Идејата е кога зборуваме за зелена економија дека ние всушност мислиме на иднината како одржлива инвестиција. Кога говориме за зелената економија можеби треба да ја промениме терминологијата за неа. Да ја наречеме поефикасна инвестиција
Насер Нуредини, министерот за животна средина и просторно планирање, порачува дека потребно е сите заедно да работат, како институциите, министерствата, општините, така и граѓанскиот сектор и младите за поголем успех во справување со последиците од климатските промени. Според Нуредини клучно е да се размислува за следните десет години врз принципите на одржлив развој со зелени и цврсти инвестиции кои ќе го подобрат нашето живеење. Преговорите за членство во Европската Унија со поглавјето 27 за животната средина ќе биде вистински предизвик, но и ќе донесе многу можности, па затоа потребно е да се вклучат сите капацитети. Нуредини е задоволен од учеството и одѕивот на младите во кампањата „Климата се менува, зошто не и ти“ и смета дека кога децата и младите погласно и почесто разговараат за климатските промени и нашите постапки, тогаш и родителите ќе имаат поголема морална и емотивна обврска да делуваат.
Разговараше: Христијан Станоевиќ, ЕПИ ЦЕНТАР
КлиматскиПромениМК: Се направија напори за поттикнување и зголемување на бројот на климатски акции. Што треба понатаму да преземеме за да ги исполниме меѓународните обврски на РСМ за исполнување на целите поврзани со климатски промени?
Нуредини: Веќе работиме на следните чекори, работевме на нив во изминатите неколку години. Клучниот прогрес кој го направивме во нашата институција, во нашата земја е фактот дека имаме Долгорочна Стратегија за климатски промени која се привршува додека ние разговараме. Имаме Закон за климатски промени исто така, кој се хармонизира со сите институции бидејќи овој закон ќе ги опфати сите засегнати страни во нашата држава. Ние исто така сме и амбициозни. Ги ревидиравме таргетите на националниот придонес кон Парискиот договор. Всушност, ние целиме кон намалување на јаглеродните емисии во нашата земја. Ние успеавме и да идентификуваме од каде се повеќето извори на загадувањето, исто така. Тие се должат пред се на производството на енергија. Тоа е меѓу топ приоритетите кои треба да бидат адресирани во земјата и веќе имаме креирано долгорочна Стратегија за енергетика. Еден од клучните чекори кои треба да ги преземеме ако сакаме да бидеме успешни, е да ги вклучиме сите институции. Бидејќи ние сме креатори на политики како институција но, истовремено треба да ги вклучиме Министерството за транспорт, Министерството за здравство, Министерството за образование со други зборови потребно е сите да работиме заедно за да имаме успех на долг рок.
КлиматскиПромениМК: Во текот на кампањата забележавме голем одѕив од младите луѓе, пристигнаа над 30 постери со пораки за климатска акција. Како да се канализира ентузијазмот на младите и подготвеноста на граѓанскиот сектор за подигнување на свеста за климатските промени, вклученост во процесот на носење на одлуки и овозможување на поголем број на климатски акции?
Нуредини: Мислам дека е многу позитивно кога ќе видите дека младите одбираат да бидат вклучени дека се свесни и дека ја согледуваат клучната тема на нашата генерација во моментов. Многу е важно младината да биде гласна, нема сомнежи околу тоа. Јас би рекол дека и самиот сум дел од групата на млади и се трудам да бидам гласен. Глобално, младината го крева гласот гледаме различни настани, активности од секаков вид. Исто така многу е важно младината да ја пренесе правилно пораката и до сите останати, како и до повозрасните генерации. Тоа не значи дека повозрасните генерации не се свесни. Треба да знаеме како да ја пренесеме пораката соодветно. И не е само младината. Треба да започнеме од основата од нашите деца, од учениците, од нашиот образовен систем. Бидејќи ако едно дете, моето дете дојде дома и ми кажува за климатските промени, за природата, за ефектите кои ние ги предизвикуваме како поединци на нашата природа, нешто што нашите деца ќе го наследат утре, јас како родител ќе почувствувам морална и емотивна обврска да делувам. Ако почнеме од коренот, а тоа се учениците, образовниот систем, младите кои се многу свесни всушност да направиме сите да бидат свесни но, и не само да бидат свесни дека климатските промени се случуваат, туку што треба да се направи за да се минимизираат ефектите.
