На 26-от Состанок на Страните на Рамковната Конвенција на ООН за климатски промени #COP26 што се одржуваше во Глазгов во првите две недели од ноември, учествуваше и висока македонска делагација претставена од претседателот на државата Стево Пендаровски со советодавен тим, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, со советодавен и стручен тим, амбасадорот на Република Северна Македонија во Обединетото Кралство и претставник од МНР и претставници од Кабинетот на заменик претседателот на Владата на РСМ задолжен за економски прашања.
Подготовките за овој самит беа долги, при што владите од светот преку своите амбасади се координираа во однос на глобалните заложби што ќе бидат презентирани и поддржани во текот на самитот во Глазгов.
Министерството за животна средина и просторно планирање во улога на национално координативно одговорно тело кон UNFCCC, во подготвителниот период тесно соработуваше со Обединетото Кралство како претседавач со овогодинешната конференција на страните на Рамковната конвенција за клима на ОН со цел да обезбеди соодветно присуство и претствување на националните амбициозни заложби на Самитот.
Македонската делегација имаше многу амбициозна агенда и учество во повеќе главни и пропратни настани. При тоа во согласност со национално усвоените климатски политики јасно ја изрази поддршката на иницијативите за глобална заедничка акција во полето на транзиција кон чиста енергија, напуштање на јагленот и управувањето со шумите и земјиштето. На покана на САД, нашата држава се приклучи кон иницијативата за ограничување на емисиите од метан кои веќе беа анализирани во рамките на подготовката на нашиот национално определен придонес, посебно во областа на управување со отпадот и сточарство, како и глобалната иницијатива за “зелени влади“.
Исто така, државата се приклучи кон Заедничката декларација на лидерите од светот за Акција за шумите и употреба на земјиште и делот за енергија од заедничката Изјава за Агенда за пробив (Statement on the Breakthrough Agenda).
На покана на грчката Влада, министерот Нуредини ги презентираше националните анализи за влијанијата на климатските промени врз културното наследство, а учествуваше и на презентацијата на Алијансата за напуштање на јагленот. Исто така, заедно со министерката за образование и наука ги презентираше заедничките активности за вградување на климатските промени во образовниот процес.
Нашата земја беше и домаќин на посебен меѓународен настан во рамките на придружната програма каде беше отворена дискусија за споделување на искуства и изнаоѓање на вистинските методи за решавање на климатската криза заедно со сите чинители во општеството.
Ако зборуваме за главните заклучоци што произлегоа од оваа светска конференција, како особено важни се усвојувањето на Пактот од Глазгов за клима (Glasgow Climate Pact), и одлуките за транспарентност со кои се операционализира Договорот од Париз и ја дава рамката за следење и известување на постигнувањата на земјите во постигнивањето на целите од Договорот од Париз и националните придонеси. За РСМ, ова значи дека ќе треба да ги подготви понатамошни двегодишни извештаи за транспарентност усогласени со одлуките на овој COP . Ова го вклучува членот 6, кој воспоставува цврста рамка за земјите да разменуваат кредити за јаглерод преку UNFCCC.
Одлуката 1/CMA.3 за Пактот за климата во Глазгов, комбинирана со зголемена амбиција и акција од земјите, значи дека целта од 1,5 Cо останува на повидок, но ќе биде испорачана само со усогласени и непосредни глобални напори и тоа во претстојната декада.
Климатскиот пакт во Глазгов ќе го забрза темпото на климатските активности. Сите земји се согласија да ги ревидираат и зајакнат своите тековни цели за емисиите до 2030 година, познати како Национално определени придонеси (NDCs), во 2022 година. Ова ќе биде комбинирано со годишна политичка тркалезна маса за разгледување на глобален извештај за напредок и самит на лидери во 2023 година.
И за прв пат, слушајќи ги повиците од граѓанското општество и земјите најранливи на климатските влијанија, COP се согласи да дејствува за постепено намалување на употребата на фосилните горива.
Одлуките на COP отидоа подалеку од кога било досега во препознавање и справување со загубите и штетите од постојните влијанија на климатските промени.
Исто така, имаше заложби за значително зголемување на финансиската поддршка преку Фондот за адаптација бидејќи развиените земји беа повикани да ја удвојат својата поддршка за земјите во развој до 2025 година, што е можност и за нашата држава, секако земајќи ги предвид ограничувањата во приоритите кон малите островски и други најранливи држави.
Сè на сè, ова беше COP кој се спроведе во необични услови на светска пандемија, со голем број учесници и под строги здравствени протоколи.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}