Најголемата потреба за вода најверојатно ќе се јави во следните неколку децении. Населението во светот кое секојдневно се зголемува ќе има потреба од сé повеќе вода која ќе ја користат луѓето, фармите и компаниите. Повеќе луѓе ќе мигрираат во градовите, со што уште повеќе ќе се намали достапноста на водата. За новата средна класа ќе биде потребно поголемо производство на храна и електрична енергија за што е исто така потребно повеќе вода.
Но, не е јасно од каде ќе доаѓа таа вода. Се очекува под влијание на климатските промени некои региони да станат посуви, а некои повлажни. Со овие екстремни промени на врнежите во разни региони, жителите ќе се соочат со сé поголеми суши и поплави.
14 од 33 земји кои најверојатно ќе имаат најголеми проблеми со водата во 2040 година се на Блискиот Исток. (Дубаи, ОАЕ) Фотографија: Џејсон Мрачина / Фликр.
Иако промените во водоснабдувањето и побарувачката се неизбежни, сепак не е јасно што точно ќе се случува и кои ќе бидат промените во различни делови од светот. Првата ваква анализа спроведена од Светскиот институт за ресурси малку го разјаснува ова прашање.
Со употреба на неколку климатски модели и социо-економски сценарија, Светскиот институт за ресурси (WRI) го рангираше намалувањето на површинските води во 167 земји и тоа до 2020, 2030 и 2040 година. Утврдено е дека 33 држави ќе се соочат со исклучително висок недостиг на вода во 2040 година (кликнете за да ја видите целата листа). Исто така утврдивме дека Чиле, Естонија, Намибија и Боцвана може да се соочат со особено значителен недостиг на вода до 2040 година. Ова значи дека компаниите, фармите и жителите на овие земји се поранливи на недостигот на вода во споредба со денешната ситуација.
Неизвесна иднина за регионите во кои нема стабилни водни ресурси
Четиринаесет од 33-те земји најмногу изложени на недостиг од вода се на Блискиот Исток, а меѓу нив се и 9 кои се сметаат за изложени на висок ризик, односно имаат највисок број поени (5.0 од 5.0). Тоа се: Бахреин, Кувајт, Палестина, Катар, Обединети Арапски Емирати, Израел, Саудиска Арабија, Оман и Либан. Регионот кој и така е најсиромашен со вода во голема мера веќе ги искористува подземните води и отсолена морска вода, и ќе се соочи со исклучителни предизвици во блиска иднина.
Водата можеби не изгледа главен проблем кога во регионот има насилство и политичка несигурност. Сепак, сушата и недостигот на вода во Сирија најверојатно придонеле да дојде до немирите кои ја предизвикаа граѓанската војна во 2011 година. Се понедостапните водните ресурси и хроничното лошо управување со истите направи 1,5 милион луѓе, главно земјоделци и сточари, да ги загубат приходите и да ја напуштат земјата, да се преселат во урбаните подрачја и со тоа да придонесат за општа дестабилизација на Сирија.
Проблемот се проширува и на другите земји. Водата претставува значителна димензија на конфликтот кој трае веќе со децении помеѓу Палестина и Израел. Владата на Саудиска Арабија рече дека народот поради стравот од целосно намалување на водните ресурси до 2016 година речиси целосно ќе започне да увезува житарки , што е голема промена бидејќи до сега со децении граѓаните на Саудиска Арабија одгледувале сé што им е потребно. Националниот разузнавачки совет на САД објави дека проблемите со водата ќе ги изложат главните земји во Северна Африка и Блискиот Исток на сé поголем ризик од нестабилност на државата и ќе ги одвратат од ангажмани поврзани со надворешната политика на САД.
Недостигот на вода во најголемите економии во светот
Иако тие најверојатно нема да се соочат со екстремен недостиг на вода како тој што ќе се јави на Блискиот Исток во 2040-те години, најразвиените земји во светот како што се САД, Кина и Индија исто така се соочуваат со сопствени ризици. Во сите овие три земји се предвидува речиси постојан недостиг на вода се до 2040 година. Сепак, во некои региони од овие држави како на пример Југозападот на САД и провинцијата Нингксија во Кина може да се јави поголем недостиг на вода и тој да се зголеми од 40 до 70 проценти.
