Дали трите прасиња ќе се спасат од волкот лош (климатските промени) и какви куќи (адаптивни мерки) треба да создадат?

Дали трите прасиња ќе се спасат од волкот лош (климатските промени) и какви куќи (адаптивни мерки) треба да создадат?



Сите прасиња се свесни за опасноста, ја препознаваат, знаат дека треба да сторат нешто, преземаат акции.... Но има голема разлика, која само образованието и науката можат да ја променат. Првите две прасиња не се доволно едуцирани, не го познаваат доволно волкот, не го проучиле, не знаат колку е моќен и силен, колку и што може да стори. Веруваат дека се безбедни со преземањето на било каква акција, дека не треба да посветат многу време и труд во проучување и изучување на проблемот, нема потреба да се потрошат повеќе средства, залудно да се троши време, енергија и пари, пишува на интернет, сите велат дека вистинското решение е куќа..... За жал, нивната акција е несоодветна, не може да ги заштити и ја губат битката. Третото прасе, за разлика од нив, точно знае кои се димензиите на проблемот, презема успешна акција и победува

Ќе започнам со сказната за трите мали прасиња. Секако се сеќавате на дејствието во оваа прекрасна сказна или на извонредната адаптација која Волт Дизни ја преточил во анимиран филм. За секој случај, накратко, големиот зол волк (климатските промени) сака да ги изеде прасињата. Овие за да се заштитат од него градат куќи (мерки на адаптација). Eдното прасе гради куќа од слама, второто од гранки и третото од цигли (различито ниво и цена на имплементација на адаптивните мерки). Трите прасиња се чувствуваат безбедно во своите домови и ја пеат една од најубавите песни за деца: „Кој се плаши од волкот лош? Три за грош...“. Зошто да не, презедоа (климатска) акција и сега се среќни, сигурни, не се плашат веќе... Понатаму, ќе ја користам оригиналната верзија на сказната, во кој волкот со дување ја уништува куќата од слама и го изедува првото прасе. Потоа дува и во куќата од гранки, која исто така се распаѓа и го изедува и второто прасе.  Третата куќа, направена од цигли успева да одолее на сите обиди на волкот да ја оддува и неа. Сепак волкот не се откажува така лесно, презема разни итроштини да го прелаже прасето да излезе од куќата и да го изеде. Но, прасето е поумно од него и не излегува. На крајот волкот „се сети“, па се обидува преку оџакот да влезе во куќата, но паѓа во котелот со вода што врие, која прасето однапред ја ставило на огништето (уште една акција), го поклопува волкот со поклопец, го вари и го изедува.... И тука прикаската завршува. За жал крајот не е среќен за сите, го нема оној фамозен крај „и така сите живееа среќно за секогаш“, кој се јавува во подоцнежните адаптации на оваа басна. Има само еден победник, сите останати загубија....

Која е разликата и каде е тука едукацијата. Сите прасиња се свесни за опасноста, ја препознаваат, знаат дека треба да сторат нешто, преземаат акции.... Но има голема разлика, која само образованието и науката можат да ја променат. Првите две прасиња не се доволно едуцирани, не го познаваат доволно волкот, не го проучиле, не знаат колку е моќен и силен, колку и што може да стори. Веруваат дека се безбедни со преземањето на било каква акција, дека не треба да посветат многу време и труд во проучување и изучување на проблемот, нема потреба да се потрошат повеќе средства, залудно да се троши време, енергија и пари, пишува на интернет,  сите велат дека вистинското решение е куќа..... За жал, нивната акција е несоодветна, не може да ги заштити и ја губат битката. Третото прасе, за разлика од нив, точно знае кои се димензиите на проблемот, презема успешна акција и победува (многумина тука ќе кажат „или едноставно има среќа“  во нашата прекрасна земја на кладилници).

