Отпорно Скопје - Сеопфатна стратегија за климатски акции и справување со последиците на Град Скопје

Отпорно Скопје - Сеопфатна стратегија за климатски акции и справување со последиците на Град Скопје



Градовите се ранливи на климатските промени поради големата концентрација на луѓе и добра, како и поради зависноста од инфраструктурните системи. Од друга страна, градовите се главни генератори на климатските промени и одговорот треба да се бара на местото на создавањето на проблемот.

Градот Скопје, свесен за фактот дека се почесто и се посилно ќе се јавуваат екстремни временски настани кои ќе станат вообичаена појава, а уште повеќе свесен за последиците од тие настани, кои стануваат дел од  секојдневниот живот на неговите граѓани, започна да размислува за начинот на кој ќе даде свој придонес во намалувањето на проблемите кои климатските промени неминовно ги создаваат, но и како животот на своите граѓани да го направи побезбеден и посигурен.  Така, со Буџетот на Град Скопје за 2014 година беа предвидени средства за изработка на Стратегија за климатски промени за град Скопје и Инвентар на стакленички гасови. Истовремено се појави можност за соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и учество на Градот Скопје во еден меѓународен проект Зголемување на урбаната отпорност на катастрофи и климатски промени со примена на ИКТ, која веднаш беше прифатена, со што во декември 2014 година започна континуираната соработка на Град Скопје со УНДП во сферата на климатските промени, која сеуште е во тек.

Изготвувањето на Стратегијата за климатски промени првично се надоврза на веќе реализираните активности на  Град Скопје во различни сектори, без нивно претходно препознавање дека се сегмент на борбата за намалување и прилагодување на климатските промени и нивните последици. Тоа беа веќе сработени проекти од областа на енергетската ефикасност, сообраќајот, јавното зеленило, комуналните услуги, заштитата на воздухот и водите, мезометеоролошките мерења,  здравствениот аспект на животната средина и сл. Првично се реализираа следните документи: се изработи Инвентар на стакленички гасови за две референтни години: 2008 и 2012, (Инвентар на стакленички гасови на град Скопје: Следење на промените кај урбаните емисии на стакленички гасови, 2008 и 2012 година, 2015год), се утврди потенцијалот за намалување на емисиите на стакленички гасови во клучните сектори за ублажување, заради определување на соодветна цел за нивно намалување (Град Скопје Процена на потенцијалот за ублажување, октомври 2015), се спроведоа активности за утврдување на ранливоста на населението на подрачјето на Град Скопје на климатски промени (Оценка на социоекономската ранливост на населението во десетте општини на град Скопје во врска со ризикот од катастрофи и климатски промени, ноември 2016год),  и се направи анализа на урбаните топлотни острови (Анализа на ефектот на Урбани топлотни острови во Скопје, Снимање со дрон за потребите на Стратегијата за климатски промени, ноември 2016год.).

За утврдување на најранливите сектори на климатски промени, со активно учество на сите засегнати страни, се примени современа алатка Foresight eXplorer, за „предвидување“ на иднината, со чија помош се овозможи генерирање на нови перцепции на широк спектар на луѓе на подрачјето на град Скопје, администрација на општинско, градско и државно ниво, граѓанскиот сектор, ученици од сите средни училишта на Град Скопје, стручни лица и експерти од различни области.  Ваквата демократизација и децентрализација на напорите за планирање, даде сигурност дека самата стратегија за климатски промени, покрај резултатите на стручните анализи,  ќе ги одрази и перцепциите на јавноста, жителите на град Скопје, во однос на климатските промени. На бројните работилници се утврдија главните сектори: Водни ресурси, Здравство и Намалување на ризици од катастрофи. Овие сектори детално се обработија и како финален продукт се добија секторски студии: Проценка на ранливоста и адаптација за секторот Водни ресурси за град Скопје, јуни 2016, Влијание на климатските промени врз здравствениот сектор на подрачјето на град Скопје, јули 2016, Моделирање на можните сценарија за поплави во градот Скопје и Скопскиот регион, 2016, Како се загреваат домаќинствата во Скопската котлина – Извештај од истражување, јануари – септември 2017 год, Социоекономска анализа на домаќинствата кон кои треба да се насочат мерките за намалување на загадувањето – Анализа на податоците од истражувањето, август 2017 год.


Конечно, во 2017 година, Град Скопје можеше да се пофали со финалниот документ Отпорно Скопје – Стратегија за климатски промени, сеопфатен и високо професионално изработен, кој покрај спомнатите три главни сектори (Водни ресурси, Здравство и Намалување на ризици од катастрофи), кои се детално обработени, ги опфати и секторите Туризам, Заштитени подрачја и Јавно зеленило.

