Климатските промени можат да влијаат врз ценовната и финансиската стабилност, односно врз целите на централните банки. Оттаму, централните банки, особено на најразвиените економии, во изминатиот период им посветуваат сѐ поголемо внимание на зелените финансии. Народната банка досега презеде повеќе активности за таа цел, вклучително и определување на зелените финансии како стратегиска цел и пристапување кон меѓународната Мрежа за зелени финансии. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на Годишната конференција на Обединетите нации: „Како да се обезбеди финансирање на одржливиот развој”, на панел-дискусијата „Што можат да направат банките и компаниите за одржливиот развој?”
„Има процени дека економската штета од климатските промени изнесува околу 25% од глобалниот БДП. ММФ проценува дека природните непогоди поврзани со климатските промени го намалуваат растот за 0,4 процентни поени, во просек, а кај помалку развиените економии дури и до 0,7 процентни поени. Се проценува дека негативниот ефект во претстојниот период ќе биде уште поголем, особено кај помалку развиените економии, нагласувајќи ја потребата за засилување на активностите на носителите на политиките, но и на меѓународната заедница”, наведе гувернерката Ангеловска-Бежоска.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}