Недостатокот на свест за одржливо управување со природните ресурси и локалните активности, придонесе Преспанскиот уникатен екосистем да се соочи со непожелни нарушувања на природниот баланс и засилено влијание на климатските промени. Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) во партнерство со Општина Ресен и Министерството за животна средина остварија повеќегодишна соработка фокусирана на реставрацијата на екосистемот на Преспанското Езеро, преку воведување на сеопфатни мерки за подобрување на целокупното здравје и зајакнување на отпорноста на Преспанското Езеро и обезбедување долгорочна контрола на процесот на еутрофикација
Преспанскиот регион е историски уникатен хидролошки и еколошки екосистем кој претрпел значителни промени низ вековите, заради различни антрополошки влијанија. Во текот на последните децении, овој регион генерално се карактеризираше како дестинација која е ориентирана кон туризам и интензивно производство на јаболка. Сепак, недостатокот на свест за одржливо управување со природните ресурси и локалните активности, придонесе овој уникатен екосистем да се соочи со непожелни нарушувања на природниот баланс и засилено влијание на климатските промени.
Со цел да се адресираат овие предизвици, Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) во партнерство со Општина Ресен и Министерството за животна средина остварија повеќегодишна соработка фокусирана на реставрацијата на екосистемот на Преспанското Езеро, пред се преку воведување на сеопфатни мерки за значајно подобрување на целокупното здравје и зајакнување на отпорноста на Преспанското Езеро и обезбедување долгорочна контрола на процесот на еутрофикација.
За потребите да се дизајнира еден ваков проект, како и резултатите и можностите за одржливост на поставените активности, разговараме со проектниот специјалист Никола Здравески, кој повеќе од 6 години беше активно вклучен во спроведувањето на овие иницијативи.
Разговараше: Христијан Станоевиќ, ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал
КлиматскиПромениМК: При самиот дизајн на овој проект, една од главните цели беше да се воспостави интегрирано управување со водите во рамките на целите и директивите кои се пропишани од Европската Унија. Од оваа гледна точка, до кој степен сметате дека успеавте да придонесете кон успешно спроведување на Планот за управување со сливот на Преспанското Езеро и какво е генералното искуство со коешто се стекнаа сите чинители во регионот?
Здравевски: Планот за управување со сливот на Преспанското Езеро претставува првиот изготвен плански документ во државава кој е изработен за ова подрачје според методологијата на Рамковната Директива за Води (РДВ 2000) на Европската Унија. Во државите членки на Европската Унија, целокупното планирање и искористување на природните ресурси ги анализира првенствено и зема во предвид потенцијалните ефектите од таквото планирање врз водните ресурси. Квалитативниот и квантитативен статус односно состојба на водните тела (реки и езера) се во фокусот на управувачките принципи на Рамковната Директива за Води и тие детерминират во која насока и до кој степен директно или индиректно можеме и смееме да ги експлоатираме. Темелејки се на овој принцип со помош на ескпертска поддршка, за прв пат успеавме да направиме сеопфатна идентификација и квантификација на сите загадувачи: точкасти и дифузни на водните тела во Преспанскиот слив, преку координирана и транспарентна платформа ги вклучиме сите идентификувани значајни чинители во управувањето со водните ресурси и изготвиме програма на мерки за заштита и унапредување на состојбата на водите во сливот на Преспанското Езеро. Планот за управување со сливот на Преспанско Езеро се однесуваше на планирачки период од 6 години (2010-2016) согласно принципите на планирачка рамка на РДВ 2000. Благодарение на поддршката од страна на Швајцарската Агенција за Развој и Соработка (SDC) која го финансираше проектот за заштита на Преспанско Езеро спроведен од УНДП, успеавме во голем дел да реализираме од зацртаните активности вклучително активности во секторот земјоделство и намалување на неговото влијание врз водите, подобрување на системот за третирање на отпадните води и изградба на системи кои се темелат на природни процеси на пречистување, воведување на систем за управување со биоразградливииот отпад, насочени активности за намалување на ерозивните процеси и деградација на земјиштето и воспоставување на локални капацитети преку изградбата на мониторинг станицата во село Стење за перманентно следење на состојбите со квалитетот на водите во сливот, процена на ефектот од сегашните и идни реставрациски напори и активности.
