Значајни соопштенија на државите и национални позиции - На средбата на лидерите насловена Акција и солидарност (организирана од Обединетото Кралство паралелно со пленарната сесија), Индија се обврза да постигне нето-нула емисии до 2070 година, а до 2030 година да користи 50% енергија од обновливи извори. Нигерија исто така вети дека ќе постигне нето-нула емисии до 2060 година. Виетнам вети дека ќе достигне нето-нула емисии до 2050 година, а Тајланд ќе стане јаглеродно неутрална земја до 2050 година и ќе достигне нето-нула емисии во или пред 2065 година. Покрај ова, 40 држави ја поддржаа иницијативата „Напредокот од Глазгов“ чија цел е да им се овозможи на земјите во развој пристап до иновации/алатки за постигнување на нето-нула емисии. На оваа иницијатива за нето-нула емисии се обврзаа државите кои емитуваат речиси 90% од емисиите на стакленички гасови во светот (со исклучок на Русија).
- Лидерите на Кина (Си Џинпинг) и на Русија (Владмир Путин) не присуствуваа лично и во нивните писмени и снимени пораки немаше позначајни ветувања. Сепак, Кина соопшти дека тие „би го ограничиле нерационалниот развој на енергетско-интензивни проекти и проекти со високи емисии“, но не наведоа во кој временски рок. Лидерот на САД (Џо Бајден) на неговата прес-конференција ги критикуваше Кина и Русија за нивното отсуство, а и лидерот на Обединетото Кралство (Борис Џонсон) во својот говор го изрази своето разочарување.
- На настанот насловен Високо ниво на употреба на шуми и земјиште: Повеќе од 100 земји ветија дека ќе стават крај и ќе ги обноват уништените шуми до 2030 година, и истовремено ветија јавни и приватни средства во вредност од 19,2 милијарди американски долари. Меѓу државите што ја потпишаа Декларацијата се и Канада, Кина, Бразил, Русија, Индонезија, Демократска Република Конго, Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство, во кои се наоѓаат 85% од шумите во светот. 28 земји исто така се обврзаа шумите да не се уништуваат за производство и трговија со храна и со други земјоделски производи како што се палминото масло, сојата и какаото.
- Обединетото Кралство објави дека кај нив ќе биде првиот светски финансиски центар со нето-нула емисии; што значи дека фирмата ќе има сеопфатен план за транзиција со законски обврзувачки цели за намалување на емисиите на јаглерод (согласно Барањата за објавување на мерките за одржливост).
- 100 земји се обврзаа на Глобалното ветување за метан: односно преземаа обврска да ги намалат своите емисии на метан за 30% до 2030 година. Во оваа иницијатива се вклучени половина од 30-те најголеми емитувачи на метан, меѓу кои е и Бразил. Но не учествуваат Кина, Индија и Русија.
- Повеќе од 40 земји се согласија да престанат да произведуваат енергија од јаглен, меѓу кои и главните кориснички на јаглен како што се Канада, Полска, Јужна Кореја, Украина, Индонезија и Виетнам (поголемите држави ќе престанат да користат јаглен во 30-тите години од овој век, додека помалите држави во 2040-тите). Но во нив не спаѓаат Австралија, Кина, Индија, Јужна Африка, Индонезија, Филипини и САД.
- Повеќе од 20 земји и финансиски институции, меѓу кои и Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Данска, се согласија постепено да ја укинат финансиската поддршка во странство за сите фосилни горива.
- Јужна Африка ќе добие околу 8,5 милијарди американски долари од Соединетите Американски Држави и Европа за постепено исфрлање на јагленот кој е нивниот главен извор на енергија.
- Шкотска објави дека ќе биде партнер со Фондот за климатска правда и отпорност за да се „намалат загубите и штетите“ предизвикани од климатските промени и вети 1 милион фунти (1,4 милиони долари) за помош на најранливите заедници во светот за поправка и обнова по преживеаните климатски катастрофи. За прв пат се случува развиена земја да издвои средства специјално за справување со загубите и штетите. Ранливите држави, кои бараат средствата за намалување на загубите и штетите да бидат одделни од другата помош за климатски активности, се надеваат дека тоа ќе го отвори патот за понатамошна помош од развиените земји.
- Коалицијата за високи амбиции подготви Лидерска изјава потпишана од 27 шефови на држави од развиени и помалку развиени земји. Со Изјавата, на почетокот на преговорите се дадоа високи ветувања за најмалку двојно финансирање за активностите за адаптација; како и за зголемување на средствата за намалување на постојните влијанија од климата, меѓу кои и загубите и штетите; и за подготвување на ревидирани национални придонеси, кои ќе вклучуваат активности за постепеното исфрлање на јагленот. Доколку земјите, особено државите од Г20 ги потпишат и спроведат обврските наведени во изјавата на Коалицијата за висока амбиција (HAC) - ќе го насочат светот кон ограничување на затоплувањето на 1,5 Целзиусови степени. Најважно е што за прв пат од 2015 година, Соединетите Американски Држави повторно се приклучија на Коалицијата за висока амбиција- што е клучна пресвртница.
|