ЕУ финансиските механизми за истражување, развој , иновации и трансфер на климатски технологии

ЕУ финансиските механизми за истражување, развој , иновации и трансфер на климатски технологии



Во изминатата декада, Европската комисија (ЕК) ја усвои Стратегијата „Европа 2020“ со три зајакнувачки приоритети за паметен, одржлив и инклузивен раст, дизајнирана да ја реализира агендата на ЕУ за растеж во тековната деценија. Нагласените приоритети имаа за цел да придонесат кон подобрување на конкурентноста, продуктивноста и одржливиот развој, а мерливоста на реализацијата се следеше според индикатори , дефинирани да се постигнат до 2020 година. Притоа, во однос на целта за одржлив развој беа поставени следните индикатори: намалување на емисијата на стакленички гасови за најмалку 20% во однос на нивото од 1990 година , зголемување на учеството на обновливите извори на енергија во потрошувачката на финална енергија на 20% и зголемување на енергетската ефикасност од 20%.

Денес, јасно е дека Стратегијата „Европа 2020“ даде важен придонес во социо-економскиот развој на ЕУ, од нејзиното лансирање во 2010 година: рекордно високо вработување, исполнета е целта за емисии на стакленички гасови, целите за обновлива енергија и енергетска ефикасност се на добар пат. Притоа, ЕУ го спроведува напредокот според целите на Стратегијата за 2020 година, со стимулирање на истражување, иновации и инвестиции во проекти преку различни финансиски механизми на ЕУ (Horizon 2020, COSME, CEF, LIFE, Erasmus+, IPA), во различни тематски категории. Анализата на ЕУ финансиските механизми кои финансираат развој и иновации на климатски технологии, како и трансфер на технологии за справување со климатските промени, покажа дека голем дел од нив се достапни о за земјите во пред-пристапна фаза, меѓу кои е Република Северна Македонија.

Хоризонт 2020 Рамковна програма на ЕУ

Од 2014 година, според Регулативата на ЕУ, сите механизми на Европската унија, програми и можности за финансирање на науката, иновациите, технологијата и општеството, се под Рамковната програма „Хоризонт 2020“за истражување и иновации, за период 2014-2020 година, со вкупно проектирани инвестиции од 75 милијарди евра. Хоризонт 2020 се спроведува преку три повеќегодишни програми за работа, кои ги интегрираат целите и политиките на ЕУ преку поставувањето приоритети, подготвени од Европската Комисија и советодавните консултативни групи од индустријата, истражувачкиот сектор и општеството.

Хоризонт 2020 Рамковна програма на ЕУ и новата работна програма  2018-2020, како последна за Хоризонт 2020, базира на приоритетите на ЕУ во насока да се зголеми конкурентноста преку развој на технологии и иновации, целосно ажурирана со нови цели и приоритети, заради поврзување со претстојната програма Хоризон Европа, која ќе биде следната рамковна програма за развој и иновации, за периодот 2021-2027.

Работната програма 2018-2020 идентификува неколку клучни новини, кои директно се поврзани со развојот, иновациите и трансферот на климатски технологии за справување со климатските промени и одржливиот развој:

  • акции кон три О“политики за отворена иновација, отворена наука и отвореност на светот;
  • акции со силна посветеност на одржлив развој преку имплементација на целите на одржливиот развој (SDG);
  • акции дефинирани преку четири меѓусебно зајакнувачки фокус области, каде три од нив директно се однесуваат на климатските промени:
  • Градење на ниско-јаглеродна иднина,
  • Циркуларна економија преку поврзување на економските цели и целите на животната средина,
  • Дигитализација и трансформирање на европската индустрија и услуги.

Според статистичките податоци на ЕУ за периодот 2014-2020 година, целосниот список на одобрени проекти H2020 со учество на партнери од Северна Македонија содржи 63 проекти со вкупно финансирање од 8,87 милиони евра и вклучени 85 организации од државата. Од нив, 38 проекти се селектирани според критериумот на директна или индиректна повраност со климатски промени, преку истражување, развој и трансфер на климатски технологии и климатски политики. Преку алоцираниот буџет од Н2020, институциите во нашата држава имаа можност да ги зајакнат истражувачките капацитети и иновативните потенцијали во правец на развој и трансфер на технологии за справување со климатските промени. Поддржаните проекти, кои преку целите и резултатите се класифицираат како поврзани со климатски, главно се однесуваат на следните области : безбедна, чиста и ефикасна енергија; снабдување со енергија со ниска цена и ниска употреба на јаглерод; климатска акција, животна средина, ефикасност на ресурси и суровини; паметен, зелен и интегриран транспорт; зголемување на ефикасноста на производството за справување со климатските промени и обезбедување одржливост.

Хоризонт Европа

Престојната програма Хоризонт Европа (2021-2027) ги опфаќа новите приоритети и политики на ЕУ, надоврзувајки се на областите кои беа во фокус и во последната програма (2018-2020) од Хоризонт 2020.  Програмата Хоризонт Европа се фокусира на следните нови приоритетни области, повеќето од нив тесно поврзни со иновативни климатски технологии и справување со климатски промени, како: 1) следна генерација на батерии, 2) безбедна, чиста и ефикасна енергија, 3) пластика, 4) конкурентни, ниско-јаглеродни и циркуларни индустрии, 5) климатски акции, животна средина, ефикасност на ресурси и суровини, 6) здравје, демографска промена, 7) безбедни општества и 8) вештачка интелигенција.

Програмата Хоризонт Европа ќе биде структурирана во три столба, меѓусебно стратегиски ориентирани на поддршка на истражување и иновации, при што трите столба се: одлична наука, глобални предизвици за индустриска конкурентност и иновативна Европа.

