Жулиета Ѓуркова: Растат катастрофите врзани за климатските промени, мора да одговориме координирано



Време е земјоделскиот сектор да започне со фаза на модернизирање кој ќе придонесе кон предуслови за заштита на животната средина и подобар економски развој

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион  е еден од осумте Центри во земјата кои се формирани согласно Законот за рамномерен регионален развој. Регионот опфаќа 10 општини, а се простира на територија од 2835 км2, со население од 171 416 жители.

Од своето постоење па се до денес, Центарот се издвојува по големиот број на спроведени проекти наменети за локалниот и регионалниот развој, меѓу кои и значителен број проекти од областа на климатските промени и притисокот врз животната средина. Преку овие активности Центарот како дел од локалната самоуправа зазема главната улога во зајакнувањето на локалната заедница, подобрување на условите за живот, која вклучува штедење на природните ресурси и грижење за средината во која живееме.

За целите на проектите, постигнатите резултати, стекнатото искуство и потребите за градење на локалните капацитети и партнерства, зборуваме со Жулиета Ѓуркова, Раководител на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион од самото формирање на Центарот во 2008 година.

Разговараше: Тамара Тодоровска од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал

КлиматскиПромениМК: Веќе петта година учествувате во спроведувањето на Проектот Вода за сите - Управување со сливот на Река Струмица. До која мера спроведувањето на овој проект ќе овозможи ублажување на заканите и зајакнување на отпорноста на сливот кон климатските промени и дали досега преземените иницијативи имаат потенцијал за нивна поширока примена во регионот?

Ѓуркова: Овој проект игра голема улога во зајакнување на отпорноста на сливот на река Струмица кон климатските промени. Проектот се имплементира веќе подолго време и истиот е дизајниран да опфати поголем број на активности кои се имплементираат постепено, а кои имаат за цел да се намали ризикот од поплави и суши, да се намали загадувањето и да се вратат еколошките функции на водните тела.

Во насока на справување со климатските промени за прв пат во Р. С. Македонија овој проект ја поддржува изработката на низа документи за сливот на река Струмица кои се во согласност со Директивата за води на ЕУ. Следејќи ги ваквите документи, спроведените активности овозможија да се воведе пристап на интегрирано управување со водните ресурси, заменувајќи го досегашниот традиционален пристап.

Директната поддршка на земјоделците долж Сливот во вид на обуки, како и грантови за спроведување на современи агро-еколошки мерки овозможи да се намали загадувањето и да се воведат поодржливи земјоделски практики, пред се со воведување подобри практики за употреба на пестициди и ѓубрива и усвојување на поефикасни практики за наводнување.

Преку спроведување на серија на обуки за вработените во општинската администрација т.е на лицата задолжени за издавање на Б интегрирани дозволи се овозможи зајакнување на примената на принципите на Интегрирана превенција и контрола на загадување. Проектот не само што ќе помогне да се заштити животната средина со намалување на емисиите во воздухот, земјиштето и водата, туку исто така ќе стимулира зголемено рециклирање и повторна употреба на суровини, а исто така ќе промовира употреба на чиста технологија за намалување на загадувањето кај изворите.

Овие се само дел од вкупно реализираните активности во рамките на проектот кој се имплементира со цел да ги подобри условите за живеење на населението во општините кои се наоѓаат покрај Сливот на река Струмица, но и на целокупното население во Југоисточниот регион, бидејќи стекнатото искуство и новите современи практики може  да се применат и во другите општини во регионот кои не спаѓаат во Сливот на река Струмица.


КлиматскиПромениМК: Адаптирањето кон климатските промени често вклучува и примена на современи технологии во секојдневните активности. Проектот за поставување на Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина е токму наменет за воведување на нови одржливи практики во земјоделскиот сектор, кој е главниот економски и социјален двигател во Jугоисточниот регион. Какви ресурси се потребни за примената на споменатите практики, и дали традиционалното земјоделство е подготвено за овие прилагодувања?

