Бон, 27 јуни, 2019 - Конференцијата на Обединетите нации за климатските промени за 2019 година во Бон (SB50) заврши денес откако беа разгледани голем број на одлуки кои треба да се усвојат на Конференцијата на ООН за климатските промени во Сантијаго, Чиле на крајот на годината (COP25, 2-13 декември). Освен тоа, земјите и другите засегнати страни прикажаа и споделија бројни најдобри практики за ефикасни климатски политики и технологии.
„Владите напредуваа во неколку важни области,“ рече Извршниот секретар на UNFCCC Патриција Еспиноза. „Но иако расположението беше конструктивно, ние треба да ги разрешиме сите горливи прашања до COP25 за да ja оствариме нашата колективна одговорност и да се осигураме дека амбицијата е зголемена до степен до кој може да се избегнат најлошите влијанија од климатските промени.“
За време на состанокот, беа срушени повеќе рекорди за топлотни бранови во Европа, вклучително и во земјата домаќин на конференцијата, Германија. Топлотниот бран во Европа оваа година ги следи екстремните топлотни епизоди во Австралија, Индија, Пакистан и делови од Блискиот Исток.
„Ние не можеме повеќе да си дозволиме постепен напредок во справувањето со климатските промени – потребни ни се длабоки, трансформациски и системски промени во општеството, што е круцијално за ниско-емитирачка, високо-отпорна и поодржлива иднина,“ рече г-ѓа Еспиноза.
За да се постигне главната цел од Договорот од Париз за одржување на глобалниот просечен пораст на температура што е можно поблиску до 1.5 степени Целзиусови, емисиите на стакленички гасови мора да се намалат за 45 проценти до 2030 година, а до 2050 година да се постигне климатска неутралност.
Владите во Бон дискутираа за членот 6 од Договорот од Париз, кој ги поддржува земјите да исполнат дел од нивните домашни цели за намалување на емисиите на стакленички гасови преку користење на таканаречени „пазарни механизми“. Членот 6 е еден од малкуте прашања кои останаа нерешени по усвојувањето на најголемиот дел од насоките минатата година, а кој е потребен за Договорот од Париз да биде оперативен.
„Ги охрабрувам владите да го искористат остатокот од годинава за да изнајдат решенија, дозволувајќи цврсти правила за “пазарите на јаглерод” конечно да се консолидираат. Приватниот сектор го очекува тоа и тие бара позитивни сигнали од владите дека ќе се овозможат вакви пазари. Тие знаат дека тоа е добар начин да се намалат емисиите на глобално ниво,“ рече г-ѓа Еспиноза.
Истакнувајќи ја важноста на пазарите за ефикасна климатска акција, Извршниот секретар забележа дека оваа недела, инвеститорите кои управуваат со повеќе од 34 трилиони американски долари во средства упатија силен повик до владите за креирање и имплементирање на политики во согласност со целите на Договорот од Париз.
Конференцијата на ООН за климатските промени во Бон е дел од серија состаноци оваа година за да се поттикнат климатските активности на сите нивоа и да се работи на постигнување на целите од Агендата за одржлив развој за 2030 година.
Овие состаноци вклучуваат преглед на Целта за одржлив развој SDG13 во јули, регионални климатски недели во Латинска Америка и Карибите и во Азија и Пацификот во август и септември. Ќе биде организиран Самит за климатски активности од страна на Генералниот секретар на ООН на 23 септември и Конференција на ООН за климатските промени COP25 во Чиле во декември.
Извршниот секретар Еспиноза ги повика лидерите на партиите да ги искористат сите можности во 2019 година за да продолжат со напредокот.
„Луѓето бараат резултати—без разлика дали е тоа онлајн или на улиците—и ние мора да покажеме дека преземаме одговорност. Договорот од Париз е јасен: ова е наша работа. Ние имаме мандат да го направиме тоа.“
Посебни поенти и резултати од SB50
· 9 земји во развој прикажаа акција за спречување и намалување на емисиите на стакленички гасови пред 2020 година. Ова се случи на настан познат како Олеснувачко споделување на ставови (Facilitative Sharing of Views - FSV).
· 19 развиени земји ги презентираа нивните климатски акции на пленарна сесија за транспарентност позната како Мултилатерална проценка. Сесијата покажа како климатските активности се пободбруваат бидејќи земјите ги интегрираат научените лекции од претходните политички циклуси.
· Беше договорена нова програма за работа за адаптација, која ќе биде усвоена на COP25. Програмата за работа ги интегрира домородните знаења и за ублажување и за адаптација и се осврнува на специфичната ранливост на домородните народи.
· Владите размислуваа како да ги подобрат аранжманите за градење капацитети за земјите во развој.
· Технички експертски состанок за адаптација се фокусираше на финасии за адаптација и ги повика водечките власти за адаптација и финансии да разменат идеи и ииновативни студии на случај.
· SB50 го одбележа инаугуративниот состанок на Олеснувачката работна група на локалните заедници и Платформата на домородните народи и договарање за сродна работна програма.
· Владите се договорија за следниот полугодишен буџет за процесот на UNFCCC.
· „Комитетот на експерти од Катовице за влијанието од имплементацијата на мерките за одговор“ го одржа својот прв состанок.
· Во рамките на „Заедничката работа за земјоделство на Коронивија“, владите го разгледаа земјоделството како основа за човековото постоење а исто така се согласија дека земјоделството е многу ранливо на влијанијата од климатските промени.
· Експертите истакнаа начини на кои може да се распоредат неконвенционални и децентрализирани енергетски решенија за паметна енергија и употреба на вода во „агро-прехранбениот синџир.“
· Неколку настани поврзани со половите ја зголемија политиката за климатските промени во однос на половите и го приложија иновативниот План за акција на половите за 2017 година.
· Владите постигнаа согласност за нацрт-одлука што треба да се донесе на COP25 за зајакнување на образованието, свеста и ангажирањето на јавноста во рамките на UNFCCC.
текстот е преземан од веб страницата на УНФЦЦЦ
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}