Парискиот договор претставува голем исчекор во преговорите околу климатските промени во последните 20 години и дава широка основа за значителен напредок. Се заснова на планирани национални придонеси (ИНДЦ) кои се одраз на националните климатски политики и активности. Штом државите формално ќе го усвојат Парискиот договор, нивните планирани национални придонеси (ИНДЦ) се сметаат за национални придонеси кон климатските промени.
Како што покажува Слика 1, националните придонеси за ублажување на климатските промени, поврзани со Парискиот договор, би довеле до средно затоплување од околу 2,7°C до 2100 година (во опфат од 2,2 до 3,4° C), што значи дека има веројатност затоплувањето да се одржува под 3°C – но не и под 2°C.
Слика 1.Емисии и предвидени температури во 2100 година според сегашните политики и сценарија (Извор: Climate Action Tracker)
Од сите држави кои го ратификувале Парискиот договор се бара да „подготват и да достават долгорочни стратегии за развој со ниски емисии на стакленички гасови“. Развиените држави (Анекс I) кои веќе имаат цели за 2050 г. можат да ги ревидираат своите планови бидејќи најголем дел од овие нив мора да бидат поамбициозни, додека државите во развој (оние што не припаѓаат на Анекс I), како Република Македонија, можат да го користат искуството од процесот за подготовка на националните придонеси, да почнат од постоечките планови и да развијат долгорочни визии.
Република Македонија активно дава свој придонес во меѓународните процеси поврзани со климатски промени преку редовно известување. Во случајот на Македонија, барањата за начинот на известувањето се различни - според Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC) Македонија има статус на земја која не е вклучена во Анекс I, додека како земја-кандидат за членство во ЕУ треба да се придржува кон политиката на ЕУ за клима и енергија, а тоа повлекува обврски како на земјите од Анекс I (Слика 2). Во врска со последното, Министерскиот совет на Енергетската заедница усвои препорака за мониторинг на емисиите на стакленички гасови, со која од шесте земји (WB6) се бара да го испитаат најдобриот начин за подобрување на нивните системи за мониторинг, известување и планирање на нивните енергетски и климатски политики, како и нивно усогласување со релевантните политики на ЕУ.
Известувањето до УНФЦЦЦ се спроведува преку националните планови, двогодишните извештаи и националните инвентари за климатски промени, кои имаат претходно дефинирана содржина и ниво на деталност (Слика 3). Известувањето кон ЕУ (која истото така е страна од Анекс I) е слично, но потребната содржина и временските рокови за доставување се различни.
Слика 3. Известување на Инвентарот за стакленички гасови во националните извештаи за земји кои се и не се страни на Анекс I
Со комбинирање на достапната поддршка (финансиска и техничка) од UNFCCC и ЕУ, Република Македонија на доброволна основа направи обиди што е можно повеќе да ги вгради начелата за известување според УНФЦЦЦ кои важат за страните од Анекс I во своите национални планови или во двогодишните извештаи за климатски промени.
Во Табела 1 се резимирани обврските за известување кон ОН, за инвентарите на стакленички гасови и националните планови, двогодишните извештаи и активностите за ублажување, а покрај тоа наведено е на кој начин конкретните прашања се спроведени во македонски услови. Нивото на спроведување е оценето како: Како земјите од Анекс I, Личи на известувањето на земјите од Анекс I, Се доближува до известувањето на земјите од Анекс I, или известување како земјите кои не припаѓаат на Анекс I.
Табела 1: Резиме на обврските за известување кон ОН
| Земји кои припаѓаат во Анекс I | Земји кои не припаѓаат во Анекс I | Македонија |
Обврски за инвентарот на стакленички гасови | |||
Временски интервали | Доставуваат годишни инвентари до УНФЦЦЦ во електронска форма. | Нема утврдени временски интервали. Може да се достави во печатена форма. Откако ќе бидат достапни ресурси. | Инвентарот на стакленички гасови се доставува во електронска форма како дел од Националните планови или Двогодишните ажурирани извештаи. Како земјите од Анекс I
|
Опфат | Трендови за емисиите на шесте главни стакленички гасови за периодот од 1990 година до последната година за којашто се достапни податоци; вклучува податоци за секој од секторите. Системите за инвентаризација од Протоколот од Кјото имаат дополнителни структурни детали. | Трендови во емисиите само за CO2, CH4, и N2O, додека се охрабруваат проценки за емисиите на други гасови, но не се задолжителни, за периодот од 1990 или 1994 година за првиот инвентар и од 2000 година или подоцна за вториот инвентар; не се бараат податоци за секој од секторите. | Известено е за трендовите во емисиите на шесте главни стакленички гасови за периодот 1990-2012 година, како и податоци за секој од секторите. Како земјите од Анекс I
|
Стандарди | Ги користат и насоките и добрите практики на Меѓународниот панел за климатски промени и детално ги документираат методите за проценка на емисиите и изворите на податоци. | Ги користат насоките на Меѓународниот панел за климатски промени; користењето на добрите практики е препорачливо, но не е задолжително. Се охрабрува документирање на методологиите. | За известување се користат насоките и добрите практики на Меѓународниот панел за климатски промени; Детално се документираат методите за проценка на емисиите и изворите на податоци. Како земјите од Анекс I |
Методи | Генерално усвојуваат методи од повисоко ниво. | Генерално усвојуваат методи од пониско ниво. | Генерално се усвојуваат методи од повисоко ниво. Како земјите од Анекс I |
Ревизија | Подлежат на годишна ревизија од експертски тимови согласно договорени насоки за ревизија. Најмалку еднаш на секои пет години, системите за инвентаризација подлежат на подетална ревизија внатре во земјата. Страните на Протоколот од Кјото подлежат на поригорозна ревизија и доколку тимовите за ревизија утврдат дека националниот инвентар или системот за инвентаризација на Страната има недостатоци, може да се донесе оценка дека таа Страна не ги исполнува обврските од Протоколот и да подлежи на казни. | Не подлежат на ревизија | Спроведена е ревизија на доброволна основа од експерти во рамки на Програмата за поддршка на Националните планови (ППНП).