Отпорно Скопје - Стратегија за климатски промени е одговор на предизвикот за здружена акција, кој поаѓајќи од надлежностите на Градот Скопје и општините што се наоѓаат на подрачјето на Град Скопје, оцената на потенцијалот за намалување на емисиите на стакленички гасови и оцената на ранливоста на различни сектори, а истовремено следејќи соодветни добри примери и практики, го трасира патот со мерки и акции во следните десетина години за градење капацитети за урбана отпорност и справување со климатските промени. Со тоа, не само што на едно место ги собира сите релевантни акции кои Градот ги превзема со цел да биде поотпорен на климатските промени, туку со користење на иновативни алатки направи и детални дополнителни анализи како може да се развива во иднина, воедно придонесувајќи повеќе во глобалните напори да се намалат климатските промени.

Иновативен акцент во стратегијата е застапен со прикажување на придонесот на акциите кон одржливиот развој, преку задоволување на поединечните цели за одржлив развој на Обединетите нации.

Акцискиот план на Отпорно Скопје – Стратегија за климатски промени, со неговото донесување, но и пред тоа, паралелно со изготвување на Стратегијата, стана извор на планирани активности, како дел на годишните програми на активности во областа на животната средина и годишните буџети на Град Скопје. Реализирани се бројни активности предвидени за подобрување на состојбите во секторите опфатени со Стратегијата за климатски промени, дел самостојно од Град Скопје, но повеќето во соработка со УНДП. По завршување на првичниот договор со кој започна соработката со УНДП во сферата на климатските промени, се потпиша нов договор во 2018 година: Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени, кој е се уште активен и во чии рамки се реализираат многу активности.






Сектор Водни ресурси

⮚      Извори за водоснабдување

Главните водоснабдителни извори за град Скопје, изворот Рашче и бунарското подрачје Нерези – Лепенец, пред 30-ина години  се заштитени со одлуки за воспоставување на заштитни зони, врз основа на соодветни стручни, истражувачки елаборати. Во последниве години, со сите промени во просторот, се наметна потребата од изработка на нови експертизи и донесување нови одлуки за заштитните зони, односно нивно ревидирање. Експертизата за ажурирање на границите на заштитните зони на бунарското подрачје Нерези – Лепенец и определување на мерки за заштита, 2017 год и Експертиза за ажурирање на границите на заштитните зони на изворот Рашче и пределување на мерки за заштита, 2019 год, заедно со одлуките за потребите од воспоставување на заштитните зони, донесени од Советот на Град Скопје, се доставени до ресорните МЖСПП и МЗ. Во наредниот период се очекуваат нови правни акти за прогласување на ажурираните заштитни зони на бунарското подрачје Нерези – Лепенец и изворот Рашче со соодветни мерки за заштита.

Водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е со исклучителен квалитет и истата се контролира од страна на Централната лабораторија на ЈП Водовод и канализација и ЈЗУ Центар за јавно здравје на град Скопје. Сепак, земајќи ги предвид актуелните климатски промени и непредвидливите последици што можат да настанат, Град Скопје и ЈП Водовод и канализација, веќе 4 години во континуитет спроведуваат проекти за истражување на алтернативни извори за водоснабдување, за кои е утврдено дека имаат соодветен квалитет. Се очекува предавање на завршната фаза Испитувања на квалитативните карактеристики на ресурсите на Кадина Река, Патишка Река и извор Врело за потреби за проектирање на техничка документација за користење на водата за водоснабдување (2019/2020), 2020 год.

⮚      Мониторинг на подземни води

Градот Скопје, уште во 2009/2010 година, спроведе Истражувачки мониторинг на површинските и подземните води што ги хранат изворите за водоснабдување - извор Рашче и бунари Нерези-Лепенец и на подземните води во Скопскиот регион, со изградба на пиезометриски  мрежи во Полошката и Скопската котлина, што беше обемен и скап проект, но неизбежен заради осознавање на состојбите со водите. По неговото завршување, изведените пиезометриски мрежи се предадени на ЈП Водовод и канализација, кое од 2012 год  спроведува континуиран Оперативен мониторинг на подземните води што ги хранат изворот Рашче и бунарите Нерези – Лепенец.

