Насловите што деновиве ги гледаме во медиумите за последните случувања во врска со климата и временските услови како да се од научно-фантастичен роман: „Дури и најбогатите земји во светот не можат да ги контролираат раширените пожари - гори дури и Арктикот“. „Смртоносните поплави во Германија и Белгија во јули 2021 година целосно уништија безброј згради и автомобили, а повеќе од 1.000 луѓе се водат како исчезнати“. „Стотици лица загинаа во поплави во Кина“. „На северозападниот брег на САД, познат по студената клима, пред неколку неколку дена беа измерени 38˚С“. „Арктикот помеѓу јуни и средината на јули 2021 година загуби површина под мраз еквивалентна на големината на Флорида“.
Сите овие настани се резултат на затоплувањето на планетата од само 1,1˚С во однос на температурите пред почетокот на индустриската револуција. Најновиот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPPC), најавторитетното тело за климата во светот, открива дека ова е само најава за она што следува.
Шестиот извештај за проценка на Работната група I на IPCC покажува дека светот уште во следните две децении најверојатно ќе го достигне или надмине прагот од затоплување од 1,5˚С. Дали ќе го ограничиме затоплувањето на планетата на ова ниво и ќе ги спречиме најтешките последици предизвикани од промените во климата, зависи од она што ќе го преземеме оваа деценија.
Само со амбициозни намалувања на емисиите на штетни гасови, светот може да го задржи зголемувањето на температурата на глобално ниво до 1,5˚С, границата која според научниците е неопходна за да се спречат најлошите климатски влијанија. Според резултатите од сценариото со високи емисии, IPCC утврди дека до 2100 година планетата може да се загрее и до 5,7˚С – што ќе предизвика катастрофални последици.
Се разбира, секој степен затоплување носи поопасни последици со поголеми штети. За само една деценија, денешните апокалиптични наслови ќе ги гледаме со носталгија, размислувајќи колку работите изгледаа стабилни во 2021 година.
Извештајот им нуди на носителите на политики јасна слика за моменталната состојба во однос на климатските промени во светот и ги објаснува активностите што мора да ги преземат владите за да избегнат катастрофална иднина. Ова се петте најважни нешта што мора да ги знаеме:
1) За две децении ќе го постигнеме затоплувањето од 1,5˚С.
Сценаријата што ги проучува IPCC, покажуваат дека има 50% шанси зголемувањето од 1,5˚С да се постигне или надмине меѓу 2021 и 2040 година (најчеста прогноза е во почетокот на 2030-тите години). Според сценарио со високи емисии, светот уште побрзо ќе го достигне прагот од 1,5 степени (2018-2037).
Ако во светот се продолжи со интензивна употреба на јаглерод (SSP5-8.5), глобалното затоплување до крајот на векот би можело да биде дури меѓу 3,3 и 5,7˚С во споредба со прединдустриските температури. За да ни стане појасно што значи ова затоплување, треба да кажеме дека планетата во последните 3 милиони години станала потопла само за 2,5˚С.
Истовремено, извештајот покажува дека дури и со строги мерки за намалување на емисиите, ние веќе сме предизвикале големо затоплување во климатскиот систем. Сигурно ќе се соочиме со поопасни и подеструктивни екстремни временски настани од овие што ги гледаме денес, што само кажува колку многу повеќе треба да инвестираме во градењето отпорност.
2) Сè уште може да го ограничиме глобалното затоплување до 1,5˚С до крајот на векот, но за тоа е потребна трансформациска промена.
Од друга страна, ако светот преземе многу амбициозни активности за спречување на емисиите на штетни гасови во оваа деценија, сепак можеме до крајот на векот да го ограничиме затоплувањето на 1,5˚С. Во ова сценарио се предвидува мало пречекорување од 1,6˚С помеѓу 2041 и 2060 година, по што температурите до крајот на векот повторно се спуштаат под 1,5 степени Целзиусови.
Нема да се доволни мали и изолирани активности, ќе ни треба брза, трансформациска промена.
За да го ограничиме затоплувањето до 1,5˚С можеме да испуштиме уште само 400 гигатони јаглерод диоксид (GtCO2) (бројка која може да се зголеми за 220 GtCO2 или повеќе ако се пресметаат и нејаглеродните емисии, како на пример тие од метанот). Ако ги земеме предвид последните емисии кои изнесуваат 36.4 GtCO2 годишно во светски рамки, имаме уште 10-тина години пред да ја достигнеме оваа граница. Иако глобалните емисии се намалија поради намалениот обем на активности во пандемијата со КОВИД-19, тие брзо се вратија на количините пред пандемијата.