Со вклучување на локалните чинители во секоја од значајните фази почнувајки од изработката на планот па се до имплементацијата на конкретните мерки и активности на терен и практичната демонстрација со спроведување на мерки во различни сектори им овозможи на чинителите да го подигнат нивото на свест и значење за потребата од интегрален пристап во постигнувањето на целите на планот.
КлиматскиПромениМК: Поддршката којашто ја даде УНДП беше особено фокусирана на градењето на капацитетите на Општина Ресен, со цел да се изврши успешен трансфер на надлежностите за спроведувањето на активностите во иднина. На каков начин се одвиваше оваа транзиција на должности кон структурите на општинската администрација и какви се денешните резултати од аспект на одржливост на овие процеси?
Здравевски: На самиот почеток од почнувањето на проектот, произлегоа недостатоците и предизвиците за обезбедување на постојана и соодветна институционална поставеност на одговорностите и надлежностите за сите прашања поврзани со заштитата на водите и животната средина. Недоволно екипираниот стручен персонал и несоодветната административна распределба на постоечкиот претставуваше закана за овозможување на одржливост на сите процеси и инфраструктура кои ќе се воспостават од страна на проектот. Токму во таа насока, во соработка со Општината отпочнавме анализа на постоечката систематизација на работните места и со стручна помош се изготви план за институционален развој и јакнење на капацитетите на Општина Ресен за да може ефикасно да одговори на сите надлежности од областа на животната средина. Преку изготвување на нова систематизација и формирање на Сектор за животна средина со две одделенија: одделение за управување со води и природа и одделение за упраувување со отпад се восспостави соодветната институционална рамка. Преку ангажирање на содветен висококвалификуван кадар од страна на Општината со помош на проектот, му беше овозможено негово техничко обучување и истиот за време на проектот се апсорбира од страна на Општината преку вработување на тие лица. Овој партнерски пристап помеѓу проектот и Општината се потврди како клучен елемент во восппоставувањето на одржлив институционален и кадровски капацитет и моментално токму заради таа основа Секторот за животна средина успешно се справува со сите прашања од областа на животната средина на територијата на Општина Ресен, претставува активен управувач со заштитените подрачја Паркот на природа Езерани и Преспанското Езеро Споменик на Природа и координира голем број на проекти со цел заштита на природните вредности на Преспанскиот регион.
КлиматскиПромениМК: Како дел од иницијативите за прв пат се воведе систем за следење на квалитетот на водата во Преспанското Езеро со поставување на стручен кадар и локална лабораторија со современи услови на работа. На каков начин придонесе ваквиот мониторинг и дали навременото добивање на точни податоци влијаеше врз носењето на одлуки за активностите коишто ги спроведовте?
Здравевски: Една од целите на проектот претставуваше вовспоставување на систем за следење и проценка на степенот на реставрација на мерките вклучително и следење на параметрите на квалитет на водите како најдиректен показател на подобрување на состојбата. Мониторинг станицата во Стење која се воспостави од страна на проектот претставува инфраструктурен комплекс за најнапредно следење т.е мониторинг на елементите на квалитет на водите во Преспанскиот слив со најсовремени апарати и методологии. Воедно, ангажирањето на соодветен висококвалификуван стручен кадар од страна на Општина Ресен овозможува постојано следење на состојбите со квалитетот на водата во езерото и околните речни притоки. За време на 6 годишното спроведување на реставрациските мерки од страна на проектот, мониторинг станицата беше вклучена во спроведување на повеќегодишната програма за мониторинг на квалитетот на водите во сливот заедно со Хидробиолошкиот Институт од Охрид. Со завршување на проектот, извештаите од неколкугодишите спроведени теренски и лабораториски анализи покажаа значително намалување на вредностите на одредени параметри, пред се фосфатите и нитратите кои се јавуваат како најгоеми загадувачи со потекло од земјоделските активности и несоодветниот третман на отпадните води како резултат на проектните активности. Дополнително, она што е важно долгорочно е имањето на перманентна институција која постојано ја следи состојбата со квалитетот на водите и соодветните параметри и одржува една постојана база на вредни информации кои се од значителна важност за идното концепирање на проекти и иницијативи за заштита на езерото и водните ресурси во сливот и приоритизација на интервентните мерки во секторите кои го засегаат Преспанскиот слив.
