Интервју Велковски: Општините да вложат напори за справување со климатските промени според европски стандарди



Сите општини треба да вложат напори да се доближиме кон европските регулативи кои значат едно повисоко ниво и наша цел во зачувување на животната средина и искористување на природните ресурси за производство на т.н. зелена енергија, вели Сашо Велковски, градоначалникот на Свети Николе

Предизвиците со справување со климатските промени и напорите за заштита на животната средина мора да се надминат и на локално ниво, за што клучна улога имаат општините. За овие прашања разговаравме со Сашо Велковски градоначалник на Свети Николе каде се спроведува проектот за изградба на пречистителна станица. Велковски вели дека општините функционираат во рамките на нивните надлежности, но и со внатрешните капацитети кои особено за малите и помалку развиени општини со ниски буџети е многу важно постојано да има унапредување и заложби да се следат европските стандарди.

Разговараше: Тамара Тодоровска, ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал

КлиматскиПромени: Пречистителна станица во Свети Николе повеќе од една деценија е надвор од употреба. Во тек е нејзина реконструкција и се работи на нејзиното стартување во следниот период. Можете ли да ни кажете за каква инвестиција станува збор и какво е значењето на оваа пречистителна станица и за жителите на вашата општина, меѓутоа и од аспект на заштита на животната средина?

Велковски: Пречистителната станица за отпадни води околу десетина години е надвор од функција поради проблеми со одржувањето на истата во изминатата декада. Во моментов реконструкцијата е завршена и се очекува во наредните неколку недели да почне со работа. Инвестицијата е околу 162.000 евра и средствата се добиени преку програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција. Со ставањето во функција на ПСОВ, ќе добиеме примарно и секундарно третирање на отпадните води од домаќинствата од град Свети Николе и ќе спречиме нивно директно излевање во река како што е во моментот.


КлиматскиПромени: Во околината на Свети Николе во најголем дел е развиен земјоделскиот сектор, меѓутоа и индустријата и производните гранки. Дали оваа пречистителна станица на која се работи во моментот ќе ги задоволи во целост потребите на општината Свети Николе, во согласност со моменталната активност на регионот, но и плановите за иден развој?

Велковски: Овчеполието како еден од најземјоделските краеви во нашата земја има огромен потенцијал за развој на органското производство, со што со пуштање во употреба на ПСОВ, овозможуваме дополнителен развој на оваа земјоделска гранка. Исто така овозможуваме пристојни услови за жителите на селата каде што сега има непријатна миризба од фекалиите кои течат директно во реката. Можеме да кажеме дека потребите на жителите, но и на нас како Локална самоуправа нема во целост да ги задоволиме со оваа инвестиција, бидејќи станува збор за стара технологија на прочистување и не се опфатени сите отпадни води туку само од градот, а не и од селата и од индустриските капацитети кои се наоѓаат надвор од градот. Со плановите и стратегиите за локален економски развој кои ги имаме како општина, во иднина ќе ни треба воведување на посовремена технологија и проширување на капацитетите на ПСОВ.


КлиматскиПромени: Ваквите големи инвестиции во најголем дел се финансирани со мобилизирање средства од развојни донаторски фондови. Од досегашното ваше искуство, кои фактори се пресудни за поуспешна имплементација на овие проекти, гледано од аспект на внатрешни капацитети на локалната самоуправа, законската регулатива, но и на условите за спроведливост коишто се бараат од страна на донаторите?

Велковски: Како помала општина со скромен буџет, се трудиме да обезбедиме што е можно поголем број на домашни и странски донатори за да реализираме проекти кои значат обезбедување на современи услови за живот на сите граѓани и развој на локалната економија. Секој проект кој е поддржан од донатор претставува предизвик за нас, бидејќи си има свои правила на имплементација кои се поразлични од нашите државни регулативи. Затоа вршиме континуирана обука на нашите вработени за да овие проекти станат успешна приказна.


КлиматскиПромени: Каде ја гледате улогата на локалната самоуправа во справувањето со климатските промени? И гледано во таа насока, дали можеби би предложиле промени коишто би требало да се случат од организациски аспект, спроведливоста на регулативата и можностите за проширување на соработката со институциите, приватниот сектор и граѓаните?

Велковски: Како локална самоуправа се стремиме кон чиста и здрава животна средина и ублажување на последиците од глобалните климатски промени. Имаме надлежност во делот на управување со отпад, контрола на нивото на загадување кои го произведуваат индустриските капацитети, имаме одделение за заштита на животната средина кои ги спроведува законите на локално ниво. Во насока на подобрување во овој дел, сметам дека сите општини треба да вложат напори да се доближиме кон европските регулативи кои значат едно повисоко ниво и наша цел во зачувување на животната средина и искористување на природните ресурси за производство на т.н. зелена енергија.

{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close