Со Програмата за санација на притисоците врз бунарското подрачје Нерези – Лепенец, составен дел на Експертизата за ажурирање на границите на заштитните зони на бунарското подрачје Нерези – Лепенец, предвидена е изградба на нови 13 пиезометри за подобрување на пиезометриската мрежа за мониторинг на ова подрачје. Веќе се изведени 3 во најтесната зона на бунарите, од страна на ЈП Водовод и канализација (Извештај за изведбата на пиезометри и вградување на автоматски мерачи – дајвери на локацијата на бунарскиот систем Нерези – Лепенец за потребите на ЈП Водовод и канализација, 2020 год), а во тек се подготвителните работи за Изведба на нови 10 пиезометри, од страна на Град Скопје. Активностите ќе се одвиваат следните месеци. Со тоа ќе се подобрат условите за мониторинг на овој водоснабдителен објект.

⮚      Заштита на подземни води

Заштитата на подземните води е примарна активност за обезбедување на квалитетна вода за пиење во град Скопје. Заканите се бројни и големи и се евидентирани во елаборатите за ажурирање на заштитните зони на двата водоснабдителни објекти, изворот Рашче и бунарскиот систем Нерези – Лепенец. Најголема закана за изворот Рашче претставува можноста за загадување на подземните води од страна на историската депонија на комбинатот Југохром во Јегуновце, чие санирање не е во надлежност на Град Скопје. За таа цел, Град Скопје изготви Студија за редефинирање на хидролошката состојба на подземните води на просторот меѓу депонијата на Југохром во Јегуновце и река Вардар во контекст на заштита на изворот Рашче, 2020 год, како свој придонес во решавањето на овој проблем од страна на надлежното МЖСПП.

Поради присуството на потенцијалните извори на загадување во Полошката Котлина од една страна и Жеденскиот издан потенцијално загрозен од нив од друга страна, прашањето на безбедноста на квалитетот на водата од изворот Рашче претставува перманентен мотив за дефинирање на состојбите од тој аспект. Се има предвид близината на локацијата на индустриската депонија од поранешниот Хемискометалуршки капацитет - Југохром од Јегуновце која е во непосредна близина на Жеденскиот изразено карстифициран масив. Првата детекција на Cr+6 во локалните подземни води е уште во далечната 1970 год. Потврдена е контаминација насочена кон реката Вардар и Жеденскиот масив укажувајќи на можност за движење кон изворот Рашче. 

За таа намена изведени се голем број на истражни дупнатини, од кои добар дел се оформени како пиезометриска мрежа, каде што може да се врши мониторирање на нивото на подземна вода и квалитетот. Сите изведени истражни и пиезометари се наѓаат по ободите на Жеденскиот масив. Внатре во масивот моментално не постои ниту еден пиезометар. За таа цел, Градот Скопје е во подготвителна фаза за Истражни работи и изведба на две длабоки пиезометриски дупнатини во Жеденскиот карбонатен масив, со цел на истражување на можностите, патиштата и времето на движење на Cr+6 од депонијата Југохром кон изворот Рашче. Активностите на терен ќе се одвиваат во следните месеци, а пиезометрите ќе останат како дел од пиезометриската мрежа за мониторинг на подземните води што го хранат изворот Рашче.

⮚      Управување со подземните води

Користењето на извонредно квалитетната, питка вода од изворот Рашче за стопански цели, е одамна препознаено како несоодветно и нелогично решение, но и загрижувачко по однос на неговата издашност. За таа цел, веќе подолг период, стопанските субјекти се охрабруваат да користат бунари за снабдување со подземна вода, за свои различни активности. Процесот на експлоатација на подземните води за различна намена, драстично почнува да се зголемува од 2010 година, со експоненцијален тренд на пораст, како во смисол на бројот на бунари, така и во однос на количината на вода која се експлоатира. Паралелно со тоа, се појави и дилемата до кој степен е можно користењето на подземните води од страна на различни субјекти, поради непознавањето на подземниот аквифер во Скопската котлина во целост, земајќи го предвид фактот дека последното сериозно истражување е направено за потребите за изготвување на Водостопанската основа на Скопскиот регион, која е донесена во далечната 1984 година.

За таа цел, направен е Регистар на бунари за стопански цели за град Скопје, 2017 год, а подоцна истражувањата се проширија и се изготви Регистар на бунари во Скопскиот регион, 2019 год. На овој начин опфатени се вкупно 318 бунари, што секако не е нивниот конечен број.

Врз основа на сите повеќегодишни истражувања, повеќегодишен мониторинг и изготвени студии, но и со дополнителни теренски работи, изготвена е Студија за подземни води на Скопскиот регион, 2020 год, документ од исклучително значење, со кој се согледани состојбите со подземните води од сите аспекти и се дадени насоки за понатамошно управување со нив.

