Вложувањата во електрични возила (ЕВ) може да им помогнат на владите и на потрошувачите да станат поотпорни откако ќе заврши кризата со КОВИД-19. Преведено од WRI: https://www.wri.org/blog/2020/10/4-reasons-prioritize-electric-vehicles-after-covid-19
Вложувањата во електрични возила (ЕВ) може да им помогнат на владите и на потрошувачите да станат поотпорни откако ќе заврши кризата со КОВИД-19. Фотографија: Chuttersnap/Unsplash
За јавниот сектор, економските последици од пандемијата на КОВИД-19 драстично ги намалија даночните приходи потребни за купување и одржување на возниот парк во сопственост на државата. Веројатно ниедно друго комунално претпријатие не беше толку жестоко погодено од кризата како јавните сообраќајни претпријатија, кај кои бројот на патници доживеа драстичен пад и до 97%. Некои оператори во транспортната дејност се блиску до стечај, а одредени автобуски претпријатија би можеле да се соочат со трајно затворање.
Што се однесува до приватниот сектор, КОВИД-19 го зголеми интересот за користење на приватните возила затоа што потрошувачите се чувствуваат побезбедни и позаштитени од вирусот во свој автомобил отколку во возило на јавен превоз. Не само што луѓето кои поседуваат автомобил претпочитаат да возат самите отколку да се возат во возило на јавен превоз, туку и оние кои досега немале автомобил сега размислуваат да си купат.
Ова се загрижувачки трендови кои ги загрозуваат основните принципи на одржливата мобилност: подобрен масовен транспорт и намалено користење на приватните возила. Јавниот превоз е суштествен фактор за создавање поефикасни и одржливи градови, а градовите треба да продолжат со давање предност на јавниот превоз во однос на приватните возила.
Сепак, приватните возила најверојатно нема никогаш да исчезнат, па затоа оние што ќе се купуваат треба да бидат електрични. Со помош на вистински политики и инвестиции, локалните самоуправи можат да ги поттикнат потрошувачите да го направат вистинскиот избор додека и самите го прошируваат својот електричен возен парк и ги јакнат своите економии.
Четири причини за вложување во електрични возила сега
Ако се анализираат проблемите што го создаде КОВИД-19, може да се заклучи дека сега е вистинскиот момент сопствениците и операторите на возила да вложат средства во електрични возила, особено во електрични автобуси. Зголеменото купување на електрични возила за време на пандемијата ќе ги донесе следниве придобивки:
1. Ќе се поттикне економијата
Меѓународната организација на трудот проценува дека повеќе од 14 милиони работници беа погодени од пандемијата само во САД и Европа. Купувањето повеќе електрични возила и создавањето инфраструктура за истите може веднаш да создаде нови работни места и да поттикне одржлива економска активност. Проекциите се дека само на САД ќе им требаат 330,000 јавни полначи за електрични возила, односно околу 4,7 милијарди $ инвестиции во инфраструктура за електрични возила до 2025 година. И покрај тоа што новите работни места најверојатно ќе дојдат од сектори вон рапидно автоматизираниот сектор за производство на возила, неколку студии заклучуваат дека електричните возила ќе обезбедат нето корист за вкупниот пораст на бројот на новоотворени работни места, при што проценките говорат за до 2 милиони нови работни места до 2030 година во секторите за полнење и одржување на електричните возила и во други сектори. Не постои подобра инвестиција за поттикнување на економската активност од онаа која бара голема сума пари што ќе се плати однапред и што обезбедува долгорочни заштеди.
2. Ќе се заштедат пари
И покрај тоа за електричнитге возила треба однапред да се плати значајна сума пари, на долг рок тие може да бидат поевтини и да му заштедат пари на сопственикот. Една неодамнешна студија покажа дека по само 4 години користење, поседувањето e-такси станува економски исплатлива инвестиција во споредба со конвенционалното такси. Блумберг процени дека e-автобусите почнале да стануваат економски исплатливи во однос на автобусите на нафта уште во 2018 година, под услов автобусот да вози најмалку 160 километри на ден (околу 100 милји). Овие заштеди можат да им помогнат на владите и компаниите да ги полнат своите буџети за непредвидени ситуации и да ги издржат загубите од работењето во време на криза или ниска побарувачка.
3. Ќе се создадат нови приходи во вонредни состојби и во време на ниска побарувачка
Постои и друг вид употреба на ЕВ и дополнителни приходи поврзани со нив, особено со оние ЕВ кои имаат големи погонски батерии како што се автобусите, возилата за испорака на стоки и камионите на јавните комунални претпријатија. Во време на криза или ниска побарувачка, тешките електрични возила (или збирна мрежа од помали погонски батерии) може да се искористат за стабилно снабдување со електрична енергија на болниците и на другите есенцијални служби преку можноста базирана на технологијата на користење на капацитетот на батериите, хибридите или горивните келии на возилата да испраќаат електрична енергија во мрежата - концепт наречен Vehicle-to-Grid или скратено V2G. На пример, во сојузната држава Вирџинија во САД, компанијата „Доминион енерџи“ планира да замени 50 автобуси на нафта со електрични возила до крајот на 2020 година, односно повеќе од 1000 возила до 2025 година со одобрение од сојузната држава. Кога овој план ќе биде во целост реализиран, погонските батерии во автобускиот возен парк би можеле да складираат и до 105 мегават часови електрична енергија, што е доволно за снабдување со електрична енергија на повеќе од 10,000 домови. Овие податоци се базираат на еден пилот проект раководен од Универзитетот на сојузната држава Делавер во САД, според кој електричните автомобили создаваат струја во вредност од над 100 американски долари по автомобил месечно.
