Тим од Македонската Академија на Науките и Уметностите оддржа обука за моделите GACMO, LEAP, Energy Plan и MARKAL со чија помош се правени анализите за енергетиката во нашата држава и се идентификувани соодветни мерки и политики за ублажување на климатските промени.
Енергетскиот сектор е виновен за најголемиот дел на емисиите на стакленички гасови во нашата држава и затоа е неопходна негова темелна анализа при напорите за ублажување на климатски промени. Тимот од Македонската Академија на Науките и Уметностите долгогодишно работи на моделирање на енергетиката во Република Северна Македонија и при тоа се служи со разни математички модели. Битно е да се има на ум дека сите модели се погрешни, но некои од нив може да бидат корисни. Секоја методологија за моделирање е соодветна само за одговарање на одредени прашања, а не за сите прашања; и важно е да се постави процес за осигурување на квалитетот на моделот.
Моделот MARKAL (името е кратенка за алокација на пазарот), кој е развиен од Интернационалната Енергетска Агенција, е искористен за детално да се претстави енергетиката во нашата држава и потоа да се анализираат сценарија. Тој се користи во повеќе владини стратешки документи како на пример Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 и Ревидираниот национално утврден придонес кон Парискиот договор. MARKAL го опфаќа целиот енергетски систем, од обезбедување на ресурси до крајните потреби на потрошувачката на енергија. Енергетскиот систем е претставен преку обемна количина на описни податоци односно влезни параметри кои потоа софтверот ги користи за да пресмета оптимална распределба на енергетскиот пазар, како што и гласи името на моделот. Па така, оваа алатка помага за да се пронајде најисплатливиот начин на користење на ресурсите и технологиите при одредени влезни параметри. Исто така, моделот може да вклучи одредени ограничувања како на пример емисии на стакленички гасови, па така да се пресмета распределбата на енергетскиот пазар која би била најпогодна за достигнување на одредени климатски цели. Во главно, MARKAL се користи за проценка на енергетска сигурност, анализа на исплатливост на енергетски мерки, анализа на влијанијата на технолошко-развојни програми или општествени ограничувања и слично. Притоа треба да се има на ум дека MARKAL има одредени недостатоци како на пример потребата од обемен број влезни податоци и високата цена на софтверските решенија и официјалните обуки за моделот.
Презентацијата за MARKAL e достапна тука, а снимката од презентацијата може да ја погледнете тука.
За разлика од MARKAL, моделот GACMO е бесплатен и е развиен од партнерството UNEP-DTU. Едноставен е за користење што е супер за почетници особено бидејќи се базира на Excel, а не на други софтверски решенија. Методологијата се заснова на пресметка на оптимално решение, но се внесуваат значително помал број влезни податоци од типот статистики и претпоставки. Резултат на моделот е така-наречена Крива на маргинални приходи од намалување на емисии на стакленички гасови, која се пресметува врз основа на трошоците за намалување на емисиите при секоја внесена мерка и нејзината ефективност за намалувањето на емисии. Па така имаме визуелен преглед на трошоците и ефектот на сите моделирани мерки и може лесно да се идентификува која мерка би била оптимална односно најефективна и најисплатлива со оглед на дадените влезни податоци.
Потоа, моделот LEAP е развиен од Институтот за животна средина во Стокхолм со поширок опсег бидејќи следи потрошувачка на енергија, производство и екстракција на ресурси во сите сектори на економијата што значи дека може да пресметува емисии и понирања на стакленички гасови и од не-енергетски сектори. Како платформа, LEAP поддржува широк спектар на методологии за моделирање што значи дека лесно може да се интегрира со други повеќе специјализирани модели како на пример макро-економски модели. Резултатите од овој поширок опсег на влезни податоци исто така се пресметуваат со функција на оптимизација односно со пресметка која ги минимизира трошоците и максимизира посакуваните параметри. Предност е што моделот е бесплатен за академски, владини и непрофитни организации и е во постојан развој каде новите верзии вклучуваат разни додатни функционалности и подобрувања.
За крај, моделот Energy Plan, развиен од Универзитетот Аалборг, е симулациски модел наспроти горе-наведените оптимизациски модели (иако вклучува одредена оптимизација) што значи дека моделот има за цел да го имитира енергетскиот систем и неговото однесување во иднината, а не да пресмета оптимално решение при дадени влезни параметри. Заради таа причина податоците во Energy Plan се далеку повеќе збирни. Исто така, тој е детерминистички модел што значи дека влезните податоци се фиксни па така и резултатите, наспроти стохастички модели кои вклучуваат функции на веројатност во своите влезни параметри. Резултатите на овој input/output модел се во вид на енергетски биланс кои вклучуваат годишно ниво на производство, потрошувачка на гориво, увоз, извоз и вкупни трошоци вклучувајќи ги приходите од размена на електрична енергија. Бидејќи симулацијата е на часовно ниво, тој е доста корисен за анализа на влијанието на варијабилните обновливи извори на енергија или пак на неделни и сезонски разлики на потрошувачка или на варијациите во дотокот вода во хидроенергетските системи.
Презентацијата за GACMO, LEAP и Energy Plan е достапна тука, а снимката од презентацијата може да ја погледнете тука.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}