Следна планирана активност на Град Скопје во секторот Водни ресурси, е изготвување на Стратегија за управување со водите на град Скопје, што се очекува да се буџетира за 2021 год.


Сектор Здравство

Република Северна Македонија има донесено Стратегија за справување со климатските промени во здравствениот сектор, како и акциски планови за справување со топли и ладни бранови. Претставници на Град Скопје беа дел од тимот на изготвувачи на овие документи. Резултат на оваа соработка е вклучувањето на здравствениот аспект во активностите од областа на животната средина. Имено, станаа  јасни две работи: (1) Грижата за заштита на животната средина е неделива од грижата за здравјето и благосостојбата на луѓето и (2)Намалувањето и ублажувањето на последиците од климатските промени врз здравјето на луѓето не е само задача на здравствениот сектор, туку на целиот општествен систем, вклучително и на Градот Скопје.

Во рамки на секторот Здравство во Отпорно Скопје Стратегија за климатски проемни, покрај другото, е укажано на потребата од здрава вода и чист воздух, за зачувување на здравјето на луѓето. Бидејќи проблематиката на водите е опфатена во секторот Водни ресурси, таа не е предмет на активности во овој сегмет.

⮚      Квалитет на воздух

Во рамки на активностите за заштита на воздухот, за издвојување се следните: согласно обврската произлезена од Законот за амбиентниот воздух, Градот Скопје донесе  План за подобрување на квалитетот на воздухот во Скпската агломерација, 2017 год,(сеопфатен документ со конкретни акции за делување во насока на намалување на загадувањето на воздухот и негова заштита) и  Краткорочен акционен план за заштита на воздухот, 2017 год,  (документ за воспоставување протоколи и конкретни краткорочни акции при надминување на праговите за информирање и праговите за алармирање за поедини загадувачки супстанци).

Во изминатата деценија Градот Скопје спроведуваше проекти со мерења,  анализирања и согледувања на состојбата со квалитетот на амбиентниот воздух, а во последниве години, по дефинирање на изворите на загадување со ПМ10 (најголемиот проблем на Градот), реализирани се следните проекти: Елаборат за испитување на загадувањето на амбиентниот воздух од согорување на дрвото, 2017 год и Елаборат за испитување на загадувањето на воздухот од сообраќајот, 2017 год. За двата проекти е   реализирана и втора фаза во 2019 год.

Двата клучни документи, Отпорно Скопје Стратегија за климатски промени и Планот за подобрување на квалитетот на воздухот, предвидуваат мерки, односно активности за субвенционирање на граѓаните за преземање мерки за заштита на воздухот, па Градот Скопје ги воведе субвенциите на граѓаните во втората половина на 2016 година.

Во континуитет се реализира субвенционирањето за набавка на поеколошки средства за затоплување на домаќинствата, за чистење на оџаците, за набавка на алтернативни средства за превоз и за истите се обезбедени средства од Буџетот на Град Скопје. 

Така од  2016 година се започна со субвенционирање на граѓаните за набавка на печки на пелети, инвертери, велосипеди, електрични тротинети и за чистење оџаци. Во периодот 2016-2019, Град Скопје субвенционирал набавка на 1.379 инвертери, 1.473 печки на пелети, 10.594 велосипеди, 313 електрични тротинети и чистење на 634 оџаци, за што биле реализирани средства во износ од околу 85.000.000 денари.

⮚      Скопје Здрав град

Градот Скопје, презентирајќи ги состојбите во животната средина од една и актуелните и планираните активности во таа сфера од друга страна, е примен во семејството на Здрави градови во 2016 година.  Европската мрежа на Здрави градови е дел од Светската Здравствена Организација. Во оваа мрежа се вклучуваат оние градови кои се подготвени да го постават здравјето на граѓаните како приоритет во работата на градските управи. Според Европската мрежа на Здрави Градови, на здравјето на граѓаните секогаш битно влијааат и дополнителни фактори како што е состојбата во животната средина. Токму поради ова, решенијата за подобрување на здравјето се бараат и надвор од здравствениот сектор. Мрежата на Здрави Градови смета дека решенијата за подобро здравје на граѓаните се и во локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и бизнис секторот.

Градот Скопје е единствен град во нашата држава кој може да се пофали со ова престижно членство и се обидува со помош на МЗ и ЈЗУ ИЈЗ да го сподели своето искуство и да ги анимира останатите градови и општини.


Градот Скопје во соработка со ЈЗУ ИЈЗ го изработи Здравствениот профил на град Скопје, 2019 год, сеопфатен документ за здравствената состојба на граѓаните и причините за нарушување на истата. Во следниот период претстои изработка на Акциски план за здравје на град Скопје. Изготвувањето на овие два документи е обврска на Град Скопје од членството во Здрави градови.

