Интервју Бузалков: Товарот за интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад мора да го понесеме



Постои критична маса на едуцирани лица кои можат да го понесат товарот на воспоставување на интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад

Грижата за правилно управување со отпадот зазема се поголем интерес за развој на ефективни практики во сите сегменти во општеството. Се поголемото внимание произлегува од фактот што, доколку отпадот не се управува правилно, истиот може да предизвика значителни проблеми во врска со безбедноста и влијанието врз животната средина, вклучително на почвата, површинските и подземните води, како и загадувањето на воздухот. Покрај тоа, особено е значајно да се утврдат можностите за  спроведување на принципот на циркуларна економија кој подразбира интегрирање на економијата и системите за управување со отпад, преку рециклирање и враќање во употреба на сите отпадни материјали како нов производ во стопанството и производство на енергија од отпад.

За моменталниот третман на отпад во земјава, внатрешните капацитети на комуналните претпријатија и иднината на решавањето на отпадот во Вардарскиот плански регион,  разговаравме со Александар Бузалков од јавното комунално претпријатие Дервен од Велес.

Разговараше Тамара Тодоровска од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал



КлиматскиПромени: Како генерално ја оценувате состојбата со третманот на отпад во земјава? Кое е вашето видување на состојбите?

Бузалков: Управувањето со отпад во нашата држава согласно ЕУ стандардите е на самиот почеток. Тоа значи дека сите закони, стратегии, планови и програми се донесени, но нивната практична примена изостанува. Државата се определи за регионален пристап во управувањето со отпад, на ниво на плански региони. Во таа насока регионите се движат со различна динамика па затоа е различно и нивото до кое се стигнати. Сите региони имаат донесено стратешки документи (Студии и Планови за управување со отпад), дефинирани локации за регионални депонии, cost-benefit анализи. Изработени се и основни проекти и тендерски документации за затварање и рехабилитација на општинските нестандардни депонии и за изградба на избраните инсталации за третман и отстранување на отпад, како и технички спецификации за набавка на опрема за собирање и транспорт на отпад. 

Се работи за инвестиции од повеќе десетици милиони евра, а овие средства најверојатно ќе се бараат преку ЕУ фондовите или преку јавно-приватно партнерство.

Од друга страна, финансиската состојба во која се наоѓаат комуналните претпријатија не дозволува позначајни инвестиции во модернизирање на процесот на управување со отпад. Застарениот возен парк, недостаток на садови за собирање на отпад, воведувањето на руралните средини во системот со управување со отпад, управување со нестандардни и несанитарни депонии кои често се палат, примарна селекција која е на самиот зачеток, неформалните собирачи на отпад од пакување се најгорливите проблеми.

На крај, подигањето на свесноста за заштита на животната средина, за селектирање и рециклирање на отпад е област во која мора да се вложат повеќе напори и средства.

Според мое мислење, во секој регион, општина и комунално претпријатие, невладини организации и Министерството за животна средина и просторно планирање постои критична маса на едуцирани лица кои можат да го понесат товарот на воспоставување на интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад според ЕУ стандардите.

Мора да започне час поскоро, бидејќи во спротивно проблемите само ќе се зголемуваат, а со тоа и потребните финансиски средства за нивно надминување, а се ќе падне на товар на животната средина и квалитетот на животот.


КлиматскиПромени: Се повеќе се зголемува бројот на јавни кампањи за подигање на свесноста за заштита на животната средина, за селектирање и рециклирање на отпад. Сепак, дивите депонии и расфрланото ѓубре околу контејнерите е наша секојдневна слика. Која алка во синџирот на третман на отпад, според Вас, не функционира?

Бузалков: Јавните кампањи за подигање на свеста за заштита на животната средина, за селектирање и рециклирање на отпад го даваат својот резултат особено кај младата популација (децата од предшколска и школска возраст) и тоа мора да продолжи. Некои од нив се многу инвентивни и прилагодени на соодветната возраст и резултатот е задоволителен.

