Во текот на изминатите неколку недели, Министерството за животна средина и просторно планирање и УНДП беа многу активни во областа на климатските промени преку презентирање на многу извештаи, анализи, проценки, заклучоци и препораки на бројни вебинари. „Кога обуката е (и не е) решение - Проценка на капацитетите и потребите за обука за транспарентност во климатските промени“ беше едно од многуте интересни вебинари од серијата на овие вебинари. Проценката на тековната состојба и кои се потребите за градење на капацитети и обука во релевантните институции поврзани со транспарентноста во климатските промени, се неколку од прашањата презентирани од страна на г-ѓа Сузан Легро (главен технички советник во CBIT проектот во земјава) на вебинарот кој се одржа на 13.05.2002 година.
Оваа проценка беше спроведена преку анализирање на неколку релевантни извештаи, како и темелна анализа на одговорите од анкетите испратени до номинираните членови на Националната мрежа на практичари за климатски промени (NNCCP) од релевантните институции. Резултатите од проценката значат дека потребите за градење капацитети на релевантните институции се разновидни. Важно е да се комуницира дека некои од овие потреби најдобро се решаваат на организациско или институционално ниво и не можат да се решаваат преку зајакнување или обука на индивидуалните капацитети. Во случаите кога обуката и зајакнувањето на капацитетите се соодветни решенија, важно е да се признаваат различните типови содржини што ќе бидат потребни за решавање на проблемите.
Г-ѓа Легро, исто така, ги презентираше препораките на оваа проценка и 2-годишниот Нацрт план за обука за да иницира дискусија за тоа како да се распределат ресурсите за обука и да се вклучат обуките и зајакнувањето на капацитетите во годишните работни програми на CBIT проектот. Овој нацрт план ги опфаќа предложените временски рамки, целната група, содржината, целта и давателот на разни обуки и мерки за зајакнување на капацитетите во рамките на проектот.
Презентацијата беше проследена со интересна дискусија на скоро 30 учесници на овој вебинар (65% жени, 35% мажи). Тие дискутираа за резултатите и препораките на извештајот за проценка, усогласувањето на образованието и обуките за градење на капацитетите, решенијата за промените на вработените во јавните институции, можноста за законски обврзувачки обуки и пренесување на знаења за јавните службеници со цел да се постави одржлива структура во оваа област.
Вебинарот се одржа како дел од „Иницијативата за градење на капацитети за транспарентност во климатските промени“ (CBIT проектот) која ја спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање со техничка и финансиска поддршка на УНДП и ГЕФ.
Видеото можете да го погледнете овде.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}