Дали сме родово еднакви пред КОВИД 19?

Дали сме родово еднакви пред КОВИД 19?



Пандемијата на КОВИД 19 отвори многу прашања на општественото живеење, меѓу кои неизбежно е прашањето дали сме родово еднакви пред ударот?

Една од најтешките теми, покрај здравствената, е економската криза која е веќе условена и започната, а која неминовно различно ќе се рефлектира на мажите а различно на жените. Накратко, доколку се направи една многу брза и кратка анализа на пазарот на труд и на секторите првично најпогодени од кризата ќе се добие заклучок дека мажите се тие кои економски ќе го сносат теретот.

Според  Државниот завод за статистика во 2019 стапката на вработеност по пол е 41.4% жени наспроти 58.6 мажи. Во статусот работодавец[1] 77.5% се мажи наспроти 22.5 жени. Вработени на сопствена сметка се 81.6% мажи наспроти 18.4% жени, поради очекувањата дека компаниите ќе имаат најголема загуба од пандемијата.

Во случајов, со оглед на ударот на пандемијата на економијата бројките покажуваат дека мажите се тие кои се попогодени од кризата. Во таа насока оди и податокот дека учеството на жените во вкупниот број на работодавци на претпријатијата со 1 до 10 вработени е 19.5%.[2]

Доколку се направи секторска анализа на пазарот на труд и родовата хоризонтална професионална сегрегација, сликата е иста. Имено, според досегашните трендови на пандемијата најзагрозени сектори се туризмот, угостителството и транспортот (Влада на РМ, 19.03.2020).

Секторската анализа покажува дека во овие сектори има родов дисбаланс, односно во Објекти за сместување и сервисни дејности со храна во 2017 биле вработени 68.7% мажи односно 31.3% жени[3], или според МакСтат базата на ДЗС во 2016 во делот Вработени во секторот Хотели и ресторани биле вработени 17 129 мажи наспроти 8317 жени во апсолутни бројки.

Транспортот е традиционално машки доминиран сектор, што го потврдуваат и податоците во статистичкиот сектор Транспорт и складирање со стапка на вработеност од 87.2% мажи наспроти 31.3% жени во 2017[4].

Но, ако се вратиме на основата а тоа е дека пазарот на трудот е сеуште предоминиран од мажите, реално е очекувано истите да бидат економски попогодени од оваа криза.

Тоа што e скриено, но во исто време и многу видливо од овие бројки е феминизацијата на сиромаштијата, односно дека ионака кревката поставеност на жената на пазарот на трудот, сега станува уште покревка.

Генерално е познато дека во случаи на пандемија, природни катастрофи и елементарни непогоди, сепак најпогодени од ударот се сиромашните и оние кои живеат во состојба на социјална исклученост.

Во случајов социјалното исклучување кое се препорачува како превентивна мерка од ширењето на корона вирусот ќе биде најтешко за веќе социјално исклучените.

Биполарната родова сегрегација тука значи зголемена ранливост на жените во економска и социјална компонента како и изложеност на ризик по здравје.


Koja e другата (невидливата) страна на родовата нееднаквост?

Ризик по здравје

Хоризонталната родова сегрегациија во секторот Дејности на здравствена и социјална заштита е силно изразена со дури 76.9%  жени наспроти 23.1% мажи[5]. Само во делот на здравствената заштита, односно половите статистики покажуваат застапеност од 61.1% на жените како лекари во РМ за период од 2007-2015 година.[6]  

Доколку се земе предвид фактот дека најизложени на ризик по здравје поврзан со пандемијата се здравствените работници, не е тешко да се увиди кој го носи товарот во овој дел.

Семејното насилство

Женските организации ширум светот нагласија дека во случаи на физичка изолираност, односно тогаш кога не смее да се напушти домот, се очекува зголемување на преваленцата на семејно насилство. Од друга страна, пристапот на жртвите до сервисите за помош е отежнат. Во овој случај станува збор за живото-загрозувачка состојба, со која уште еднаш се нагласува потребата за интервенција од страна на државата, односно тука се повторува фактот зошто беше и сеуште е исклучително значајно здравствениот персонал како и полицијата, па и припадниците на војските да се силно родово сензибилизирани, односно обучени за препознавање и постапување по случаи на семејно насилство. Не треба да се споменува дека овие три категории  во случаи на пандемија се првите кои најмногу контактираат со општата популација, односно први кои ќе препознаат случај на семејно насилство и по истото да се постапат соодветно нивните надлежности.

