Ако климатските промени бараат правилно адресирање и идентификување на идните потреби и обврски, како и приоретизација на активности на широк спектар на засегнати страни, јасно се истакнува значењето на правилно искомуницирани информации во областа. Длабоко сум убедена дека комуникацијата не може да биде само цел на крајот на проектот, туку таа мора да биде континуиран и составен дел на промените на однесувањето, мора да мотивира, да ги намалува препреките и да дава заеднички развиени решенија и визии.
Токму Вториот двогодишен извештај за климатските промени (SUBR) е успешен пример за добар комуникациски пристап во текот целиот процес на изработка на документот. Овој извештај, како и претходните извештаи и плански документи што се изработени од страна на Програмата за развој на Обединетите Нации и Министерството за животна средина и просторно планирање во областа на климатските промени, не се само извештаи и бројки кои државата треба да ги подготви за да реферира спема Конвенцијата за климатски промени на Обединетите Нации ( УНФЦЦЦ ), туку се многу повеќе.
Секој од овие документи има живот во себе или како што популарно би рекла има душа. Дури, мое лично убедување базирано на отвореноста да се погледаат работите и под површината, е дека во изработка на Вториот двогодишен извештај за климатски промени посебна улога имаше самиот процес на изработка на документот. Од самиот почеток, па до крајот се препознаваше по силната мотивирачка компонента и иновативниот пристап при креирање на докуменот базиран на масовна вклученост на претставници на колку што е можно повеќе засегнати страни и општествени чинители: владини институции, локални власти, невладиниот сектор, бизнисот, медиумите и науката. Изработката на документот се потпираше на работата и авторитетот на домашните експерти со што ги зајакна националните научни капацитети, ги поврза различните субјекти, ги намали препреките условени од различните потреби и интереси и ги мотивираше да развиваат заеднички решенија и визии кои како такви се и најсилни.
Од тука, изработката на Стратегијата за комуникација за климатските промени во рамки на Третиот национален план за климатски промени како општа национална комуникациска рамка за областа, потоа изработката на Извештајот за напредокот на имплементацијата на комуникациската стратегија за 2013-2016 и изработката на Акцискиот план за комуникација за наредните три години се авангардни и вистински алатки за полесно координирање на #KлиматскaAкциja.
Комуникацискиот Акциски план јасно укажува на потребата за градење на моќни комуникациски мрежи за различните засегнати страни и на различни нивоа. Размената на информации, комуницирање на тековните и идните проекти, како и здружување на капацитетите и експертското знаење овозможува поголема успешност, оригиналност во реализација на проектите и избегнување на беспотребно трошење на средства и време за проекти кои се повторуваат.
Појдовна точка при креирање на Акцискиот план 2017-2020 е проценката на напредокот на Комуникацискта стратегија и Акцискиот план 2013-2016, како и споредбените резултати од двете електронски истражувања на перцепцијата на јавноста за климатските промени во Република Македонија (2014г. и 2016г.).
Ваквиот пристап, овозможи обновување на нивото на информации за јавната перцепција за климатските промени, специфицирајќи ги добро познатите теми и оние кои треба да бидат подобро пренесени. Последното електронско истражување помогна во идентификацијата на клучниот поттик за развивање на посакуваното, климатски свесно однесување на јавноста. Резултатите, исто така, укажаа на најпопуларните медиуми за добивање на информации поврзани за климатските промени, на кампањите и институциите кои работат на ова поле со највисока видливост, и на институциите кои македонците ги гледаат како најпроактивни во спроведување на проекти поврзани со климатски промени. Споредбата на резултатите на ова истражување со претходна анализа на јавното мислење, покажа колку ефективни биле комуникациските и вклучувачките активности во последните две години.
Имено, свеста за климатските промени во последиве две години се подобрила: додека во 2014 година дури 34% од испитаниците не знаеја како да ги препознаат климатските промени и постоеше недостаток на информации, во 2016 година тој процент е многу помал, 14%. Овој податок јасно покажува дека напорите за подобро информирање и споделување на примери за добри практики дале позитивен резултат и дека тој треба и во иднина да се одржува. Но при тоа, треба да имаме предвид дека фазата на подигање на свеста не може да биде првиот неопходен чекор пред комуникацијата и дискусијата за можните решенија за проблемите поврзани со климатските промени. Од тука, во понатамошните комуникациски активности посебно внимание треба да се посвети на дизајнирањето на кампањите за климатски промени за да со нив се постигне крајната цел - воспоставување на добра комуникација со широката јавност и таргетираните целни групи, бидејќи само кога програмите и иницијативите за климатски промени произлегуваат од потребите на јавноста, нивната ефикасност ќе биде осигурана.
Акцискиот план предвидува активности на четири нивоа (таргетирани во стратегијата за комуникација на климатските промени) и тоа воспоставување на општа комуникациска рамка, активности за зајакнување на ниво на град, на ниво на работно место и на ниво на домаќинство.
За да може Акцискиот план успешно да се преточи од замисла во реалност изработена е и нова интернет страница за климатски промени (https://klimatskipromeni.mk/) во која многубројните информации од областа на интересен, популарен, иновативен и лесно пристапен начин се пренесуваат до различните засегнати страни и широката јавност.
И сосема накрај да потсетам дека е ДОСТА СО БЛА, БЛА АКТИВНОСТИ, ВРЕМЕ Е ЗА #КлиматскаАкција.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}