Образованието е најверојатно клучниот елемент кој може да придонесе кон правилно разбирање на проблемот на климатските промени, негово соодветно ублажување и преземање на соодветни мерки на прилагодување. Ќе се послужам со резултатите од истражувањето на јавното мислење за климатските промени кое е спроведено во 2019 од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање во рамки на подготовката на Третиот двогодишен извештај за климатски промени (Перцепција на климатските промени и нивото на свест: Интернет-истражување на граѓаните на Република Северна Македонија, 2019). Според извештајот, истражувањето покажало дека испитаниците ги детектирале климатските промени како на трета најсериозна закана за општеството (после криминалот и корупцијата и недостигот на чиста вода). Дури 92,2% од испитаниците сметаат дека се информирани за различните влијанија и последици од климатските промени (51.9% добро информирани и 40.3% информирани во извесна мера). Јасно е дека јавната свест е развиена и скоро сите сме свесни дека проблемот постои. Во однос на највидливите последици од климатските промени, испитаниците најмногу ги препознаваат екстремните температури и неправилностите во менувањето на годишните времиња и врнежите. Понатаму извештајот наведува дека граѓаните сѐ уште немаат доволно знаење за адаптацијата на климатските промени. Потребни се дополнителни напори и внимание за да се промовираат најдобрите практики за адаптација и да се поддржи развојот на конкретни мерки за адаптација. Последен детал кој ќе го пренесам од овој извештај, а кој лично доста ме загрижува е дека „како најдобар начин за споделување на информциите и понатаму останува интернетот и социјалните мрежи“.  Истиот извор кој толку детално ги наведува ефектите на Харп ситемот врз појавата на екстремните метеоролошки појави и нашето однесување или, прецизно ги анализира негативностите на 5Г технологијата и нејзиното значење во пандемијата со КОВИД-19 и изнесува „сериозни научни докази“ дека планетата е рамна. Да не ме сфатите погрешно, не сум против овој тренд, но неопходно е читателот да може да разликува што е вистина, што е манипулација а што мајтап (или сатира, што би рекле оние поучените од мене). Како светла точка за мене остануваат оние  12.7% од испитаниците кои информациите ги добиваат преку извештаите и студиите, односно 7,9% кои читаат специјализирани списанија.

Токму тука е улогата на образованието, од препознаен проблемот на климатските промени треба да прејде во разбран, научен, совладан и (ако планетава има среќа) во решен. Првиот пат кога го споменав образованието беше заедно со науката. Бидејќи силно верувам дека квалитетното образование треба да произлезе од науката. Јас веќе 35 години работам во образованието. Морам да признаам, не сум едуциран во областа на образованието. Работам по чувство, работам преку примена на добри практики, кои сум ги видел, тестирал во праксата, сум ги пренел од други универзитети... Затоа ова што понатаму ќе го говорам, е само мое лично видување. Како треба да се пристапи кон воведување на образовни содржини во системот на формално образование, конечниот збор мора да го има науката.

Кога треба да се започне со образование од областа на климатските промени? Според мене што е можно порано. Пред да се започне со воведување на овој тип на образование мора да го прочистиме образованието од сите оние „условни невистини“, кои несвесно ги пренесуваме, а се однесуваат на тоа дека нашата татковина е богата со шуми, води, плодни почви има идеални услови за земјоделство... Небаре е богата миразџика, а јас сум оној дечкото од песната на Балашевиќ, кој сака преку ноќ да се збогати, па ќе ја женам поради имотот. Не, татковината се љуби од други причини, со и без мираз, таква каква што е, едноставно бидејќи е мојата татковина. Доколку мислите дека можеби се обидувам да ве мамам кога велам дека не сме природно богати, само имајте во предвид дека густината на шумите во Република Северна Македонија има само 77,3 м3/ха, додека Швајцарија и Словенија имаат дури по околу 350 м3/ха, односно 1 нивен хектар е еднаков на 5 наши. Помала густина на шумите од нас, во Европа имаат само 6 држави, а повеќе можете да видите тука. По однос на водите, ние имаме малку повеќе од 700 мм врнежи годишно. Оваа вредност и не е така мала и имаме доволно вода, но ако се земе во предвид дека просторната и временската дистрибуција на врнежите е доста неповолна, па најголемите суми на врнежи се јавуваат во високопланинските предели по простор и во текот на доцната есен, зимата и раната пролет, а во летниот период нашите полиња страдаат за вода. За да се испегла овој „недостаток“ изградени се 37 поголеми вештачки езера (24 брани и езера со особена значајност, 13 големи брани и езера), а заедно со помалите акумулации оваа бројка изнесува преку 100. Овие акумулации ја собираат водата во периодите кога се јавува вишок и обезбедуваат снабдување со вода во периодите кога имаме недостиг. Ова значи дека, ние сме инвестирале во развој на водостопанските објекти и сме успеале да ја надминеме природната аномалија во обезбеденоста со вода, но сето тоа има своја цена на чинење. По однос на почвите, кај нас скоро и ги нема оние длабоки, плодни почви кои имаат извонредна структура и одлични својства за земјоделско производство. Кај нас како најплодна почва се смета алувијалната, која е всушност нанесен речен песок и мил.... Во земјоделството, нашите приноси се меѓу најниските во Европа, нашите земјоделци се мачат со неповолните почвени услови, мораат да ги наводнуваат повеќето од земјоделските култури, приносите додатно се намалуваат поради топлотните бранови, штетниците и болестите, изгорениците од сонце Сметам дека првин треба да се ослободиме од заблудата дека имаме се, природните ресурси кај нас се неограничени, не треба ништо да преземаме да ги штитиме и унапредуваме, богати сме за навек... Дали е срамно да се каже дека нашата татковина не располага со доволно природни ресурси, шумите, пасиштата и земјоделското земјиште се ниско продуктивни, за секој од нас на располагање се само околу 2500 м2 обработливи површини, од кои треба да ја обезбедиме потребната храна, водите се лошо распределени по простор и време и во голем дел загадени до степен на неупотребливост за повеќе намени, квалитетот на воздухот не баш задоволува....

