Визуелизација на податоци за емисии на стакленички гасови. Фотографија од Истражувачот на климатски податоци на Алатката за анализа на климатски индикатори (CAIT)
Многу работи се случија откако земјите се сретнаа во Париз во 2015 година и постигнаа договор да се борат против климатските промени. До сега, повеќе од 140 земји го ратификуваа или на друг начин му се придружија на Парискиот Договор, со што всушност се опфаќаат 80 проценти од светските емисии. Неколку големи економии, меѓу кои и Канада, Германија и Мексико исто изработија и долгорочни планови за да ги декарбонизираат своите економии.
Како што земјите ги спроведуваат своите таргети и политики и изработуваат подетални планови за намалување на своите емисии, важно е целосно да се разбере сликата со светските емисии како и начинот на кој тие се менуваа со текот на времето. Светскиот институт за ресурси (WRI) неодамна го ажурираше својот Истражувач на климатски податоци од Алатката за анализа на климатски индикатори (CAIT) за земјите кои најмногу емитуваат стакленички гасови во светот, со најновите достапни податоци (од 2013 година). Подолу има интерактивна табела која може да се анализира по земја и по економски сектор, и да се види на кој начин земјите кои најмногу емитуваат се промениле во последните години.
Трите земји кои најмногу емитуваат - Кина, Европската унија и САД - придонесуваат за повеќе од половина од емисиите во светот, додека последните 100 земји се одговорни само за 3,5 проценти1. Заедно, првите 10 емитувачи се одговорни за речиси две третини од емисиите во светот. Светот не може успешно да се справи со предизвикот на климатските промени без да се спроведат значителни активности токму во овие земји.
Во последните 10 години, енергетиката сé уште е најголемиот придонесувач за емисии во споредба со сите други сектори, и таа предизвикала 72 проценти од светските емисии во 2013.
Кина имаше најголемо зголемување на емисиите во секторот за производство на енергија од 2012 до 2013 година, и тие се зголемија за 365 милиони метрички тони еквиваленти на јаглероден диоксид (MtCO2e), или за 4 проценти. Најголемиот дел од овие емисии се предизвикани од поголемото производство на електрична енергија, греење и транспорт. Сепак, ова е пониско зголемување во споредба со историскиот просек - просечниот годишен раст во потрошувачка на јаглен во Кина од 2000 до 2003 година бил 8,8 проценти.
Од друга страна, Австралија, 15. -најголем емитувач има најголемо намалување на емисиите во еден сектор, и тоа во земјоделството, каде емисиите се намалиле за 65 MtCO2e, што е намалување од 34,6 проценти од 2012 година. Најголем дел од овие намалувања се поради намалувањето на површините на кои се гореа саваните2, со што се намалија емисиите на метан (CH4) и азотни оксиди (N2O).
Од 2012 до 2013 година, најголемите 10 емитувачи кумулативно ги зголемиле своите емисии за 2,2 проценти, во споредба со просечниот годишен раст од 2,4 проценти во последните 10 години. Во истиот период, двата најголеми емитувачи, Кина и САД, имаат најголемо зголемување на процентот на емисиите на стакленички гасови во една година, и тоа со зголемување од 4,3 проценти во Кина и 1,4 проценти во САД.
Дури и со таков раст на емисиите на најголемите емитувачи во 2012-2013, ако го продолжиме временскиот период, нивните комбинирани емисии останале на исто ниво за последните 10 години.3 Во тој период, САД имале најголеми емисии во 2007 година, а Европската унија, третиот најголем емитувач, имала стабилни намалувања. Други земји, како што се Русија и Канада исто ги стабилизирале своите емисии во последните 10 години.
Најновите податоци кои ги разгледуваат единствено емисиите на јаглероден диоксид предизвикани од производството на енергија покажуваат дека овој вид на емисии не се промениле во светски рамки помеѓу 2014 и 2016, дури и кога светската економија растела во истиот период. Бидејќи јаглеродниот диоксид е најзастапениот стакленички гас, ова е охрабрувачки тренд. Чекаме дополнителни податоци да видиме дали другите стакленички гасови растат или се намалуваат и дали овој тренд ќе продолжи.
21 земја веќе докажуваат дека се јавува раздвојување на емисиите на јаглероден диоксид од економскиот раст. Но, за да ги избегнеме најлошите влијанија од климатските промени, мора да ја промениме кривата на емисиите значително удолу, што значи емисиите значително да се намалат.
Дознајте повеќе за светските емисии преку користење на Истражувачот за климатски податоци на CAIT при Светскиот институт за ресурси. Можете да ги погледнете податоците од 186 земји, повеќе економски сектори, неколку видови емисии и временска рамка од 162 години. Исто така обезбедуваме алатки за да ги истражиме и другите димензии на климатските политики, меѓу кои и националните придонеси согласно Парискиот Договор, проекциите за најголемите емитувачи до 2100 година и различни димензии на климатска праведност.
1 Имајте предвид дека овој кружен графикон ги содржи и емисиите и апсорпциите од употреба на земјиштето, промена во употребата на земјиштето и шумарство (LULUCF) секторите кои произведуваат индустриски горива. За целосен список со расчленување по сектори, одете на Истражувач на климатски податоци, Алатка за анализа на климатски индикатори (CAIT).
2 Податоците за емисиите се земени од FAOSTAT – „Горење на саваните”. Достапно на: http://www.fao.org/faostat/en/#data/GH. Според документацијата [http://fenixservices.fao.org/faostat/static/documents/GH/GH_e.pdf], годишното согорено подрачје се „добива од месечната статистика на Светската база на податоци за емисии од пожари в.4, врз основа на податоците од далечинско читање MODIS.” Тешко може да се заклучи исклучиво од податоците дали ова намалување е причинето од природни промени, или од спроведените политики/активности. Сепак важно е да се забележи Методологијата на Австралија за горење на саваните од Иницијативата за јаглеродно земјоделство [http://www.environment.gov.au/climate-change/emissions-reduction-fund/cfi/methodologies/determinations/savanna-burning] според која намалувањето на оваа активност евентуално можело да придонесат за ова намалување во емисиите [https://www.csiro.au/en/Research/LWF/Areas/Ecosystems-biodiversity/Managing-landscapes-for-biodiversity/Fire-ecology/Burning-emissions]
3 Рангирањето и анализата на трендот се засноваат на податоците за емисиите во различните земји од CAIT без промените во употребата на земјиштето и шумарството (LUCF) од 2003-2013.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}