Климатските промени опфатени со новата методологија за изработка на Просторниот план на РСМ



Како плански документ од највисоко национално значење Просторниот план претставува стратешки, долгорочен, интегрален и развоен документ со кој се обезбедува организирање, заштита и управување со просторот на државата како особено вредно и ограничено национално богатство. Просторниот план се базира на усвоените секторски стратегии во одредени сегменти од развојот, сите документи од национален карактер и комплетно методолошки се потпира на доктрината на одржлив развој, што му дава полно право да го добие епитетот и тежината на стратегија за просторен развој на државата. Тој е со долгорочен карактер, базиран на принципот на флексибилност и прилагодливост на развојните процеси и структурни промени кои ќе се случуваат. Тоа во прв план ја истакнува неговата процесност и постојано активно прилагодување на планерските решенија и изнаоѓање на максимални опции за зачувување на интегралноста на просторот и неговиот квалитет.

За новата методологија со интеграција на климатските промени во просторниот план на РСМ разговаравме со Неби Реџепи, раководител на секторот за просторно планирање во МЖСПП и Дејан Гаџовски, советник за спроведување на просторни планови, МЖСПП. 

Каква улога има Министерството за животна средина и просторно плнирање во подготовка на просторните планови?

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) е нарачател, финансиер и координатор на изработката на просторните планови. При тоа е во тесна соработка со Агенцијата за планирање на просторот која е изработувач на иститот.

Бидејќи во процесот на подготовката на просторните планови се вклучени голем број институции (министерства, јавни претпријатија, агенции и други установи - кои се застапувани од избрани претставници, како и општините - застапувани од своите партиципативни тела) МЖСПП  за секој просторен план назначува координатор кој ја води коресподенцијата со институциите вклучени во процесот. Задача на координаторот е да ја води целата административна постапка, од самиот почеток на изработката на планот, па сè до негово усвојување, што подразбира прибавување на потребни информации и документација, организирање состаноци, потпишување на Договор, Меморандум, формирање на Координативно тело за изработка на планот, формирање на стручна комисија за ревизија на планот и Извештај од извршената ревизија.

Преку својот координатор, МЖСПП е вклучено во изборот на различните тимови за изработка на посебните експертни елаборати кои претставуваат основа за изработка на планот.

Исто така МЖСПП ја  спроведува и постапката за Стратешка оцена на влијанието врз животната средина (СЕА) од имплементацијата на планот, преку обезбедување на изработка на Извештај за извршена СЕА и негово вклопување во конечната верзија на планот, како и спроведувањето на јавни расправи по Нацрт- планот и Нацрт- Извештајот за извршена СЕА.  

На крајот од целиот работен процес, клучна задача на МЖСПП е да го официјализира документот преку доставување до Владата на усвојување, и на крајот до Собранието на Република Северна Македонија, при што е потребно да го „одбрани“ во расправите пред соодветната комисија во Собранието (за урбанизам и животна средина), како и на пленарната седница, по чие усвојување планот станува полноважан, законски важечки и задолжителен за имплементација.


За изработката на новиот Просторен план се подготвува/изработува нова методологија. За каква методологија станува збор и зошто беше потребно да се внесат тие промени?

Потребата за подготовка на нова Методологија за изработка на просторни планови произлезе од потребата за подготовка на нов просторен план на државата.  Со оглед на тоа што постојната Методологија е прилично стара (подготвена за потребите за изработката на Просторниот план на СРМ од 1982 година), таа не одговара на современите услови и потреби на државата. Особено, нејзин „недостаток“ е тоа што е наменета за планови во еден друг вид на општество (социјалистичко), за друг степен на развој на општеството и поинакви потреби на стопанството и не содржи насоки за преземање на мерки за справување со климатските промени, што е и разбирливо, имајќи предвид дека климатските промени се понов феномен.

Идејата е сите овие недостатоци на старата (постојната) Методологија да се решат преку изработка на нова, современа Методологија која ќе претставува солидна основа за изработка на новите просторни планови, пред сè давајќи соодветни насоки за одржлив развој и заштита на животната средина и насоки за толку битните и веќе ургентни мерки за адаптација и ублажување на климатските промени.

Од исклучително значење е воведувањето на климатските промени како методолошка алатка низ чија призма ќе се постават основите за креирање на просторни стратегии, планови и политики бидејќи игнорирање на истите може да доведе до просторен развој кој нема да може да се справи со непредвидливите сценарија предизвикани од климатските промени.

Уште една битна компонента што би требало да ја предвиди новата Методологија е можноста за брзо и ефикасно ажурирање на плановите (што е инаку гломазен процес, имајќи ги предвид начинот на неговата изработка и усвојување), полесно и поефикасно спроведување на просторните планови и следењето на спроведувањето, односно мониторингот. Покрај другото, како земја кандидат за членство во ЕУ и потписничка на многу меѓународни договори и конвенции и следбеник на европските политики за просторен развој, потребно е Методологијата да земе предвид и одредени директиви кои имаат влијание врз просторното планирање, како и европските и светските текови во политиката на просторното планирање.


Која е Вашата визија за новиот просторен план имајќи предвид дека новиот Просторен План е долгорочна стратегија на државата со плански хоризонт за дваесет години?

Визијата за новиот просторен план е да биде современ, што значи да одговара на денешните услови и потреби, но и да биде визионерски, предвидувајќи ги сите можни идни сценарија и можните мерки за постапување и реакција. Тој, исто така, мора да биде прилагоден на современите европски текови во просторното планирање (и како политика и во пракса), но и да биде усогласен со просторните планови на нашите соседни држави.

Под современост, исто така, се подразбира и користење на најсовремени технолошки алатки за негова изработка, но и современост во неговата конечна форма - да биде дигитализиран, геореференциран, со соодветна база на податоци кои би биле лесно достапни, лесни за ажурирање и користење и би овозможувале брзо и точно донесување одлуки, како и полесен увид во спроведувањето на планот и неговото мониторирање.

Таквиот план би требало да обезбеди брза, лесна и соодветна реакција на барањата на современото стопанство и потреби за развој, но само преку, правилно и одржливо користење на природните ресурси, водејќи сметка пред сè на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето. Токму поради ова, можноста за една современа методологија ја гледаме во интегрирањето на климатските промени како еден од водечките аспекти и приоритети во создавањето на просторните планови и инвентари од нови регулации и обврски што тие ги носат со себе. Овој пристап претставува пионерски потег бидејќи справувањето со климатските промени се воведува во правно најмоќниот државен документ кој ја уредува и управува целата територија на земјата. Конечно, еден просторен план изработен со методологија која ги интегрира и зема предвид сите влијанија и последици од климатските промени ќе обезбеди простор што ќе го заштити природното опкружување, ќе ја зајакне микро и макро екологијата ширум државата, ќе обезбеди рамономерен и правилен урбан развој заштитувајќи ги овие подрачја од поплави, пожари, сеизмички движења, свлечишта, недостиг на добра итн. Исто така, ќе се грижи за зачувување на природните ресурси и нивно оптимално искористување, ќе ги заштити и унапреди шумите, пасиштата и зоните за развој на агрикултурата со тоа што ќе интервенира на места сколни на суши, пожари и зони кои ја девастираат почавата.

Кога климатските промени се движечки фактор во донесувањето на просторните одлуки, тогаш може со сигурност да кажеме дека територијата на земјата одржливо ќе се развива во правец на природна благосостојба и отпорност кон непредвидливите климатски сценарија.



{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close