Повеќе загрижува однесувањето на повозрасната популација во делот на напуштање на некои стари навики кои не одат во прилог на надминување на проблемите.

Повеќе алки во системот не функционираат или само делумно функционираат и тоа:

1. Интегрирање на неформалните собирачи на отпад во системот на управување со отпад

2. Прилагодување на кампањите според целни групи и цели кои што треба да се остварат

3. Поставување на садови за отпад во секое домаќинство, на јавните површини и кај правните лица

4. Воведување на комунална редарска служба

5. Воспоставување на систем на наградување за граѓаните заради стимулирање за вршење на селекција на отпадот 

6. Воспоставување на принципот -  загадувачот плаќа

Поголем дел од правните лица кои се овластени поставувачи со отпад работат по принцип „дојди и ќе бидеш услужен” и не учествуваат во подигнување на јавната свест и не се партнери на општините во управувањето со отпад.

Важноста на соодветното управување со отпадот на национално ниво не е на скалило кое го заслужува. Имплементацијата далеку заостанува. Средствата кои се користат во делот на управување со отпад  не се ни оддалеку доволни да покренат поорганизиран пристап.   


КлиматскиПромени: Какви промени неопходно да се воведат со цел да се е подобри целокупниот систем за третман на отпадот во земјава? Дали моменталната регулатива одговара на потребите на терен за регулирање на отпадот?

Бузалков: Воспоставувањето на регионалниот интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад, значи интегрирање на комуналните претпријатија во истиот и прифаќање на стандардите и принципите на работење на системот. Во вака предложениот начин на функционирање, комуналните претпријатија ќе продолжат да го вршат собирањето и транспортот (до депонија или трансфер станица) на комуналниот отпад. Од друга страна, системот ќе доведе до намалување на:

• Дисперзијата на отпадот при негово собирање и транспорт 

• Неконтролираното депонирање на отпадот на несоодветни локации и површини

• Несоодветниот третман на органскиот отпад кој предизвикува голема непријатна миризба

• Горење на отпадот

• Емисии од употреба на застарена механизација за транспорт која во голем дел се користи од општините 

За да можат комуналните претпријатија соодветно да одговорат неопходно е зајакнување на нивните технички и професионални капацитети. Неопходна е целосна модернизација на техничките капацитети, преку набавка на нови комунални возила, набавка и поставување на соодветен број на садови за собирање на отпад и селекција на самото место на настанување на отпадот (примарна селекција). Така ќе се овозможи поголема и поквалитетна достапност на услугите за собирање на отпад на целото население, намалување на негативните последици од неправилно или никакво постапување со отпадот, одделно собирање на рециклирачките материјали и на градинарскиот отпад. 

Секако, рака под рака со градењето на капацитетите неопходно е да се работи на прилагодувањето на легислативата и контрола за спроведувањето на одредбите во пракса. Во изминатиот период делумно се постигнаа некои од поставените национални цели за менаџирање на отпадот. Меѓутоа, се уште треба да се работи на прецизирање на операциите на колективните и индивидуалните постапувачи со отпад, развој на соодветна инфраструктура и генерално преминување кон принципот на циркуларна економија каде што секој јасно ќе ја знае својата улога и своите можности во синџирот  и при што планирано ќе се постапува со отпадот и рационално ќе се користат ресурсите.

Во моментот Министерството за животна средина и просторно планирање подготвува повеќе предлог закони кои се фокусирани токму на надминување на овие прашања, па се надеваме дека наскоро ќе следат и јавни расправи околу нивното финализирање. Во моментот на ЕНЕР е објавен и последниот Нацрт Закон за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, така што во исчекување сме наскоро да ги видиме и останатите нацрт документи коишто се подготвуваат.

КлиматскиПромени: На каков начин вашето комунално претпријатие  го третира отпадот и со какви проблеми се соочувате во секојдневното работење?