Мораме да го смениме од корен начинот на кој ја користиме и произведуваме енергијата, како произведуваме и трошиме стоки и услуги и управуваме со земјиштето. За да ги ограничиме опасните последици од климатските промени мора да достигнеме нето-нула емисии на СО2 и многу да ги намалиме емисиите на гасови што не се СО2, како што е метанот. Отстранувањето на јаглеродот на природен начин како на пример со садење дрвја или со помош на технологија за директно зафаќање и складирање воздух може да помогне да се компензира за емисиите кои потешко може да ги намалиме. Сепак, IPCC забележува дека климатскиот систем нема веднаш да реагира на отстранувањето на јаглеродот. Некои последици, како што е зголемувањето на нивото на морето, ќе може да се вратат во претходната состојба дури по неколку века откако ќе ги намалиме емисиите.
Иако постигнувањето на целта од 1,5˚С ќе биде тешко и ќе бара компромиси, исто така, нуди и огромни можности: трансформацијата може да доведе до поквалитетни работни места, здравствени придобивки и повисоки приходи. Владите, корпорациите и другите чинители полека ги препознаваат овие придобивки, но ни треба поголема, побрза акција.
3) Денес повеќе од кога и да е ја разбираме климата - како и која е поврзаноста со екстремните временски услови
Сега нема сомнежи дека емисиите предизвикани од човекот, од согорувањето на фосилните горива и сечењето дрвја, се причина за најновото затоплување. IPCC утврдил дека од затоплувањето од 1,1˚С во споредба со прединдустриската ера, помалку од 0,1 степени Целзиусови се предизвикани од природни притисоци, како што се вулкани или промени на сонцето.
Покрај тоа, науката што ја анализира врската меѓу екстремните настани и затоплувањето предизвикано од луѓето стана многу пософистицирана, благодарение на бројните податоци од набљудувањата, реконструкцијата на палеоклимата, моделите со повисока резолуција, зголемената способност за симулирање на поновото затоплување и новите аналитички техники. Така може да се заклучи дека човечкото влијание е најверојатно главниот предизвикувач на почестите и поинтензивни врнежи, како што се обилните врнежи предизвикани од ураганот Харви. Исто така, постои поврзаност меѓу промената на временските услови и пожарите околу Средоземното море, во САД, Австралија и во јужна Европа. На пример, една понова студија покажа дека екстремната топлина (која е резултат на климатските промени предизвикани од човекот) е главна причина за неодамнешните пожари во Австралија. Една прелиминарна студија укажува дека последните високи температури на северозападниот брег на САД и Канада „практично ќе беа невозможни“ без климатските промени предизвикани од човекот.
Научниците исто така открија дека човековото влијание е главниот предизвикувач на многу промени кои се забележуваат кај врнежите на снег, кај мразот, океаните, атмосферата и почвата. На пример, морските топлотни бранови станаа многу почести во текот на минатиот век, а IPCC забележува дека од 2006 година човечките активности придонеле за 84-90% од нив. Затоплувањето предизвикано од човекот најверојатно е главната причина за повлекувањето на глечерите кое започна во 1990-тите, намалувањето на мразот на Арктикот од 1970-тите, намалувањето на врнежите со снег на северната хемисфера кое започна од 1950 година и глобалното зголемување на нивото на морето кое се забележува од 1970 година.
4) Промените што веќе ги гледаме се невидени во поновата историја и ќе влијаат врз сите региони во светот.
Климатските промени веќе предизвикуваат последици врз секој регион на Земјата. Не само што затоплувањето е најголемо до сега а гледаме и други последици, туку и промените што ги гледаме денес не се видени до сега во поновата историја.