⮚         Активности во сферата на здравјето и благосостојбата

Заради подобро разбирање на состојбите и изнаоѓање на причините за различни нарушувања на здравјето, како основа за планирае на понатамошните активности, Градот Скопје ги реализираше следните проекти:

-          Испитување на дистрибуцијата на тешки метали во растенијата за исхрана, 2016 год; Активноста е надоврзана на спроведениот геохемиски мониторинг на тешки метали во Скопската котлина, во 4 фази во периодот 2009 - 2013 год, со испитување на зеленчукови растенија во евидентираните жешки точки;

-          Испитување на последиците од загадувањето на воздухот врз здравјето на луѓето со посебен осврт на децата од претшколска и школска возраст, 2017/2019;

-          Систематско испитување на радиоактивноста во животната средина на подрачјето на град Скопје, 2018/2019, 2019/2020.

⮚      Урбани топлотни острови

Во 2018 година Град Скопје стана дел од EPICURO, двогодишен проект финансиран од Генералниот директорат за цивилна заштита и хуманитарна помош на ЕУ, а чија цел беше да се споделат добрите практики за урбана отпорност и прилагодување кон климатските промени применети на интернационално, европско и локално ниво. Во најголем дел, градовите учесници во проектот работеа на изготвување на своите стратегии за климатски промени, а Град Скопје, кој тоа веќе го имаше постигнато и воедно беше подготвен да работи на проблемот на урбаните топлотни бранови, реализираше еден убав пилот проект со кој докажа дека асфалтните површини во градот, обоени со бела боја, имаат температура драстично помала од околните асфалтни површини, а скоро иста со зелените тревни површини. Резултатите беа поткрепени со снимки од термална камера.

Урбаните топлотни острови во Скопје, се вообичаен феномен во текот на летниот период. Намалувањето на зелените површини и зголемувањето на употребата на енергија од фосилни горива, се меѓу главните причини заедно со зголемување на густината на населението на градот.

Топлотните острови придонесуваат за загадувањето на воздухот во лето во Скопје, со очигледен пораст на концентрациите на озон, што се должи и на густиот градски сообраќај. Овој вид на загадување на воздухот значително придонесува за зголемен кардио респираторни морбидитет и морталитет за време на топлотни бранови. Поаѓајќи од овие согледувања, изготвени се Анализа на урбаните топлотни острови во Скопје со далечинска детекција, 2017 (со примена на дронови) и документ Урбани топлотни острови во Скопје – Анализа и Акциски план, 2018. Во почетна фаза е изведба на Зелен паркинг на постоечки паркинг простор во Скопје, како прв проект од тој вид, предвиден со Акцискиот план.

Во 2019 год Град Скопје во соработка со компанијата Gehl од Данска (на познатиот светски архитект Јан Гел), изготви   Стратешкиот документ за редизајн на јавните простори во централното градско подрачје на Град Скопје. Документот опфаќа анализа на клучните аспекти, предизвици и потенцијали на јавните простори во Малиот ринг на град Скопје и дава стратешки препораки за редизајн и унапредување на јавните простори во градот. Стратешките препораки ќе го подобрат квалитетот на животот на луѓето и ќе го направат градот поотпорен на климатските промени.


⮚      Стакленички гасови

Со цел да се исполни заложбата од потпишаната Повелба на градоначалниците за клима и енергија и истата да се преточи во конкретни мерки и проекти, Градот Скопје во 2011 година подготви Референтен инвентар на стакленички гасови и Акциски план за одржлив енергетски развој, кои ги содржат главните активности што ќе се преземат за да се намалат емисиите на стакленички гасови, но само за секторите згради, јавно осветлување и транспорт. За потребите на изработката на Стратегијата за климатски промени, се подготви детален Инвентар на стакленички гасови за 2008 и 2012 година, со главна цел - да се дадат конзистентни пресметки за двете избрани години, за да се набљудува насоката во која се движат емисиите на стакленички гасови во градот. Оваа база на податоци се искористи како основа за изработка на Стратегијата за климатски промени на градот Скопје.

