Во време кога растот е воден од интеракцијата помеѓу брзи технолошки иновации, одржливи инвестиции во инфраструктурата и зголемената продуктивност на ресурсите, амбициозната #КлиматскаАкција не треба да се свати како трошок. Напротив, недамнешни истражувања покажуваат дека амбициозни климатски акции можат да донесат најмалку 26 трилиони американски долари економски придобивки до 2030 година. Амбициозна #КлиматскаАкција е предуслов за раст на 21 век.
Медиумите објавуваат се повеќе вести поврзани со климатски промени. Некои се предупредувачки, некои катаклизмични, некои технички но....Факт е дека се потребни акции СЕГА и од СИТЕ. Веќе не станува збор дека само Владата или општините се одговорни за акции поврзани со климатските промени. Да, тие треба да обезбедат стратешки анализи и препораки, но нивната имплементација во голема мерка зависи од приватниот сектор и од самите граѓани.
Резултатите од неодамнешното истражување на јавното мислење за климатски промени во нашата држава покажаа дека голем дел од од испитаниците се свесни за климатските промени и последиците од нив. Но, податокот што 48% од испитаниците не преземаат активности бидејќи немаат доволно информации или не знаат како и што можат да направат да ги намалат емисиите на гасови кои ги предизвикуваат климатските промени укажува на потребата од споделување на примери и добри практики
За таа цел, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со програмата за развој на ОН, започна со серија на активности за информирање на граѓаните за тоа: “Што е всушност #КлиматскаАкција?” и “ Како да препознаеме што треба/може да направиме?”.
На платформата www.klimatskipromeni.mk има конкретни примери за #КлиматскаАкција, поделени во 5 категории.
Погледнете ги личните примери/акции од ваши соседи/пријатели/деца во делот за домаќинства. Поттикот е различен (да се намалат трошоци или да се подобрат условите за живот) но целта е иста: почиста и поздрава животна средина и намалени емисии на стакленички гасови.
Слободанка Митевска е фантастичен пример како БЕЗ користење на дополнителни финансиски средства како што се субвенции и грантови, со добро планирање на домашниот буџет, може да се направи многу. А како резултат, трошоците за одржување на домаќинството се намалени за 2/3.
“Пред 5 години започнавме со промени. Полека, без никакви субвенции, со заштеди и кредити, со поддршка на пријателите и семејството. Ја изолиравме куќата, ставивме добри прозори, ставивме парно греење на пелети. Ја сменивме колата, купивме кола на бензин на старо и ставивме плин. И последно, ставивме соларен колектор за топла вода на покривот.
Заштедените пари ги инвестираме во образованието на децата.
Поголем мотив од нив, немам.”
А двете сестрички од Козле активно учествувале во плановите на нивните родители да користат што помалку енергија за греење и ладење во куќата во која живеат и порачуваат: Инвестицијата во енергетска ефикасност и чиста енергија вреди!
“Ние сме две сестри, Софија и Ева, од населбата Козле. Овде се доселивме пред четири години кога нашите родители ја надоградија семејната куќа на баба и дедо. Нашите родители одлучија да ги следиме трендовите и да користиме што помалку енергија за греење и ладење. Затоа кога го градевме домот потрошивме повеќе пари за да добро ги изолираме ѕидовите и кровот. Инсталиравме и топлинска пумпа која чини поскапо, но троши многу малку енергија за да ги затопли или излади нашите простории. Исто така, на кровот инсталиравме и соларен колектор кој чистата сончева енергија ја претвара во топлинска, па сега имаме изобилство на топла вода во секое време. Така, во зима учиме во топли простории и во лето читаме книги во пријатен амбиент, а сметките за струја се многу мали.”
Се надеваме дека примерите ќе Ви послужат за инспирација и ќе Ве мотивираат:
• Да заштедите енергија или да ја подобрите енергетската ефикасност на Вашиот дом
• Паметно да ја користите водата
• Да го намалите отпадот кој вие/вашето семејство го создавате
• Да купувате енергетски ефикасни апарати
• Да користите поеколошки начин на транспорт
Внесете ја и Вие Вашата #КлиматскаАкција со еден клик на копчето ВНЕСИ НОВА #КЛИМАТСКААКЦИЈА
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}