Бузалков: Јавното комунално претпријатие ДЕРВЕН од Велес во текот на 2019 година менаџираше со отпад со површина од 30.303.226 м2. Од домаќинствата е изнесен отпад со површина од 25.384.588 м2, од претпријатијата со површина од 4,918.638 м2,  од индустрија се изнесени 18,425 м3 комунален отпад. 

За извршување на овие активности Одделението за износ на смет е опремено со седум специјални возила (авто смеќари) со вкупен капацитетод 56 м3, едно комбинирано специјално возило од 27м3, три специјални возила (авто подигачи) за транспорт на контејнери од 5-7м3 и три трактори со приколка со носивост до 3 тони кои служат за изнесување на отпадот од повисоките зони на градот каде улиците се тесни и сообраќајот се одвива отежнато-

Во 2019 год. набавени се : едно специјално возило за изнесување на смет со капацитет од 22 м3, преку проектот БИОРЕАЛ едно специјално возило од 6 м3 и пет специјални возила за изнесување смет со капацитет од 9 м3 , два трактори со приколка за истата намена и цистерна за миење на улици.

Преземањето на отпадот од примарната селекција се врши двапати месечно во сабота,  во текот на денот. Собраниот отпад се селектира, балира, складира и предава на овластен откупувач на отпад од пакување со кој ЈКП Дервен има склучено Договор за соработка. Во 2019 год.  предадени  се  57,6 т отпад од пакување ( хартија, пет амбалажа и најлон).

Во текот на 2019 год. постапено е по доставени барања од правни субјекти на територија на Општина Велес за предавање на отпадна електрична и електронска опрема. Количините на собран  отпад од електрична и електронска опрема се складираа во складот. Предадени се 5,8 т , од овој вид на отпад во 2019 год. 

КлиматскиПромени:  Сведоци сме на секојдневни апели за рационално користење на ресурсите и зголемување на стапката на селекција и рециклирање. Колкав дел од отпадот во земјава се рециклира и која е реалната можност овој процент да се зголеми?

Бузалков: ЈКП Дeрвен доби дозвола за дејност складирање и третман на отпад во април 2017 година и веднаш по добивањето, со заеднички напори со ЕЛС Велес направивме неколку обиди, со неколку можни сценарија, со повеќе групи за вклучување на неформалните собирачи во системот на управување со отпад. Се покажа дека најголем проблем е укинувањето на социјалната помош доколку се интегрираат во системот, неможноста за вклучување на малолетни лица во системот, како и ниските лични примања кои претпријатието може да им ги обезбеди (што наведува на заклучок дека годишната заработка од продажба на отпад е поголема од годишните лични примања).

Кај нас не е создадена стабилна и развиена бизнис клима која отпадот ќе го препознае како ресурс. Нема модерни технологии на селекција. Ниту општините, ниту јавните претпријатија немаат доволно кадар кој ќе се занимаваат исклучиво со оваа проблематика.

КлиматскиПромени: Во последната година Јавното комунално претпријатие ДЕРВЕН од Велес спроведе две студии за проценка на можностите за управување со отпадот во општина Велес и во Вардарскиот плански регион. За какви студии станува збор и кој е крајниот резултат што се очекува да произлезе во идното управување со отпад?

Бузалков:  Да. Проектот носи наслов БИОРЕАЛ и е финансиран во рамки на IPA INTERREG програмата за прекугранична соработка. Преку проектот, ЈКП Дервен набави ново комунално возило авто-смеќар и изготви два стратешки документи, кои главно треба да ни ги трасираат патиштата во делот на управувањето со биоразградливиот и останатиот отпад кој може да биде рециклиран и реупотребен.