Во следна фаза беше изработен Ажуриран инвентар на стакленички гасови за периодот 2013, 2014 и 2015 година, со што се доби можност за споредување на состојбите со емисии на стакленички гасови. Проценетите емисии на стакленички гасови во рамките на инвентарот покажуваат дека вкупните емисии на Град Скопје се намалени за 21,6% во периодот 2008 – 2015 година. Намалувањата на емисиите главно се должат на смалените емисии од индустриските процеси и од согорување на горивата што се користат во преработувачката индустрија и градежништвото (во рамките на секторот стационарна енергија) поради пониско производство од индустриските гранки во градот Скопје со текот на годините. Намалената потрошувачка на енергија во станбените и институционалните згради, исто така придонесува за намалување на вкупните емисии на стакленички гасови. Од друга страна, зголемениот број на возила во транспортниот сектор резултира со зголемување на емисиите од овој сектор. Друг сектор кај кој се забележува зголемување на емисиите, иако помало, е сектор за отпад.

Во тек е изработка на Инвентар на стакленички гасови за Град Скопје за периодот 2016, 2017 и 2018 година.

⮚      Енергетска ефикасност

Градот Скопје во периодот 2009/2011, во соработка со Германското друштво за техничка соработка (ГТЗ), работеше на проектот Градење на капацитети за управување со енергијата во градовите, заедно со градовите Фрајбург, Подгорица, Сараево и Загреб. Една од целите на проектот беше формирање одделение за енергетика, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, кое во Градот Скопје е формирано во 2010 година и  работи во рамките на Секторот за локален еконоски развој (ЛЕР). Нешто подоцна, во 2011 година е отврен Инфо центар како сервис на граѓаните во областите на енергетската ефикасност и на обновливите извори на енергија.

Градот Скопје, согласно Законот за енергетска ефикасност, изготвуа Програма за енергетска ефикасност за период од три години и Акциски план за енергетска ефикасност на годишно ниво. Во рамките на овие документи се изработуваат енергетските контроли на сите објекти во надлежност на Град Скопје (административни, образовни, од областа на културата, јавни претпријатија и др.). Градот поседува база на податоци за потрошувачката на енергија за сите објекти во надлежност на Град Скопје.

Извршена е гасификација на четири средни училишта, поставена е второстепена регулација на кои се во надлежност на Град Скопје а се приклучени на централниот систем на загрвање. Заменети се прозорците во средните училишта  заради постигнување на подобра енергетска ефикасност и во едно училиште е извршена целосна промена со енергетски ефикасна фасада.

Секоја година Градот организира Денови на енергетска ефикасност на Град Скопје, повеќедневна манифестација со различни активности од областа на енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија.

⮚      Електромобилност

Град Скопје во возниот парк вбројува едно електрично возило Нисан, 6 хибридни возила Тојота, пет електрични скутери и пет електрични велосипеди, кои градската администрација редовно ги користи затоа што електричните возила не генерираат СО2 и други штетни гасови, во споредба со конвенционалните возила кои користат фосилни горива.

⮚      Формални тела

Согласно обврската произлезена од Законот за јавно здравје, како и од Акцискиот план на Отпорно Скопје, Градот Скопје формираше Совет за јавно здравје на Град Скпје, 2018 год. Во ова тело членуваат експерти за јавно здравје од различни нивоа, претставници од повеќе сектори на Град Скопје и 10-те општините во град Скопје. Советот за јавно здравје ги проучува прашањата и политиките во областа на јавното здравје, ги утврдува приоритетите за делување, изготвува мислења и дава иницијативи до Гард Скопје.

Со Акцискиот план на Отпорно Скопје Стратегија за климатски промени, предвидено е формирање на Меѓусекторска комисија за климатски промени и здравје, која ја сочинуваат експерти за климатски промени, претставници на Град Скопје и 17-те општини од Скопскиот регион (2018 год). Оваа комисија го следи процесот на адаптација на климатските промени во регионот и справувањето со последиците, за што ја обезбедува соработката во регионот; ги утврдува приоритетите и ги предвидува превентивните активности за намалување на ризикот по здравјето на луѓето, предизвикан од климатските промени; работи на рамномерна примена на мерките за заштита од климатски промени на целото подрачје на Скопскиот регион.

Сектор Справување со ризици и катастрофи

Градот Скопје има свој препознатлив профил на ризици. За градот Скопје, посебно карактеристична е појавата на опасности кои се поврзани со климатските и метеоролошките влијанија, а се изразени со многукратно високи вредности на загадување на воздухот, екстремните временски појави како што се топлотни бранови во лето и студени бранови во зима, свлекувањето на земјиштето, поројни врнежи проследени со луњи и грмотевици, силни ветрови, како и долготрајна магла која се задржува во скопската котлина.