4. Ќе се одржи подобрениот квалитет на амбиенталниот воздух
За време на разните ограничувања поради КОВИД-19, загадувањето на воздухот опадна за речиси 60% во многу градови. Електричните возила немаат емисии од ауспух, емитираат помалку топлина и создаваат помалку бучава во споредба со конвенционалните возила. Фаворизирањето на електричните возила во сегашниот момент би помогнало да се одржува постигнатото подобрување на квалитетот на воздухот и би ги намалило ризиците по здравјето на граѓаните. Овие придобивки може дополнително да се зголемат со користење електрични возила за подобрување на интеграцијата на обновливите енергии (на пример, соларната енергија произведена во текот на денот може да се складира во електрични возила и да се искористи подоцна така што ќе ѝ биде продадена на електричната мрежа).
E-автобус во Торонто, Канада. Фотографија: Can Pac Swire/Flickr
Како можат владите да поддржат повеќе електрични возила?
Електричните возила, особено големите колективни ЕВ како автобусите, се извонреден начин за развој на економијата по завршување на кризата со КОВИД-19. И покрај тоа што пристапот може да се разликува во зависност од регионот, постојат три главни чекори што владите можат да ги преземат за поддршка на определбата за што повеќе јавни и приватни ЕВ во сообраќајот.
1. Зајакнување на инфраструктурата за полнење на електричните возила
Недостигот на инфраструктура за полнење на ЕВ е клучната пречка за зголемување на нивниот број. Забрзаното поставување на полначи за ЕВ не само што ќе им влее доверба на потрошувачите со која ќе ја надминат постоечката загриженост во врска со дометот на возилото односно стравот дека ќе останат без погонска енергија на сред возење, туку и ја создава есенцијалната инфраструктурна поврзаност со електричната мрежа. Паметната инфраструктура за полнење ќе помогне и во управувањето со оптовареноста на електричната мрежа и ќе ги искористи електричните возила како ресурси за складирање на енергија. Фокусирајќи се на што пошироко распростанување на јавната инфраструктура за полнење на ЕВ и на стимулирање на полнењето на ЕВ на самото работно место, оваа инвестиција ќе даде одржливи позитивни резултати.
2. Поддршка за купување ЕВ во рамките на пакетите за помош за санирање на последиците од КОВИД-19
Без оглед дали од владата или од меѓународните институции, многу градови и држави најверојатно ќе бидат приматели на пост-КОВИД-19 стимулативни пакети во месеците што доаѓаат. Владите треба да ги насочат овие средства кон активности што ќе создадат каскаден економски раст на краток рок, ќе заштедат пари на долг рок и истовремено ќе делуваат поволно врз животната средина. Купувањето електрични возила, особено автобуси и други возила за колективен превоз кои поминуваат голема километража, е конкретен начин преку кој може да се остварат сите три цели. Креаторите на политики треба да осмислат стимулативни пакети кои го субвенционираат купувањето електрични возила и инфраструктура за полнење на истите, каков што е на пример стимулативниот пакет од 15 милијарди евра на Германија. Овој пакет има за цел забрзување на растот на бројот на ЕВ преку зголемување на субвенциите за купување на вакво возило, намалување на даноците и зајакнување на инфраструктурата за полнење на возилата.
3. Спроведување во пракса на стандардите за емисии и на условите што мора да ги исполнуваат електричните возила
За да ги потпомогнат напорите за развивање на инфраструктурата за полнење на ЕВ и структурирање на стимулативните пакети, креаторите на политики треба да донесат закони во прилог на долгорочниот премин кон електрификација на возниот парк. Ширум светот, стандардите и условите што мора да ги исполнуваат возилата се покажаа како делотворни алатки за намалување на емисиите на стакленички гасови од транспортниот сектор и за зголемено купување на ЕВ. Во Мексико, на пример, еден стандард за ефикасност на возилата ги намали емисиите на јаглерод диоксид за околу 30 милиони тони во периодот 2013-2017 година, ја подобри севкупната ефикасност на возилата во државата за скоро 11% и создаде услови за поголем број ЕВ во сообраќајот во иднина.
Условите за нулта емисија за возилата исто така се покажаа како делотворни за зголемување на продажбата на ЕВ, што јасно може да се види на примерот на успешните програми во Калифорнија и Кина. Ваквите политики поттикнува купување на чисти возила а со тоа и развој на инфраструктурата за полнење на истите, со што драматично се скратува времето на патување кон електрификација на возните паркови.
Да станеме поотпорни по кризата со помош на електричните возила
Електричните возила може да помогнат во создавањето на еден еколошки и финансиски поодржлив пост-КОВИД-19 свет. Нобеловецот Пол Ромер, добитник на оваа престижна награда за економија, изјавил во една прилика: „Кризата е можност што би било ужасно да се прокоцка.” И покрај деструктивните и болни последици од пандемијата, таа исто така нуди ретка можност, која се јавува еднаш во сто години, за збогување со досегашниот начин на производство на возила и за премин кон чиста, економична и електрична иднина.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}