Ѓуркова: Адаптирањето кон климатските промени е процес кој бара континуирано спроведување на одредени мерки кои во иднина треба да имаат позитивно влијание за опкружувањето. Земјоделците од нашиот регион се соочуваат со тешкотии кон адаптирање на климатските промени, несознанија и застарени методи при управување со земјоделските култури. Томку целта на овој проект е спроведувањето на нови и одржливи практики во земјоделскиот сектор преку користење на современи технологии т.е Агрометеоролошки станици во процесот на одледување и менаџирање на земјоделското производство прилагодено согласно климатските промени.

Самиот начин на користење на податоците од поставените Агрометеоролошки станици ги наведува земјоделските производители да го менаџираат производствениот процес на современ начин, со користење на мобилен телефон и интернет. Главни ресурси за примена на овие практики се човекот и технологијата. Од една страна земјоделците кои несомнено поседуваат мобилни телефони, со достапност до интернет, од друга страна технологијата која станува се поприфатлива и од страна на постарите генерации. Овој начин на одгледување на земјоделски производи веќе многу оддамна го практикуваат соседните земји.

Мобилната апликација која прикажува детални временски параметри , изработена во рамките на проектот, во моментот ја користат 2300 лица од нашиот регион што за почеток укажува дека традиционалното земјоделство ја прифаќа можноста за користење на технологијата како личен водич за управување со земјоделството и животната средина.

Секако, за почеток потребни се дополнителни  човечки ресурси кои ќе помогнат во процесот на читање на податоци кои се мерат преку Агрометеоролошките станици за коешто во рамките на проектот обучивме 15 лица од сите општини од регионот кои ќе овозможуваат поддршка на оние лица кои не се во можност да ги читаат податоците.

Степенот и динамиката на притисокот врз екологијата на земјоделското стопанство може да се остварува, ако се користат показателите за начинот на користење на земјата, вид и број на животни на единица земјоделска површина, интензивност во користење на водата, количини и биланс на хемиски ѓубриња, производство и добивки од земјоделските култури, интензивност на користење на тешка механизација, вид и обем на отпадоци од земјоделството. Доколку се следат податоците кои се добиваат од станиците, земјоделците ќе можат полесно да ги одредуваат роковите и порциите на наводнување, примената на агротехнички мерки во екстремни климатски услови.

Најважно од се е тоа што овој проект е одржлив како во однос на технологијата така и во однос на човечките ресурси затоа што може да биде надоградуван и подобрен во следни фази.

Проектот поттикна длабоки дискусии во однос на можностите кои се веќе достапни со поставувањето на станиците и нивното идно користење во земјоделството. Крајниот заклучок од имплементацијата на проектот е дека несознанието на земјоделците не се должи толку на недостигот на финансиски средства колку што се должи на недостигот на токму ваков начин на управување кое ќе овозможи услови за брзо и самостојно толкување на временските услови и параметри кои укажуваат на можни болести врз културите.

Време е земјоделскиот сектор да започне со фаза на модернизирање кој ќе придонесе кон предуслови за заштита на животната средина и подобар економски развој.


КлиматскиПромениМК: Преку градење партнерства за прекугранична соработка, спроведовте и проект за Ефикасно користење на сончевата енергија за подобра иднина. На каков начин се спроведе соработката помеѓу двете земји и какви резултати се постигнаа од аспект на  унапредување на обновливите извори на енергија, ублажувањето на загадувањето на средината и едукацијата на младите? 

Ѓуркова: Се работи за проектот „Ефикасно користење на соларната енергија за подобра иднина“, кој се имплементираше преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу со Р. Бугарија. Во рамките на проектот две училишта, едно од нашиот регион и едно училиште од Р. Бугарија, станаа енергетско-ефикасни и користат обновливи извори на енергија, според еколошките стандарди на ЕУ за енергетска ефикасност/ користење на соларни панели.