КлиматскиПромениМК: Иницијативите кои ги спроведовте вклучија и спречување на ерозија како и техники за реставрација на мочуриштата со цел контрола на поплавите и филтрирање на водата на најголемата притока на Преспанското Езеро - реката Голема Река. Имајќи предвид дека ерозијата и поплавите се јавуваат како последица на климатските промени, но и од директното антрополошко влијание, кои се вашите препораки за успешно менаџирање на овие појави во иднина?
Здравевски: Блатните екосистеми меѓу кои спаѓаат и мочуриштата претставуваат едно од најголемите оружја против климатските промени. Блатен екосистем кои се состои од површина која е перманентно поплавена со вода има клучна улога во борбата со глобалните процеси на затоплување бидејки меѓудругото претставува депо на вода, подржува егзистенција на жив свет, врши апсорбција на стакленички гасови пред се CO2, ги ублажува температурните шокови и големи амплитуди на температурна варијација но и штити од загадување преку преку прочистување на водите од сите загадувачи кои извесно време се задржуваат помеѓу растителните организми кои егзистираат во блатото.
Паркот на Природа Езерани претставува првиот блатен екосистем кој е ставен на листата на важни Рамсарски подрачја од страна на државата, кој се одликува со исклучително богат видов диверзитет и затоа е прогласен за заштитено подрачје. Срцето на паркот претставува вливот т.е делтата на Голема река коај истовремено е и најголемиот точкаст загадувач за езерото бидејки преку своите води носи во езерото разни загадувачи по своето течение низ сливот, пред се остатоци од вештачки ѓубрива и пестициди од земјоделски активности но и дел на неречистени комунални води и отпад. Во минатото делтата на реката имала разгранет влив со поплавување на пошироката околна површина, но во деведесетите години е направено прокопување за сметка на конверзија на земјиштето во земјоделско. Со реставрацијата на блатниот екосистем на на делтата на Голема Река во паркот на природа Езерани изградена успорна градба од природен материјал без да се нарушат еколошките процеси која има за цел да врши успорување на водата пред нејзиниот влив во езерото и извесно задржување во таканаречената поплавна зона. Овој процес на ретенција овозможува природно пречистување на водата од контаминантите кои со себе ги носи од страна на растителните заедници, пред се појасите на трската.
КлиматскиПромениМК: Овоштарството, со посебен акцент на производството на јаболка е едно од главните одбележа на преспанскиот регион. Меѓутоа, долгогодишното интензивно одгледување, несомнено донесе значително влијание кон влијанието на животната средина. Кои се главните цели на грантовата шема којашто ја воспоставивте и дали сметате дека обуките коишто се одржаа донесоа кон долгорочни промени на производните навики кај локалното население?
Здравевски: Намалување на влијанието на земјоделството врз осетливиот екосистем на Преспанското езеро е во фокусот на проектите кои УНДП ги спроведува уште од крајот на деведесетите години кога отпочна со работа локалната канцеларија на УНДП во Ресен. Она што оди во прилог на климатските промени и глобалните процеси кои се последица од нив и кои се одразуваат најпред се на недостатокот на водни ресурси, процеси кои последниве години не ја одминаа Преспа, претставува притисокот врз искористување на водите во сливот за наводнување во земјоделството. Несоодветните и неодржливи техники на наводнување комбинирани со прекумерната употреба на вештачки ѓубрива резултираат со влошување на квалитетот на површинските и подземните води во Преспа но и со губење на нивниот квантитет. Грантовата шема која неколкукратно беше подржана во рамките на проектот со техничка помош од страна на консултантската фирма ЕПИ ЦЕНТАР имаше за цел да создаде целна група на земјоделци кои ќе бидат обучени за спроведување на еколошко производство и оптимизирано искористување на водните ресурси кое ќе се темели на реалните потреби на земјоделските култури наспроти класичното-традиционално наследено знаење базирано на календарските сезони. Во фокусот на грантовата шема претставуваа воведувањето на агро-еколошките мерки кои покрај воспоставување на систем за оптимизрано следење на потребите на искористување на водите за наводнување се базираат и на оптимизирано прихранување на земјоделските култури и прогнозистичка примена на пестициди за заштита базирано на знаење за условите за појава на болестите. Со спроведувањето на неколку циклуси на обука на грантисти и примена на добри земјоделски пракси, овој пристап овозможи едуцирање на преку 300 земјоделци и вклучување на површини од преку 100 хектари на кои се применуваат овие мерки. Спроведената грант програма се покажа како добар практичен пример на каков начин е потребно да се приоритизира еколошкото производство и воведување на агроеколошките мерки вклучително и односот кон искористувањето на водните ресурси.
