Македонија, неретко се потенцира дека се работи за земја во која почвата и климата даваат извонредни услови за производство на храна која е со одличен квалитет. По количество, може дури и десеткратно да ги надмине потребите на земјата. Значи не станува збор за каква било, туку производството на храна, како економска гранка која е од критично значење за државата и со изразен извозен потенцијал.
За жал, ваквите состојби не се постојани и се предмет на промени особено во последните две децении, на кои сме сведоци сите ние. Сериозната промена во климата изразена преку зголемувањето на температурите и намалување на количините и интензитетот на врнежите, екстремни временски појави, како што се топлотните бранови, сушите, силното невреме и поплавите, предизвикаа и сериозни промени во вегетацискиот период на земјоделските и овоштарските култури. Ова понатаму предизвикува директно влијание врз количината, родот и квалитетот на културата.
Но, сепак се работи за двонасочен процес. И начинот на справување со штетници или поконзервативните методи на обработка на земјиште влијаат, имаат негативни ефекти врз климатските промени. Кои се последиците од овој начин на работење врз климата и климатските промени?
Земјоделството учествува во предизвикување на климатските промени со значајни емисии на стакленички гасови пред се преку начинот на одгледување одредени култури, ѓубрење и справување со штетници, употреба на пестициди, испуштање на метан и азотни оксиди, кои се едни од најмоќните стакленички гасови. Заради ова, може да заклучиме дека зејмоделскиот сектор е еден од најизложените на негативните влијанија на климатските промени, но и самиот тој влијае на нив.
Соочени со ова, земјоделските поизводители во континуитет се обидуваат да ги пронајдат вистинските мерки за справување со последиците од климатските промени. Голем дел од нив проценија дека е потребно да направат замена на културите кои ги одгледуваат, но и во таков случај беа соочени со истите проблеми.
Каде треба да се бара решението, одговорот на овие состојби?
Одговорот треба да се бара во директно соочување со проблемите, а не нивно заобиколување. Неопходно е пристапот кон мерките за ублажување и мерките на адаптација на земјоделскиот сектор да биде многу похрабар и поефикасен, не само за да се намалат негативните ефекти, туку и да се искористи неговиот силен потенцијал за намалување на проблемот. Така на пример, земјоделците обработуваат околу 50% од земјиштето во Македонија и користат 60-80% од слатката вода во земјата, додека сточарите во шталите, кокошарниците, трлата или фармите одгледуваат огромен број на животни. Сите тие заедно користат илјадници тони токсични материи во вид на пестициди, ѓубриво, и останати агро-хемикалии, заради заштита на растенијата од штетници, но, и за исхрана и одржување на сточниот фонд.
Програмата за развој на Обединетите нации повеќе од една декада работи на помагање на модернизирање и унапредување на земјоделските практики во преспанскиот регион, а во последните години во струмичкиот регион. За каков вид помош се работи?
УНДП долги години дава директна поддршка на земјоделците во справување со климатските промени, главно фокусирана на рационално искористување на расположливите ресурси на вода и заштита на родот од ризик од екстремни временски појави. Истовремено, Програмата за развој на Обединетите нации им помага на земјоделците, обезбедува обуки со домашни и светски експерти за зголемување на родот преку примена на нови и иновативни практики, и зголемување на квалитетот и вредноста на родот преку ригорозна контрола и драстично намалување на количината на хемиското третирање на растенијата. Направени се и прирачници согласно потребите на земјоделците. Од почеток на овие иницијативи земјоделците гледаа сомничаво, но кога видоа дека од обуките има резултати, придобивки, теоретски но уште повеќе практични придобивки, програмата стана масовна и досега низ обуката поминаа неколку стотици земјоделци.
Ваквиот пристап цениме дека е оптимален бидејќи обезбедува рационално користење на расположливите ресурси (во најголема мерка на водата, чие намалување на капацитетите во следните децении само дополнително ќе ја усложни ситуацијата), но во исто време и обезбедува чиста и незагадена животна средина која е од основно значење за производство на здрава храна, така и заради обезбедување на услови за здрав живот на населението.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}