КлиматскиПромениМК: Уште на почетокот на мандатот најавивте дека ќе бидете отворен за соработка со општините. Како се одвива оваа комуникација, што треба да се сработи за намалување на последиците од климатските промени?
Нуредини: Мислам дека невладиниот сектор, граѓанските организации, младите, треба да бидат вклучени. Секој од нас треба да биде вклучен. Јас како граѓанин треба да бидам вклучен. Сите поединечно треба да сме ангажирани во процесот. Треба да размислуваме дали имаме доволно велосипедски патеки во нашата земја, во нашите градови. Дали имаме доволен јавен превоз, дали имаме соодветен зелен превоз, зелена енергија? Што правиме со нашиот отпад? За овие прашања сите треба да се ангажираме, затоа секој треба да се изјасни. Треба да бидеме и рационални исто така но, и да бидеме реалистични за нашите цели. Некогаш не може да направиме споредба помеѓу нашиот статус денес и други земји кои веќе го поминале процесот. Треба да размислуваме како да стигнеме до таму. Би сакал да имаме ист стандард како некои западни земји но, за ова е потребно време, потребен е труд од сите засегнати страни, сите институционални чинители, локалните самоуправи и од нас како граѓани.
КлиматскиПромениМК: Анкетата за испитување на јавната свест укажува дека преку 90% од испитаниците се свесни за опасностите од климатските промени. Сметате ли дека треба да се оди чекор понапред преку воведување на нови програми во образованието и научно-истражувачки активности како извор на податоци и едукација за климатските промени?
Нуредини: Мислам дека 90% е многу оптимистичен број да бидам искрен со вас. Дали сме свесни за проблемот е едно, но, дали разбираме што значи е друго. Мислам дека треба да работиме понапорно за луѓето да не бидат само свесни за климатските промени, туку и да бидат свесни и за тоа какви ќе бидат последиците од климатските промени. Да, мнозинството знае, ќе речат сме слушнале за климатските промени. Прашањето кое треба да го поставиме е какви ќе бидат последиците од климатските промени врз нашиот секојдневен живот. Да, истражувањата ги следиме, но за жал не гледам многу програми за студентите да ги изучуваат проблемите во животната средина и климатските промени. Имаме одредени програми кои одат во одредена насока но, немаат поголем фокус како студии за животна средина и климатски промени. Разговарав со моите колеги со Министерот за образование, зборував и со претставници на академската фела. Тие имаат желба, сакаат но, се уште не го иницирале процесот. Бидејќи не е само до тоа луѓето да бидат свесни и не е доволно само да разговараат и да го разбираат прашањето. Не можеме да очекуваме дека меѓународни експерти ќе дојдат и сè ќе нè научат. Ни треба некој што ќе го спроведе тоа утре, ни требаат наши, локални експерти да го имплементираат тоа за кое сега разговараме.
КлиматскиПромениМК: Ни претстои започнување на преговорите за членство во ЕУ, а едно од најтешките поглавја ќе биде за животната средина. Каков институционален капацитет ќе биде потребен и кои се најголемите предизвици кои ќе мора да ги надминеме?
Нуредини: Поглавјето 27 најверојатно е едно од најголемите ако не и второ по големина од сите поглавја во преговорите со ЕУ. Да не гледаме како на тешкотија, туку да гледаме како на предизвик. Ќе се соочиме со многу предизвици на кои ќе одговориме. Каде ги гледам неопходните подобрувања, каде може да се подобриме? Треба да обезбедиме повеќе експерти внатре во нашите институции. Имаме одлични луѓе во институциите но, потребни ни се повеќе експерти во областа на животната средина како што зборувавме претходно и ова ќе чини многу пари, но ќе добиеме голема поддршка од Европската Унија. Имаме одредени буџетски ограничувања во нашата земја и за тоа треба да бидеме реални, растеме економски но, имаме одредени рестрикции. Во поглед на законите ќе работиме на нив. Транспонирањето на ЕУ директивите? Работиме и на нив многу напорно и веќе се усогласуваме. Во исто време не се во прашање само Законите, како што кажав претходно туку и инфраструктурата, зборувам за чист воздух, зборувам за управувањето со отпадот. За нив е потребна посветеност, политичка волја за промени и потребни ни се цврсти инвестиции. Особено, сега во време на КОВИД-19. За жал ќе имаме загуби во економијата во иднина, неизбежно е дека тоа ќе се случи како и насекаде во светот. Треба да размислуваме за капиталните инвестиции во иднина. Треба да мислиме на инвестиции во инфраструктурата било да се во однос на водата за пиење, пречистителни станици за отпадните води, енергетска ефикасност, јавен превоз и многу други. Ќе ги наречеме зелени инвестиции, кои се всушност инфраструктурни инвестиции, но, се одржливи на долг рок и тие ќе креираат работни места. Така што, преку поглавјето 27 не се соочуваме само со предизвици туку имаме и можности со кои ќе го подобриме стандардот на живеење. Постојат три столбови кои треба да ги погледнеме. Тоа се здравствениот систем, образовниот систем, и инфраструктурата и животната средина. Ако може да ги поправиме овие три столбови во нашата земја тогаш нема да разговараме за млади кои се иселуваат и бараат други можности. Овие стандарди ќе ги имаме кај нас, но ова се столбовите на кои мора да се фокусираме.