Советот на Град Скопје во 2008 год донесе Процена за заштита и спасување на град Скопје, во 2010 година План за заштита и спасување на Град Скопје, а во 2015 година Советот на Град Скопје ја донесе Процената на загрозеност на подрачјето на Град Скопје од сите видови ризици и опасности. Во тек е изготвување на ажурирана Процена на загрозеност на Град Скопје. Инаку, она кон што Град Скопје стреми е изработка на проценка на сите ризици и хазарди за град Скопје и општините во град Скопје, нивно мапирање и инкорпорирање во урбанистичките планови.

Конкретните проекти реализирани во овој сектор се од повеќе области:

-          Врз основа на Студијата за моделирање на поплави со пилот модел за рано предупредување, 2016/2017 год, изготвен е Оперативен план за поплави за Град Скопје, 2019,

-          Студија за ерозија за Скопски регион, 2017 год, со План на активности за секоја од 17-те општини и Градот Скопје,

-          Техничка документација за разрешување на проблемот со пороите на Скопска Црна Гора, 2018 год (прва фаза) во соработка со Скопски плански регион и неколку општини од регионот,

-          Преглед на потребните активности за ревитализирање на постоечкиот систем за заштита од порои и ерозија на планината Водно, 2019 год,

-          Проект за хортикултурно уредување на падините на Скопската тврдина заради заштита од ерозија, 2020 год (во тек),

-          Надворешен план за заштита од технолошки катастрофи, 2019 год, изготвен врз основа на внатрешните планови на инсталациите кои произведуваат или складираат опасни материи, утврдени со закон.


Сектор Природни ресурси

Климатските услови имаат значително влијание врз природните системи. Живиот свет со милиони години се развива во променливи климатски услови, поради што има способност да им се приспособи. Природните зачувани екосистеми имаат поголема еластичност и способност за приспособување /адаптација на промените. Оттука значењето на заштитените подрачја е во нивната улога, со примена на посебни режими на заштита, да се зачува адаптивниот потенцијал на екосистемот на што поголемо подрачје.

Активностите на Град Скопје се во насока на задоволување на наведените мерки:

-          Изготвени студии за ревалоризација на веќе заштитените подрачја и иницирање на нивна презаштита до МЖСПП (парк – шума Водно, карактеристичен пејсаж Гази Баба и споменик на природата Кањон Матка, 2010/2011 година)

-          Прогласување на парк на природата Гази Баба, 2015 год,

-          Изготвени студии за валоризација на нови природни подрачја заради нивна заштита (пештера Дона Дука, пештерите на Матка, Жеденски масив, Скопска Црна Гора, заштитен коридор Водно – Сарај – Матка),

-          Заштита на пештерата Дона Дука и доверување на управување на општина Сарај,

-          Изготвена Стручна основа за паркот на природата Гази Баба,2016/2017 год,

-          Изготвен план за управување со паркот на природата Гази Баба, 2019 год,

-          Во фаза на донесување е одлука за прогласување на парк на природата Водно, во тек,

-          Изработка на Карта на биотопи, во тек,

-          Изработка на Преглед на Рипариски хабитати со Акциски план, 2019 год,

-          Реализација на неколку активности од Акцискиот план за Рипариски хабитати, во тек.

Сектор Јавно зеленило

Површините под вегетација, кои природно обезбедуваат сенка, ладење, задржување на атмосферската вода, депонирање и инфилтрација, со процесот на урбанизација се заменети со непорозни изградени површини. Со тоа се предизвикуваат изменетите режими на размена на енергија, што резултира со создавање урбани топлотни острови и промена на хидрологијата на урбаното подрачје, што води кон зголемено површинско истекување на дождовните води. Ако се земат предвид и климатските промени и екстремните временски појави, кои ваквите неповолни ефекти ќе ги засилат, постои итна потреба за развој и заштита на урбаната зелена инфраструктура.


Градот Скопје последните години го наметнува прашањето на зголемување на зелените површини во градот и спроведува соодветни активности:

-          Барајќи го својот соодветен пристап за развој на зелената инфраструктура, Градот Скопје изготви Студија за озеленување, во 2015 година, по што започна со реализација на препораките на Студијата за озеленување:

-          Обезбедување реални просторни, квантифицирани и квалитативни податоци за јавното зеленило преку изработка на Зелен катастар на град Скопје, во фази, со почеток во 2015 година, кој сеуште се дообработува и збогатува (во 2020 година се изработува снимање и евидентирање со атрибути на зеленилото во дворовите на средните училишта на Град Скопје). Во рамки на овој проект обработени се податоците за еколошките атрибути на евидентираното зеленило.


-          Проучување на можноста за воспоставување зелени коридори, со изработка на Студија за воспоставување зелени коридори по течението на реките Серава и Лепенец, 2016/2017 год, а во завршна фаза е иизработката на техничка документација – изведбени планови за формирање на овие зелени коридори.