Неплатен труд во домот

Неплатениот труд во рамки на семејството кој паѓа на товар на жената. Сметам дека е излишно да се нагласува дека во случаи на изолација – истиот товар е зголемен, заради неможноста да се пристапи до одредени сервиси кои спаѓаат во делот на неплатен труд во семејството: чистење, чување деца и грижа за стари и изнемоштени лица (долготрајна нега), итн. Тука се надоврзува отежнатата можност на жените за работа од дома, што во одредени случаи влијае по нивната ефикасност и ефективност во извршување на работните задачи.

Дали работодавачот би го имал тоа во предвид?


Транспорт

Јавниот транспорт е најчесто користен од жените.  Во вкупниот процент на сопственици на моторно возило, жените учествуваат  со 15%, на ниво на државата, додека во Скопскиот регион е нешто повисок 21%. Малиот процент на жени сопственици на автомобили придонесува да жените најчесто се корисници на  јавниот превоз за секојдневно организирање на обврските. Изложеноста на ризик од пренесување вирус е тука голема.

Јавниот транспорт е често идентификуван како опасна точка во делот на “safe spaces” односно места каде жените се многу често изложени на родово базирано вознемирување.

Од друга страна моменталната состојба придонесува за намален или во некои случаи прекинат јавен транспорт.  Со оглед на фактот што жените се тие кои почесто го користат, се поставува прашањето како тоа ќе се рефлектира на нивната можност да ги завршат најпотребните активности: пристап до храна, лекови, одредени социјални и здравствени услуги како пристап до работното место?

Употреба на енергија во домаќинствата

Анализите покажуваат дека жените се поспремни да го жртвуваат своето време за да извршуваат обврски во домот кои би ги намалиле трошоците на енергија, како и дека стапката на сиромаштија е поголема кај семејствата со самохрани мајки што се рефлектира во нивна енергетска сиромаштија.

Во услови на физичка изолација, активностите во домот кои подразбираат користење енергија во домот, заради зголемените семејни обврски, исто така се зголемува, а тука како најпогодена група се јавуваат самохраните мајки.

Земјоделство

Половите статистики во сопственоста на земјоделските стопанства укажуваат на многу ниска стапка на жените во истите со 11% (ДЗС, 2014)[1], а од друга страна во категоријата неплатени семејни работници жените имаат учество од 67.6% наспроти 32.4% мажи. Една од првите економски мерки кои владата ги воведува е “се однесува на директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании од страна на Развојната банка на Северна Македонија[2]”. Ако се вратиме на податоците за родова поделба на работодавци (77.5% се мажи наспроти 22.5 жени) и ако имаме предвид колку жените имаат мал удел во сопственоста на земјоделските стопанства, може да заклучиме дека нерамноправноста останува ист, воедно останувајќи на истиот податок дека жените и понатаму ќе останат неплатени семејни работници  во родовата поделба на трудот општо, но и неплатени семејни работници во земјоделството.

Жените традиционално не стануваат наследници на имотот/земјоделската површина што резултира со нивна неможност да управуваат со финансиите, односно со само 11% од сопствениците на земјоделските стопанства имаат мал удел во нивниот пристап до банкарски услуги, заеми, кредити.

Анализите исто така покажуваат дека женскиот труд во семејството е најчесто поврзан со активности за  одржување хигиена, готвење за домот или наводнување за одгледување на одредени видови култури – претежно во близина на домот.

Тука доаѓа уделот на климатските промени и нивното негативно влијание во пристапот до вода за консумирање и вода за наводнување на земјоделските површини.

Заклучок

Општите состојби кои се загрозувачки по здравјето и животот на целокупната популација секако имаат негативни последици и за мажите и за жените.

Сепак, социјалните и културните родови улоги, родовата поделба на избор на образование и професија, родовата поделба на пазарот на трудот и на крај родово базираната дискриминација и родово базираното насилство, придонесуваат да тие последици имаа родова перспектива односно се разликуваат во одредени сегменти.

Тие сегменти треба да се анализираат  откако ќе има можност за собирање на родово поделени податоци и врз основа на нив да се испланираат родово одговорни стратешки мерки.

Но пред тоа, секако треба да биде јасно дека креирањето на силни родово одговорни политики и нивна ефикасна имплементација, секако би можела да го ублажи ударот на непредвидените пандемии.

[1] No data available for the other categories
[2] SSO publication: Women and men in RNM, 2019
[3] Ibid
[4] SSO publication: Women and men in RNM, 2019
[5] Analysis of the sectors Health and Social protection: MOE, 2017
      http://csoo.edu.mk/images/DOCs/Analizi17/ans-zdrsoczast.pdf
[6] Structure of agricultural holdings 2013, SSO
 [7] http://www.economy.gov.mk/vest/392

Олгица Апостолова

Олгица Апостолова е м-р по Европски студии за интеграција и комуникација, со 18 годишно искуство во областа на родовата еднаквост, социјалната инклузија и недискриминација.

{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close