Еразмус +

Еразмус + програмата (2014-2020), насочена во областа на едукација, обуки, млади и спорт, поддржува активности, соработка и алатки во согласност со целите на Стратегијата Европа 2020 и нејзините иницијативи за раст, работни места, социјална еднаквост и вклучување. Целта на програмата е да придонесе кон реализација на стратегиската рамка на Европа за соработка во образование и обуки (European cooperation in education and training (ET2020)), односно преку инвестирање во знаење, вештини и компетенции на индивидуите, институциите и општеството да се придонесе кон просперитетен раст на Европа и пошироко.  Исто така, Еразмус + има за цел да го промовира и да го постигне одржливиот развој преку обезбедување на можности за едукација, знаење и вештини и придонесува за заложбите на ЕУ за Агендата 2030 и нејзините цели за одржлив развој.

Connecting Europe Facility

Поврзувањето на Европските можности  (Connecting Europe Facility CEF) е нов механизам за финансирање за инфраструктурни проекти од заеднички интерес за транс-европски транспортни, енергетски и телекомуникациски мрежи, за период 2014-2020. CEF го поддржува развојот на високо-ефикасни, одржливи и ефикасно меѓусебно поврзани транс-европски мрежи (TEN) во областа на транспортот, енергетиката и дигиталните услуги, поддржувајки проекти за одржлив и ефикасен транспорт, подобрување на безбедноста во снабдувањето со енергија, поттикнување енергија од обновливи ресурси со развој на CO2 мрежи и ултра брзи широкопојасни мрежи. Од 2014 година, преку финансиските инструменти на CEFреализиран e буџет од 29 милијарди евра, при што во нашата држава е реализиран еден проект со буџет 0.1 милион евра во секторот транспорт.

LIFE

Програмата LIFE е инструмент на ЕУ за финансирање на климатски акции и животната средина, во насока да придонесе кон ефикасно користење на ресурси, ниско-јаглеродна и климатски подобна економија, заштита и подобрување на квалитетот на животната средина и запирање на загубите во биодиверзитетот, како и развој на климатски политики и легислатива.

Инструментот за предпристапна помош

Инструментот за предпристапна помош (IPA), започнувајки од 2007 до 2020 , преку фондови во два програмски циклуси (IPA I 2007-2013; IPA II 2014-2020; IPA III е во процес на подготовка) ги поддржува реформите во предпристапните земји низ целиот процес на пристапување со технички и финансиски инвестиции во однапред дефинирани сектори: реформа на јавната администрација, владеење на правото, одржлива економија, луѓе и земјоделство, притоа асистирајки во процесот на постигнување на ЕУ целите за одржлив економски развој, снабдување со енергија, транспорт, животна средина и справување со климатски промени.

European Green Deal

Европската унија е посветена да стане првиот климатски неутрален блок во светот до 2050 година. Ова бара значителни инвестиции и од ЕУ и од националниот јавен сектор, како и од приватниот сектор. Европскиот зелен инвестициски план (European Green Deal), како план за инвестирање во одржлива Европа, претставен со документот COM2020/21 на 14 јануари 2020 година од страна на Европската комисијата пред Европскиот парламент, Европскиот советот и Европскиот економски и социјален комитет, се предвидува да ги мобилизира јавните инвестиции и да овозможи пристап до приватните фондови преку финансиски инструменти на ЕУ, особено со новиот инструмент Invest EU. Притоа, Invest EU се предвидува да насочи најмалку 30% од мобилизираните инвестиции во проекти поврзани со климатски промени и животната средина. Имајки предвид дека Invest EU инструментот е насочен кон земјите членки, треба да се истакне дека тој преку JTM (Just Transition Mechanism) ќе понуди нов финансиски механизам за еко-одржливи инвестиции во најзагрозените региони од транзициските предизвици, во земјите кандидати и земјите членки. Програмата Invest EU се предвидува да обезбедува техничка помош и советодавна поддршка преку Советодавниот центар на InvestEU за идентификација, развој и спроведување на зелени инвестициски проекти.

European Green Deal се идентификува како силен инструмент за давање техничка помош и финансиска поддршка на националните економии на Европскиот континент, во правец на развој, имплементација и трансфер на климатски технологии за справување со климатските промени, заштита на животната средина и одржлив развој.  Секако, националните делегирани субјекти во нашата држава треба да ги препознаат механизмите на European Green Deal како можност и соодветно да ги искористат, како важен ресурс за обезбедување на техничка помош и финансиска поддршка во процесите за влез на нови климатски технологии на иднината во државата.

Дополнителни информации за искористеност на Европските програмски фондови во државата, на следниот линк.

Проф. д-р Валентина Гечевска

Проф. д-р Валентина Гечевска Универзитет Св. Кирил и Методиј, Машински факултет – Скопје Институт за производно, индустриско инженерство и менамент, Раководител на Центар за управување со животен циклус на производи Експертиза во областите: Менаџмент на животен циклус на производи (PLM), Развој на нови производи, Технолошки развој, Трансфер на технологии, Иновациски техники, Моделирање на бизнис процеси, Интелигентни производни технологии, Компјутерско проектирање на процеси, Еко технологии, Еко одржливост, Инженерски аспекти на одржлив развој Раководител или учесник во над 40 меѓународни проекти и 30тина проекти за трансфер на технологии академија-индустрија. Автор на повеќе од 200 научни трудови. Гостувачки професор на Универзитет во Марибор, Технички универзитет во Торино и Универзитет во Нови Сад.

{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close