Извештајот на IPPC покажува дека последиците од климатските промени ќе се почувствуваат во сите региони во светот и ќе предизвикаат огромни човечки жртви и економски трошоци кои се многу поголеми од трошоците за делување. Јужна Африка, Медитеранот, Амазонија, западниот дел на Соединетите држави и Австралија се почесто ќе бидат погодени од суши и пожари, кои ќе влијаат врз приходите, земјоделството, снабдувањето со вода и екосистемите. Промените кај врнежите од снег, мразот и реките ќе влијаат врз инфраструктурата, транспортот, производството на енергија и туризмот во Северна Америка, Арктикот, Европа, Андите и на многу други места. Бурите најверојатно ќе станат поинтензивни во поголемиот дел од Северна Америка, Европа и Медитеранот.
5) И со најмалото затоплување се предизвикуваат сè поопасни последици и поголеми трошоци.
Извештајот ги посочува последиците од затоплувањето од 1,5˚С и објаснува колку полоши ќе бидат последиците ако температурата се зголеми за 2 или 4˚С. Секој дел од степенот навистина е важен - без разлика дали ефектите се поврзани со интензитетот и зачестеноста на екстремните врнежи, сериозноста на сушите и топлотните бранови или губењето на мразот и снегот. Многу последици од климатските промени ќе станат неповратни со текот на времето, особено топењето на мразот, зголемувањето на морињата, губењето на животински и растителни видови и зголемувањето на киселоста на океаните. А влијанијата ќе продолжат и понатаму да се зголемуваат со зголемувањето на емисиите.
Извештајот открива дека веројатноста за надминување на точките по кои нема враќање, како што е зголемувањето на нивото на морето поради топењето на ледените плочи или промените во циркулацијата на океанот, мора да се земат предвид при изработка на планови за во иднина. Со сè поголемото затоплување се зголемува и веројатноста тие да се случат. Со зголемување на температурата од 3 и 5˚C, предвидувањата покажуваат дека може да дојде до речиси целосно губење на Гренландската ледена плоча (која содржи замрзната вода која ако се стопи може да го подигне нивото на морето за 7,2 метри), како и да дојде до целосно губење на ледената плоча на западен Антарктик (која држи мраз кој ако сте стопи ќе предизвика зголемување на нивото на морето од 3,3 метри или 10,8 метри со 5 степени зголемување). Доколку ова се случи, ќе се промени изгледот на крајбрежјето насекаде во светот.
Извештајот, исто така, открива дека скапоцените апсорбенти на јаглерод - земјиштето и океаните - исто така се изложени на голем ризик. Тие моментално имаат многу важна функција - апсорбираат повеќе од половина јаглерод диоксид што се емитува во светски рамки - но како што растат емисиите нивната ефикасност се намалува. Според некои сценарија што ги проучува IPCC, апсорбентот на крај се претвора во извор на емисии и емитува CO2 наместо да го апсорбира. Ова може да доведе до дополнително затоплување. Ова веќе се случува во југоисточниот дел од Амазонската прашума, која веќе не е апсорбент на јаглерод поради комбинација на локалното затоплување и уништувањето на шумите. Ова не само што влијае врз климатските активности насекаде во светот, туку претставува и значителен ризик за обезбеденоста со храна и вода за земјите во Амазонија и може да доведе до неповратна загуба на биолошката разновидност.
Внимание за предупредувањата од извештајот на IPCC
Од последниот извештај за проценка на IPCC објавен во 2014 година, не само што науката стана понапредна, туку продолживме и да испуштаме емисии со застрашувачка брзина. Извештајот објавен оваа година содржи уште помрачни проценки и пораката е јасна: ова е последната деценија во која можеме да ги поправиме работите и да го ограничиме зголемувањето на температурата до 1,5˚C. Ако сите не успееме да ги намалиме емисиите во оваа деценија и да постигнеме нето нула емисии на CO2 до 2050 година, тогаш веќе нема да имаме можност да се вратиме назад. Во однос на последиците што ќе ги почувствуваме во иднина, денешните екстремни настани ќе ни изгледаат незначителни.
Сега е време владите, деловните субјекти и инвеститорите да ги засилат своите активности за да одговараат на кризата со која се соочуваме. Во текот на овие неколку месеци пред климатските преговори на конференцијата на страните во Глазгов (COP26), клучно е земјите да искажат поамбициозни цели за намалување на емисиите до 2030 година и да се обврзат да постигнат нето-нула емисии до средината на векот, ако не и порано. Имајќи ги предвид предупредувањата од извештајот на IPPC, мора да ги преземеме овие обврски за да си дадеме шанса да се бориме за побезбедна иднина.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}