Исто така, Градот Скопје работеше и на реализација на активности од Акциониот план на Отпорно Скопје Стратегија за климатски промени, и тоа:

-          Изработка на Зелен кров на покривот на ГТЦ, 2019 год, а во тек е подготовка на уште еден зелен кров,

-          Во тек е изведба на првата Урбана градина на град Скопје, 2019/2021, во општина Аеродром, која ги обединува заинтересираните жители во заедничките организирани напори за производство на здрава храна по правила на пермакултурата.

Останати активности

Во 2016 година е отворен првиот Центар за иновации на Град Скопје  (Скопје Лаб) со поддршка на УНДП и Владите на Турција и Словачка. Овој центар им овозможува на граѓаните и на локалната администрација заедно да работат на дизајнирање, прототипирање и тестирање нови јавни услуги и производи, со цел решавање на постојните предизвици во полето на заштита на животната средина и зголемување на урбаната отпорност.

Активното вклучување на граѓаните и граѓанските организации и поддршката од меѓународни и домашни експерти во користењето на најмодерните методологии од светот на иновациите (како што се, на пример, Design thinking и big data), овозможува создавање поинформирани политики и поквалитетни услуги,  достапни за сите.

Интегрираниот катастар на загадувачи на град Скопје е изготвен во 2016 година. Овој документ го опфаќа влијанието на стопанскиот сектор врз воздухот, водата, почвата, природата. Истиот е ажуриран во 2018/2019 година.

Во 2016 година Градот Скопје го пресмета својот еколошки отпечаток. Оваа студија укажа на последиците од нерамномерниот развој во државата заради кој градот Скопје е подложен на голема миграција од соседните региони и на неодржливиот начин на живот на неговите граѓани.

Во финална фаза е изготвувањето на третиот ЛЕАП за Град Скопје, 2020-2026 година. Овој сеопфатен документ ги опфаќа сите сектори обработени во Отпорно Скопје Стратегија за климатски промени и многу повеќе чинители на животната средина, а особено прашањата од сферата на климатските промени.

Со помош на Европската банка за обнова и развој, Градот Скопје изготви Акциски план за Зелен град (изработката е во финална фаза), кој стратешки ќе одговори на потребите на градот за одржлив и зелен раст и на најитните предизвици од климатските промени.

Во рамки на соработката со УНДП, Градот Скопје ја доби својата посебна веб страница, наменета за активностите од областа на животната средина (zivotnasredina.skopje.gov.mk), на која можат да се најдат сите релевантни проекти од оваа област.

Со подигањето на свеста за климатските промени и осмислувањето и реализирањето на голем број активности од оваа сфера, Градот Скопје во својата Одлука за организација, одлучи во Секторот за заштита на животната средина, називот на едното од одделенијата да го дополни со областа „климатски промени“ (Одделение за квалитет на амбиентниот воздух, адаптација и намалување на климатските промени, заштита од бучава и нејонизирачко зрачење), со што веројатно е уникатна  единица на локална самоуправа во државата.

Степен на реализација на Отпорно Скопје Стратегија за климатски промени

Градот Скопје во соработка со УНДП  во октомври 2018 година направи преглед на реализација на Стратегијата за климатски промени Оценка на напредокот во реализацијата на Стратегијата за климатски промени Отпорно Скопје. Истражен е напредокот во реализацијата на активностите од Акцискиот план, по области, со примена на алатката Microsoft Power BI. Генералната оценка за напредокот на реализацијата на Стратегијата е помеѓу умерено задоволителен и умерено не задоволителен.

Според применетата методологија за оценка на придонесот на Стратегијата кон одржливиот развој која ги зема предвид оценката на прогресот на секторите и утврденото влијание на секторот врз дадената ЦОР (директно, индиректно или нема влијание) утврден е задоволителен придонес кон одржливиот развој  - има придонес кон 8 од вкупно17 ЦОР, а најголем е придонесот кон ЦОР 13 Климатска акција, по која следува ЦОР 11 Одржливи градови и задници.

Евидентен е впечатокот од проценката на реализацијата на Стратегијата за климатски промени, дека е потребна заедничка, здружена акција на сите нивоа и од сите аспекти, за да може во иднина да се каже дека, кога било потребно, сите сме биле свесни за причините на проблемот со кој сме се соочиле и за последиците од него, но и сме биле подготвени заеднички да ги реализираме сите потребни активности за надминување и ублажување на климатските промени. Тоа е нашата единствена шанса и одговорност.

Град Скопје

Град Скопје - Сектор за животна средина

{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close