КлиматскиПромениМК: Процесот за воведување на современи производни практики беше надополнет и со поставување на современо опитно поле за производство на јаболка, во соработка со Средното општинско училиште „Цар Самоил“. За кого е наменето ова опитно поле и какви се резултатите денес и по завршувањето на активностите на проектот?
Здравевски: Напорите за воведување на нови одржливи, еколошки практики и технологии во земјоделството наметнуваа потреба од демонстрирање на истите као би можеле земјоделците лично да се уверат во резултатите од нивната примена и истовремено да се разбие стереотипиот дека нешто ново е подобро, а посебно дека е подобро од она традиционално знаење и искуство во јаболкопроизводството кое земјоделците во Преспа го имаат акумулирано од поколенија наназад. Токму поради тоа, проектот подржа воспоставување на опитно поле од различни сорти на јаболкова култура и овозмоќи струшно-техничка помош во неговото воспоставување. Во партнерство и како краен корисник на овој насад Средното земјоделско училиште, се формира еден модерен практичен едукативен центар за воведувањето на современите, агро-еколошки практики во јабоковото производство кои имаат за цел да го намалат еколошкото оптоварување од земјоделството во сливот. Редовните теренски операции во една производна реколта беа спроведувани во заедничка едукативна активности од страна на експертите од ЕПИ ЦЕНТАР и средношколците од земјоделската насока кои се грижеа преку стекнатото и применето знаење во ова опитно поле да го одржуваат подигнатиот насад согласно најновите и најдобри производни и еколошки практики. Денес, овој подигнат демонстративен насад не само што претставува центар за практична едукација на еколошко производство туку претставува и пример за дополнителна економска придобивка на земјоделското училиште кое секоја година заради се поголемиот принос и исклучителниот квалитетен род од одгледуваните јаболкови сорти кои се атрактивни на Европскиот пазар имаат позитивна економска добивка и загарантирана одржливост на целокупната инвестиција.
КлиматскиПромениМК: Какво е вашето целокупно искуство за спроведувањето на една ваква обемна иницијатива која засега многубројни аспекти во еден цел географски регион? Кои се клучните лекции коишто можете да ги споделите, особено од аспект на потребата за локална соработка, планирање и обезбедување на самоодржливост на процесите и можности за репликација на наученото?
Здравевски: Воспоставувањето на механизми за целосна вклученост на локалните чинители во сите фази на еден ваков проект (од планирање до имплементација), ефикасна институционална координираност помеѓу релевантните институции од централно па се до локално ниво и дизајнирање и спроведување на практични мерки кои ќе ја придобијат довербата на чинителите врз основа на конкретните успешни резултати претствуваат основа за успешно спроведување на еден ваков проект но и основа за каков пристап треба да се превземе во спроведувањето на голем дел на обврски кои треба да се имплеменитраат било да се од област на заштита на водните ресурси, деградација на земјиштето, причинителите на климатските промени итн.
Постоење на соодветна институционална поставеност со соодветен капацитет на технички и човечки ресурси што во случајов претставуваше институционалната реорганизација и надградба на Општина Ресен, проследена со изработка на соодветни стратешки развојни документи и легислатива што во случајов претставуваше изработката на планот за управување со сливот на Преспанско Езеро и националната уредба за дефинирање на условите за работа на Советите за управување со сливови-во конкретниов случај сливот на Преспанско Езеро, па се до спроведување на конкретни-показни пилот активности што во случајов претставуваат пример: опитното поле, обучените земјоделци, воспоставената мониторинг станица, реставрираните блатни екосистеми со позитивните резултати, итн. се основните сегменти на интегрираниот-холистички пристап на заштита, искористување и унапредување на животната средина, и истовремено интегрирана алатка против климатските промени.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}