Идејата за Студијата за одржливо управување со винскиот и друг биоразградлив отпад во Вардарски плански регион произлезе од  на подготовките на претходните студии и на Регионалниот план за управување со отпад, каде дојдовме до сознание дека во Вардарскиот регион, како вински регион каде се произведува околу 53% проценти од вкупното национално производство на вино и каде има преку 50 винарии, се генерираат преку 20,000 тони вински отпад годишно, кој за жал не се користи, туку се одлага на несоодветни места и прави притисок врз животната средина. Во текот на истражувањата се увидоа можности за креирање на еден поширок модел, кој ќе ги опфати и другите фракции на биоразградлив отпад и модел кој ќе понуди одржливо управување со овој отпад, следејќи ги светските трендови и најдобри практики. Според направената анализа, Студијата ја предлага анаеробната дигестија како современ пристап кој е во целост во согласност со принципите на одржлив развој, циркуларна економија и со минимално влијание врз глобалното затоплување. Ова решение е прилагодено на достапниот отпад во Велес и регионот (вински отпад, отпад од свињарски фарми и кланици, отпад од прехранбена индустрија, угостителство, отпад собран од одржување на јавното зеленило и др.) кој сега делумно се управува од страна на нашето претпријатие, а со мали инвестиции може целосно да се собере и транспортира до соодветна инсталација за негова преработка во енергија и топлина. Радува тоа што овој потенцијал е веќе препознаен од инвеститорите и големи се изгледите во иднина, во наша непосредна близина да биде инсталиран биодигестор.


Во тек е и имплементацијата на втората студија за потребите на Проектот БИОРЕАЛ, која се однесува на проценка на влезните места на пазарот за крајни производи од компост во Вардарскиот плански регион.

Студијата има за цел да го истражи потенцијалното решение за управување со крајните продукти од компост во Вардарскиот плански регион, да ја разгледа можноста за управување со повеќе различни фракции на отпад кои можат да бидат рециклирани и реупотребени (хартија, картон, пластика, стакло), да ја утврди нивната потенцијална економска вредност и да предложи препораки кои ќе бидат интегрирани во генералниот план за управување со отпадот во регионот.

Целта на тимот е преку студијата да даде јасна слика за тековната состојба на оваа проблематика во регионот, како и препораки за понатамошни активности за следење во однос на локалните оперативни планови за работа и подигање на свеста кај локалното население и деловните субјекти за потенцијалната употреба на овој отпад. При тоа преку наодите и анализата на податоците преку студијата ќе се потенцираат и придобивките и недостатоците на сите понудени алтернативни решенија со што ќе се посочи она решение кое е најсоодветно да биде применето согласно анализираните специфични локални околности, гледано од економско - социјален и еколошки аспект.

КлиматскиПромени: Сите овие иницијативи коишто се спроведуваат во насока на порационално користење на ресурсите, менаџирањето со отпадот, реупотребата и рециклирањето, во голема мера се врзани со соработката помеѓу сите локални чинители каде се вклучуваат пред се граѓаните, приватниот сектор, локалните организации и институциите.  Во која насока го гледате градењето на капацитетите на сите овие чинители и на каков начин треба да се одвива соработката на локално ниво?

Бузалков: Да, со оглед на засегнатоста на сите овие чинители соработка помеѓу нив мора да постои и постојано да се надградува. Темите за менаџирање со отпадот треба се почесто да се наметнуваат на сите формални и неформални состаноци, да се слушнат сите искуства, да се разгледаат сите иницијативи и да се види можноста за примена на сите светски позитивни практики. За проблемите но и за потенцијалите на процесот мора отворено да се разговара. Токму затоа Општина Велес (тука мислам како на ЕЛС, така и на сите останати институции во нејзина надлежност), заедно со ЈКП Дервен мислам дека се едни од водечките во делот на управувањето со отпад и во перципирањето на здравата животна средина. Можеби горкото искуство не научи да бидеме единствени во тоа и сериозно да им пристапуваме на овие прашања. Затоа аплицираме и имплементираме такви проекти, затоа организираме еколошки настани, затоа континуирано ја зголемуваме јавната свест, делиме садови за комунален отпад и отпад за рециклирање на граѓаните и имаме силни граѓански здруженија.

{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close