Во нашиот регион, премостување од електрична на соларна енергија се изврши на училиштето „Сандо Масев“, Струмица со што ова училиште стана едно од првите училишта со можност за користење на алтернативни извори на енергија во Југоисточниот регион. Сето тоа предизвика позитивни критики од страна на институциите и граѓаните и секако мотивација за општинските тела во прекуграничниот регион да земат пример и да инвестираат во нови еколошки погони, со што ќе се промовира користењето на обновливите енергии.

Фотоволтаичните панели се користат за претворање на сончевата во електрична енергија, која ќе се користи за осветлување и за напојување за потребите на училиштето. Струмица како град има голем потенцијал за искористување на сончевата енергија, бидејќи бројот на сончеви часови изнесува повеќе од 240 годишно. Освен овие зафати, претходно беше комплетно заменета покривната конструкција на училиштето, беа монтирани 78 соларни панели за производство на електрична енергија, 2 инвертора за трансформација на електричната енергија, 36 батерии за складирање на произведената енергија, 8 контролери за контрола на батериското полнење, а за време на летниот период беа заменети обичните светилки со 200 лед диоди.

Покрај тоа, самиот тек на имплементацијата на активностите за изработка на предлог програма за намалување на јаглеродниот диоксид во прекуграничните општини Струмица и Петрич, создавањето на мрежа наставници кои работат во оваа област, нивната заедничка работа, доведе до остварување на долготрајни партнерства, разменување на искуства и учење на нови работи во областа на обновливите извори за енергија.


КлиматскиПромениМК: Во соработка којашто ја остварувате со Бугарија, изработивте и Студија за потенцијалот и искористување на обновливите извори на енергија во прекуграничниот регион. Кои се главните наоди и препораки кои произлегуваат од Студијата и каква е реалната можност за нивно практично спроведување?

Ѓуркова: Преку направените анализи во Студијата за обновливи извори на енергија се утврди дека сите десет општини во Југоисточниот регион располагаат со енергетски потенцијали од обновливите извори на енергија, во различен обем и за секој обновлив извор на енергија се претставени можните технологии за нивно искористување.

Овој документ е доста значаен бидејќи содржи препораки за надминување на потенцијалните бариери за искористување на обновливите извори на енергија, ги содржи и главните чекори за усвојување и имплементација на проекти од оваа област, како и информации за потребните документи и начинот на нивно издавање. Со ова до голема мера е олеснета имплементацијата на проекти од областа на обновливите извори на енергија со поефикасно зачувување на животната средина.

Главно препораките содржани во оваа Студија се однесуваат на обезбедување на субвенции од страна на општините се со цел да се привлечат инвестиции во овој сектор, намалување на комуналните такси за изградба на капацитет за производство на енергија од обновливи извори, соработка на општините со граѓанскиот сектор и користење на одредени финансиски средства кои граѓанскиот сектор ги добива од страна на одредени институции, изработка на планови и на стратегии за полесен пристап до фондовите на ЕУ, како и зголемување на соработката на регионално ниво, со цел полесно општините да станат дел од разни мрежи на соработка во областа на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност и да се црпат искуства преку трансфер на знаење и добри практики.

Ваквите препораки се реални и постои можност за нивно спроведување. Преку најразлични активности во овој домен Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, како и општините од Југоисточниот плански регион се движат во насока на спроведување на голем дел од препораките дадени во оваа Студија се со цел да се искористат потенцијалите што ги има секоја општина и да се овозможи зачувување на животната средина.


КлиматскиПромениМК: Најновиот проект на којшто почнавте да работите од оваа област се однесува на Заедничките мерки за спречување и намалување на последиците од катастрофи во општините Сандански и Радовиш. Конкретно, на каков начин планирате да ги намалите негативните последици од поплавите и дали покрај реконструктивните активности проектот предвидува и иницијативи за градењето на капацитетите на локалното население?