Ова е одраз на фактот што за анализите се користат податоци на национално ниво. Изведувањето на просек за недостигот на вода во целата земја може да ги затскрие локалните ризици, дури и кога се користи алгоритамот на WRI за пондерирање со цел да се пресмета ризикот од недостиг на вода во местата каде таа се користи најмногу. Светскиот институт за ресурси (WRI) генерално препорачува алатката Aqueduct да се користи на ниво на речен подслив, со цел да се добијат подетални информации. Сепак, определени корисници, како на пример меѓународните банки со национални портфолија, зависат од националните индикатори за оценување на ризикот, така што овие ранг листи и збирни бодувања се од голема важност.
Несигурноста е присутна кај овие напредни модели бидејќи идните климатски услови и начини на менување на климата не е можно да се предвидат. Наместо да се фокусираме на најдоброто или на најверојатното сценарио за идните климатски услови, овие ранг листи се илустрација само на една можна идна ситуација со водоснабдувањето и побарувачката на вода.
Ние ја избираме оваа иднина во консултација со водечки експерти бидејќи овие поедноставени, но корисни информации може да им помогнат на меѓународните организации, компаниите и финансиските институции да преземат чекори за намалување на ризиците. Ова рангирање и бодување може исто така да им помогне на корисниците полесно да се прилагодат на можните идни сценарија за климатските промени и побарувачка на водите.
Што ги предизвикува промените?
Врз секоја држава која е изложена на ризик од недостиг на вода влијаат различни комбинации на фактори. За Чиле на пример, се предвидува дека од земја изложена на среден ризик во 2010 ќе премине во земја изложена на исклучително висок ризик во 2040 година и е меѓу земјите кои најверојатно ќе се соочат со намалување во водоснабдувањето поради комбинираните последици од сé повисоките температури во критичните региони и промените во врнежите.
Боцвана и Намибија се во регион кој веќе е ранлив на климатските промени. Водоснабдувањето е ограничено, а ризикот од поплави и суши е висок. Раст на температурите во Јужна Африка најверојатно ќе бидат поголем од светскиот просек, а ќе дојде и до промени кај врнежите и сушите. Во однос на побарувачката на вода, според предвидувањата на Aqueduct, се очекува зголемување од 40 до 70 проценти или дури и поголемо, што дополнително ќе ја влоши состојбата во регионот.
Кои и да се причините, исклучително високиот недостиг на вода создава средина во која компаниите, фармите и жителите се многу зависни од водата и ранливи на најмалите промени во водоснабдувањето. Таквите ситуации се закана и за националната обезбедност со вода и на економскиот раст. Националните и локалните власти мора да донесат добро подготвени национални планови за климатска акција и да го поддржат меѓународниот Париски договор за климатска акција. Владите исто така мора да одговорат со практики за управување и заштита кои ќе помогнат да се заштитат основните одржливи водни ресурси за идните генерации.
33 земји кои се најмногу изложени на ризик од недостиг на вода во 2040 година
Ранг | Име | Сите сектори |
1 | Бахреин | 5.00 |
1 | Кувајт | 5.00 |
1 | Катар | 5.00 |
1 | Сан Марино | 5.00 |
1 | Сингапур | 5.00 |
1 | Обединети Арапски Емирати | 5.00 |
1 | Палестина | 5.00 |
8 | Израел | 5.00 |
9 | Саудиска Арабија | 4.99 |
10 | Оман | 4.97 |
11 | Либан | 4.97 |
12 | Киргистан | 4.93 |
13 | Иран | 4.91 |
14 | Јордан | 4.86 |
15 | Либија | 4.77 |
16 | Јемен | 4.74 |
17 | Македонија | 4.70 |
18 | Азербејџан | 4.69 |
19 | Мароко | 4.68 |
20 | Казахстан | 4.66 |
21 | Ирак | 4.66 |
22 | Ерменија | 4.60 |
23 | Пакистан | 4.48 |
24 | Чиле | 4.45 |
25 | Сирија | 4.44 |
26 | Туркменистан | 4.30 |
27 | Турција | 4.27 |
28 | Грција | 4.23 |
29 | Узбекистан | 4.19 |
30 | Алжир | 4.17 |
31 | Авганистан | 4.12 |
32 | Шпанија | 4.07 |
33 | Тунис | 4.06 |
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}