Откако ќе го разбереме сето ова, можеме да одиме понатаму, да се воведат содржини кои уште од најмала возраст треба да укажат дека климата се менува, дека она што го живееме денес, утре можеби нема да биде возможно, дека одговорноста за климата и природните ресурси е еднаква за секој од нас. Сите сме одговорни и сите сме должни. Една од најубавите мисли поврзани со планетата Земја секако е: „Да не се однесуваме кон Земјата како дека сме ја наследиле од нашите предци, само сме ја позајмиле од нашите наследници„. Од почетокот на индустриската револуција до денес има нешто повеќе од 200 години. Колку е тоа во генерации?? Можеби 7, можеби 8 генерации пред нашата. Овие генерации не свесно допринеле кон појавата на глобалното затоплување. Не се единствени кои грешеле во своето незнаење. Можеби и ние грешиме со многу работи за кои денес веруваме дека се исправни, дека тоа е вистинскиот пат... Дали е во ред ние да се однесуваме еднакво како нашите предци пред стотина години? Едноставно да продолжиме со истиот пристап и истата дури и интензивирана (зло)употреба на ресурсите и технологиите во трката за профит, иако сме свесни дека големиот зол волк станува се посилен и се позол.... Затоа основно е да се промени перцепцијата кај младите генерации кон светот кој ги опкружува. Оние после нас мора да бидат еколошки образовани, пред се бидејќи ние „успеавме“ она што од нив го позајмивме, да го деградираме, обезличиме, и најлошо од се, да го прикажеме како небитно. На крајот ќе им го вратиме скоро неупотребливо. Извини чедо, но морално беше. Не е само климата, тука се почвите, водите, воздухот... Понекогаш се прашувам дали воопшто ќе успеат да ја ревитализираат планетава.

Сметам дека образованието за климатските промени треба да започне од најмала возраст и да биде континуирано низ целиот систем на образование. Исто така сметам дека проблемот на климатските промени задолжително мора да биде интегриран во секоја дисциплина, во секој предмет кој се изучува. И не се прашувајте како тоа ќе се интегрира во овој или во оној предмет. Тоа секако го знаат експертите од областа, бидејќи климатските промени се дел од нашето секојдневие. Ова не го исклучува постоењето на посебен предмет посветен исклучиво на климатските промени. Да ве потсетам изедените прасиња знаеја за проблемот, но недоволно го познаваа. Сметам дека треба да го има во сите нивоа на образование, од основно до докторски студии. Факултет за климатски промени? Истражувачки центар за климатски промени? А зошто не? Се разбира доколку анализата на пазарот на труд укаже дека има потреба од тој тип на високообразовани кадри.

Многу различни слогани се изречени за моќта на образованието. Нема да повторам ниту парафразирам некој од нив, бидејќи од образованието очекувам исклучиво резултати. Би сакал да видам променета перцепција кај сите нас. Зошто? Бидејќи ние се уште ги издвојуваме климатските промени како нешто посебно, нешто специјално. А треба да се нешто обично, секојдневно... Зошто климатските промени не станат клима, зошто мерките на прилагодување не станат нормални практики, зошто чистиот развој, не стане развој. Зошто да им даваме на овие толку неопходни работи посебни епитети??? Зошто придавките не ги употребуваме во друг контекст? Да кажеме валкан развој, претходни практики, не прилагодливи технологии, климата на минатото...  Е тука е моќта на образованието, да создаде нови генерации кои ќе бидат „поотпорни“ на климатските промени. Генерации свесни за проблемот, а истовремено спремни да живеат со него, да се борат со него и доволно умни во разумен рок да го поразат.

Проф. Ордан Чукалиев

Проф. Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна е експерт со 30 годишо искуство, објавено над 100 публикации, со особен придонес во теми како климатски промени и нивното влијание врз земјоделство, заштита на водите и почвата, техники на наводнување и други.

{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close