Личи на известувањето на земјите од Анекс I
|
Обврски за национални планови, двогодишни ажурирани извештаи и активности за ублажување | |||
Временски интервали за доставување на Националните планови | Ги поднесуваат на секои пет години | Нема утврден временски интервал | На доброволна основа, ги поднесува на секои пет години Личи на известувањето на земјите од Анекс I |
Содржина на Националните планови | Националните планови содржат опис на секоја политика и мерка за ублажување по сектор и по стакленички гас. Описот ги вклучува статусот, органот за спроведување, и доколку е можно, проценетиот ефект врз емисиите до тогаш и во иднина. | Се охрабруваат, но не е задолжително да известуваат за политиките и мерките за ублажување. | Националниот план содржи опис на секоја политика и мерка за ублажување, организирани по сектор и по стакленички гас. Личи на известувањето на земјите од Анекс I |
Временски интервали на Двогодишните извештаи/Двогодишните ажурирани извештаи | Првиот на 1 јануари 2014 година, а потоа на секои две години | Првиот во декември 2014 година, а потоа на секои две години | Првиот во декември 2014 година, а потоа на секои две години Како земјите од Анекс I |
Содржина на Двогодишните извештаи/Двогодишните ажурирани извештаи | Даваат преглед на напредокот во намалувањето на емисиите и обезбедувањето финансиска поддршка, технолошка поддршка и поддршка за градење на капацитетите на земјите кои не припаѓаат во Анекс I. | Инвентарот на стакленички гасови не треба да биде постар од четири години. Информации за активности за ублажување. | Инвентар на стакленички гасови од 1990-2012 година. Информации за активности за ублажување.
Се доближува до известувањето на земјите од Анекс I |
Активности | Подлежат на задолжителни национални цели за емисии на стакленички гасови и на меѓународни обврски за мониторинг и известување со цел да се провери исполнувањето на тие цели. | Нема | Меѓународни обврски за мониторинг и известување на доброволна основа.
Се доближува до известувањето на земјите од Анекс I |
Ревизија на Националните планови | Националните планови, исто така, подлежат на меѓународна експертска ревизија која се спроведува согласно меѓународно договорените насоки | Не подлежат на ревизија | Не подлежи на ревизија
Како земјите кои не припаѓаат во Анекс I |
Ревизија на Двогодишните извештаи/Двогодишните ажурирани извештаи | Подлежат на меѓународна експертска ревизија која се спроведува согласно меѓународно договорените насоки. | Процес на меѓународни консултации и анализа (ICA) | Процес на меѓународни консултации и анализа (ICA)
Како земјите кои не припаѓаат во Анекс I |
Во случајот на Македонија, известувањето за инвентарот на стакленички гасови во голема мера е „Како известувањето на земјите од Анекс I“ или „Личи на известувањето на земјите од Анекс I“. Ги исполнува неопходните технички услови за обезбедување одржливост бидејќи големо внимание се посветува на документирање на суштински информации на концизен начин, активностите и задачите се стандардизирани, предвидени се јасни процедури, а и улогата и одговорностите на сите чинители се јасно дефинирани. Базата на податоци на стакленички гасови е јавно достапнa, како и останатите документи и инфографици http://www.unfccc.org.mk/Default.aspx?LCID=229.
Уште повеќе, многу начела за известување според УНФЦЦЦ кои важат за Анекс I земјите, Македонија ги вгради во своите национални планови и во двогодишните извештаи за климатски промени. Имено, започнувајќи од Првиот двогодишен извештај, анализите за ублажување на климатските промени се концептуализирани преку референтно сценарио (WOM), сценарио за ублажување (WEM) и поамбициозното сценарио за ублажување (WAM). Освен тоа, во рамки на Првиот двогодишен ажуриран извештај беше изработена концептуална рамка за мониторинг, известување и верификација, вклучувајќи соодветна институционална поставеност.
Овој значаен напредок во известувањето беше признаен од страна на UNFCCC, а неколку процеси и алатки беа идентификувани како добри практики ширум светот. Покрај тоа, сите овие достигнувања придонесоа за градење на капацитетите во земјата, како на аналитичките, така и на капацитетите на носителите на политиките и на сите засегнати страни за да одговорат на сè поголемите барањата за известување.
Дополнително, во рамките на последниот македонски извештај за климатски промени (2018 година), се покажа дека зголемување на амбицијата за климатските промени во Македонија е можно со спроведување на 46 мерки (35 мерки во секторот енергетика, 8 мерки во земјоделството, шумарството и промена на употребата на земјиштето и 3 мерки во секторот отпад) избрани од национални стратешки и плански документи. Освен тоа, приближно 80% од сите намалувања на емисиите може да се постигнат преку спроведување на т.н. "win-win" мерки, односно имплементацијата на овие мерки не само што ќе ги намали емисиите, туку ќе создаде и финансиски заштеди.
Според ова, Република Македонија можеби е мала земја, но е голема во разбирањето дека секој има улога во борбата против климатските промени.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}