Ѓуркова: Доколку направиме еден осврт на природни катастрофи ќе забележиме дека поплавите се најчести и најголеми природни катастрофи што ја погодуваат Р. Северна Македонија и земјите во регионот. Во последните 20 години катастрофите врзани за климатските промени растат, не познаваат граници и затоа е потребен координиран одговор и силна прекуграничната соработка.

Во декември 2008 година општина Радовиш ја зафати силна бура, при што се излеа р. Сушица оставајќи насекаде пустош. Сите ние сме сведоци на поплавените домови, однесениот мост на река Сушица и загубениот човечки живот, од каде што произлезе и идејата за еден ваков проект се со цел да не се повтори и да нема вакви несакани катастрофи и во иднина.

Во рамките на проектот со цел за спречување и намалување на негативните последици од поплави, веќе се започна со реализација на инфраструктурни активности во општина  Радовиш со уредување на дел од коритото на река Сушица во должина од 624 метри, со чистење на коритото, поставување на каскадни прагови, кејски ѕид, уредување на дното на коритото, градење скали на кејскиот ѕид и рампи кои значително ќе го намалат ризикот од поплави во општина Радовиш, а исто така кон намалување на негативните последици од поплавите ќе придонесе и самото пошумување и позеленување околу коритото што истовремено обезбедува и дополнителни бенифиции за складирање на јаглерод, намалување на бучавата и биодиверзитетот. Тука исто може да се спомене и заедничката „Збирка за добри практики за борба против последиците од климатски промени во заедниците“ која ќе биде изготвена во рамки на проектот и ќе се дистрибуира во Р. Бугарија и Р.С. Македонија.

Проектот исто така предвидува и инцијативи за градењето на капацитетите на локалното население преку организирање на Тркалезна маса – Дискусија за ублажување на последиците од климатски промени преку размена на практики, искуства и знаења за различни мерки за ублажување на последиците од климатски промени во Бугарија и Севрна Македонија. Исто така се предвидени и отворени работилници за климатски промени и зелени активности преку кои ќе се зголеми свеста кај младите за последиците од климатските промени и слични ризици како ерозија, поплави, бури, суши и слично.

КлиматскиПромениМК: Потребата за спроведување на овие проекти е повеќе од очигледна. Меѓутоа, од вашето досегашно искуство, каква е улогата на внатрешните капацитети на локалната самоуправа во процесот на мобилизирање средства, зајакнувањето на локалната заедница и остварувањето соработка со локалните и регионалните партнери?

Ѓуркова: На општините често им недостасуваат документации, истражувања, студии, како и финансиски средства за да ги исполнат законските барања и да ги преземат потребните дејствија во насока на спроведување на проекти насочени кон заштита на животната средина.

Од своето постоење па се до денес Центарот за развој на ЈИПР постојано балансира помеѓу општините кои спаѓаат во Југоисточниот регион, преку идентификување на проекти од регионално значење до оптимално искористување на инвестициите од општините за добивање на максимален заеднички бенефит. Искуството кое го има Центарот во имлементација на најразлични проекти, како и постојаната соработка со сите општини и различни институции на локално и регионално ниво, овозможува да се подобрат капацитетите на локалната самоуправа и овозможува поголема вклученост на сите засегнати страни во сите активности насочени кон намалување на влијанијата од климатските промени.

КлиматскиПромениМК: На какви предуслови треба да се работи за да може да се смета на одржливост на овие процеси?

Ѓуркова: Да се работи одржливo значи постојано да се планираат стратегии за добивање на финансиски ресурси од донатори и да се идентификуваат човечки капацитети кои ќе придонесат кон остварување на мисијата на Центарот, а тоа е одржливиот развој преку оптималното искористување на ресурсите, креирање на функционални  институции за пристап до услуги, инвестиции, иновативност и конкурентност.

{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close