КлиматскиПромениМК: Министерството со кое раководите подготви голема промена на регулативата за постапување и управување со отпад, заштита на природата, водите и воздухот. Кои се главните подобрувања кои ќе бидат опфатени со овие законски измени?
Нуредини: За почист воздух предложивме до Владата предлог измени на законот кои беа усвоени и беа доставени во Собранието но, за жал Парламентот не стигна да ги процесира на време бидејќи се распушти. Потоа за жал се соочивме и со оваа ситуација на пандемија со КОВИД-19. Законот треба да им даде поголеми обврски на локалните самоуправи. Не само препораки кои беа доста меки на почетокот, овие мерки се построги. Ќе треба да преземат акции. Ако има одредени зголемувања на загадувањето на воздухот ќе треба да преземат конкретни чекори. Дали е тоа со транспортот, дали е индустријата, можеби загревањето. Ги знаеме изворите. Некои од нив не може да ги сопреме, но може подобро да ги контролираме. Но, затоа треба општините да делуваат. Не само да применат благи рестрикции, туку некогаш во корист на здравјето на граѓаните да воведат построги мерки. За законите за отпад имаме вкупно шест нови закони за управување со отпад. Дел од нив се целосно нови, се фокусираат на отпадни масла, текстил, половни автомобили, употребувани гуми. Ова се нови закони на кои работиме, ги изготвивме и подготвени сме штом се состави Собранието да ги поднесеме до Владата и потоа пред парламентарците. Не е само до мене, мојот мандат завршува но, за кој и да дојде после мене да ја продолжи оваа добра работа на службите кои досега работеа.
КлиматскиПромениМК: Вашето искуство од банкарството е поврзано и со зелените финансии. Возможен ли е развој на зелената економија во РСМ, раст базиран на намалени емисии на јаглероден диоксид и енергетска трансформација?
Нуредини: Апсолутно. Од некоја причина кога луѓето ќе помислат на зелената економија, сите мислат на додадени трошоци. Кога говориме за зелената економија можеби треба да ја промениме терминологијата за неа. Да ја наречеме поефикасна инвестиција. Кога говориме за енергетска ефикасност тоа се нарекува зелена економија, се трудиме да бидеме „позелени“. Но, енергетска ефикасност значи дека компанијата или домаќинството ќе користи помалку енергија за да ги задоволи своите потреби. Затоа инвестициите во зелена економија и обновливи извори на енергија ќе донесат придобивки за сопственикот на компанијата, за сопственикот на домот, бидејќи ќе имаат помали трошоци на долг рок. Инвестицијата ќе се исплати и ќе има поврат. Рециклирањето е исто така зелена економија, создава зелени работни места. Возможно е. За жал ова се уште не зазема голем дел од нашата економија. Но, зошто да не би можело? Треба да размислуваме на долг рок. Погледнете го минатото, во изминатите 20-30 години. За жал не размислувавме колку ќе потрошуваме. За среќа нашата економија порасна, нашата куповна моќ порасна индивидуално како граѓани, имаме можност повеќе да консумираме. Тогаш не размислувавме дека денес ќе трошиме повеќе и не го направивме неопходниот развој. Сега треба не само да размислуваме за денес туку и за следните 10 години, како зелена економија. Идејата е кога зборуваме за зелена економија дека ние всушност мислиме на иднината како одржлива инвестиција. За да може да ги реупотребиме националните богатства, да ги реупотребиме суровините кои ги пласираме на пазарот и да создадеме работни места и соодветна индустрија од тоа исто така.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}