Колку е важен еколошкиот и граѓански активизам на локално ниво. Кои се најголемите проблеми во Тетово и регионот. Арианит Џафери од Еко Герила говори што е потребно да се преземе за поголема одговорност на загадувачите, но и кои лекции треба да ги научиме на глобално ниво со КОИВД-19 пандемијата и климатската криза
Локалниот еколошки активизам е многу важен за спречување на сите негативни влијанија врз животната средина, а со тоа и поголема вклученост на граѓаните во намалување на последиците од климатските промени. Еко Герила од Тетово ревносно работи на откривање на проблеми со загадувањето, дивата сеча и заштита на природните богатства во овој регион. Со Арианит Џафери од Еко Герила разговараме токму за локалните иницијативи на граѓаните, соработката со институциите на локално и државно ниво, што треба да се подобри во работата на инспекциите, но и кои лекции можеме да ги научиме во актуелниот период на КОВИД-19. Џафери смета дека граѓаните се повеќе ги пријавуваат проблемите, но треба да се засили и одговорот на инспекциските служби.
Разговараше: Христијан Станоевиќ, ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал
КлиматскиПромениМК: Вие сте една од најактивните еколошки организации во Полошкиот регион, постојано откривате проблеми со диви депонии, загадување на животната средина, нарушување на природата. Колку се важни локалните иницијативи на граѓаните за преземање на конкретни акции?
Локалните иницијативи се многу важни кога станува збор за откривање проблеми, биле тие диви депонии, загадувачи, дрвосеча, проблеми со комуналниот отпад, со фрлање на шут насекаде, поради тоа што Еко Герила добива повеќе такви пријави од граѓаните отколку што добиваат надлежните инспекторати (општинскиот или државниот). Повеќето од граѓаните не знаат дека постојат инспекторати, и не знаат како да ги контактираат. И во случај кога некој ги контактира директно, тие речиси никогаш не реагираат соодветно, или пак воопштo не реагираат.
КлиматскиПромениМК: Што вели досегашното ваше искуство. Тешко ли е да се воспостави дијалог со институциите, да се креираат соодветни политики за заштита на животната средина, но потоа и истите и да се спроведат?
Џафери: Комуникацијата со институциите не е секогаш иста. Ние имаме одлична комуникација со МЖСПП, но истото не може да се каже и за општините. И во случај на општините, некоја институција е потранспарентна од некоја друга, така што не може да се дава еден единствен одговор за таквата релација. Тоа што е сигурно, предизвикот е голем кога се зборува за спроведување на политиките, и на локално и на централно ниво. Секогаш се оправдуваат дека законот не им овозможува да реагираат, или пак дека немаат доволно капацитети (човечки или инфраструктура) за да реагираат соодветно.
КлиматскиПромениМК: Каква е состојбата во тетовскиот регион, кои се најголемите закани по животната средина и колку овие проблеми ја подигнаа свеста на граѓаните и нивната одговорност за сопствените постапки?
Џафери: Во тетовскиот регион има повеќе закани по животната средина. Една е загадувањето на воздухот. Иако по затварањето на Југохром видно е намалено (до 60% според мерењата на МЖСПП), воздухот е помалку загаден, но сеуште не е доволно чист. Тоа е како резултат на греењето на домаќинствата со дрво но, и со други штетни фосилни горива, вклучувајќи масло, гуми, пластика, и сл., затоа е многу важно со полн капацитет и интензитет да се работи на гасоводот во регионот. Загадувањето на воздухот исто така е како резултат на дрвната индустрија (производство на мебел) кои што во зимско време се греат на секакви материјали кои им остануваат од производствениот процес, и истите компании немаат никакви филтри. Возниот парк е исто така проблематичен по оваа прашање. Има премногу возила во град кој нема јавен превоз, и повеќето возила се без никакви еколошки стандари. Друг вид на закана се изградбата на тнр. мали хидроелектрани. Хидро-мафијата гради низ цела Шара, и со тоа ги остава селата и жителите на тие населени места без чиста и квалитетна вода за пиење. Сечата на дрвја во Шар Планина истотака е голем предизвик кој никако да се запре од надлежните. Овие проблеми до некаде ја подигнаа свеста на граѓаните, а тоа го мериме според нивните реакции и пријави на вакви проблеми до нас, или пак по социјални мрежи.
КлиматскиПромениМК: Што треба да се подобри во работата на инспекциските служби на локално ниво, како да се подигне нивниот капацитет, има ли проблеми со унифицираност при вршењето на надзорот и спроведувањето на законските прописи?
Џафери: Како прво, треба да се зајакнат капацитетите на инспекциските служби, и не само во тетовско, но во целата држава. Немаме доволно инспектори за да вршат надзор или пак да реагираат навремено и соодветно кон пријавените прекршувачи на законите и правилата. Исто така, инспекциските служби треба да имаат надлежности исти како на УЈП, да можат да пишуваат големи казни на лице место. Загадувачите треба да се плашат од инспекторите на животна средина исто како што се плашат кога ќе им влезе УЈП на врата. Жално е да го кажувам ова, но само тогаш ќе бидат доволно свесни за да не загадуваат. Како организација, ние сме направиле голем број преставки во инспекцискиот совет за нефункционалноста на инпскеторите, и само тогаш сме виделе резултати, што значи дека и нив (инспекторите) треба да ги казни некој ако тие не пишуваат казни за загадување на животната средина.
КлиматскиПромениМК: Владата веќе ја усвои иницијативата за прогласување на Шар Планина за нов национален парк, а сега ќе следи долг процес преку институциите, а ќе има и јавни расправи со учество и на локалното население. Кои се најголемите проблеми кои го загрозуваат ова национално природно богатство и кој ќе биде најсоодветен модел на решавање на истите?
Џафери: Како организација стоиме на располагање на државата во процесот на прогласување на Шар Планина за национален парк. Има некои големи предизвици пред нас, и за тоа треба многу работа, особено во смисла на организирање на јавни расправи со учество на локалното население во време на пандемијата, но сметаме дека нивниот глас мора да се слуша и почитува. Сметаме дека цела Шар Планина треба да се стави под некаков мораториум, во врска со изградба на други тнр. мали хидроцентрали, дрвосечата но, и за изградба на големи објекти (хотелиерски или други) во внатрешноста, во границите или пак во близина на заштитеното подрачје. Ќе треба да се спрема закон кој треба да ги заштити интересите на населението, но и богатиот биодиверзитет на Шара.
КлиматскиПромениМК: Пандемијата со КОВИД-19 барем накратко го „стопираше“ светот, а со тоа и загадувањето. Кои лекции треба да ги научиме од овој период во поглед на климатската криза, има ли оптимизам дека возможни се вистински промени и што треба да се преземе?
Џафери: Лошата и опасната пандемија ни направи голема услуга во намалување на загадувањето на глобално ниво, но истовремено треба да не освести за ризиците кои доаѓаат од климатските промени. Секакви бактерии и вируси (непознати за светот) се заробени во мразот и постојаната поларна обвивка со векови, оживуваат поради затоплувањето на климата на Земјата, и ќе преставуваат секакви закани и предизвици за светот. Од тука треба да се работи многу за да се митигираат климатските промени, и да се намали глобалната температура во планетата.
Фото: Alexandros Avramidis
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}