Главните последици од климатските промени поврзани со водните ресурси се зголемување на температурата, промените во врнежите од дожд и снежните покривки како и зголемување на зачестеноста на појавата на суши и поплави. Тоа ќе доведе до загадување на подземните извори кои се користат за водоснабдување на населението но и намалување на нивниот капацитет, вели Крстевска во интервјуто за klimatskipromeni.mk
Во низата интервјуа со млади климатски активисти, денеска зборуваме со Евгенија Крстевска од Прилеп. Планинарка, адвокатка и докторанд на меѓународни односи и менаџирање на конфликти при Филозофскиот факултет во Скопје. Љубител на природата и авантурист во душата. Дел од група на млади ентузијасти Water4changes и Глобал Шејперс Хаб Скопје. Зборува за важноста на водата како основно човеково право, последиците од климатските промени поврзани со водните ресурси и иницијативите што се спроведуваа за едукација на населението на овие теми.
Разговараше: Тамара Тодоровска од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал
Климатскипромени.мк: Вода за промени, звучи инспиративно. Можеш ли да ни објасниш подетално за целите на овој проект, како започна, што е она што се очекува да произлезе резултат? Какви активности спроведувате за да поттикнете преземање на климатски акции?
Крстевска: Како што спомнав, јас доаѓам од Прилеп. Додека растев, овој град постојано се соочуваше со проблеми во водоснабдувањето кои и денес знаат да бидат присутни. Поради таа причина, како предмет на истражување на докторскиот труд на кој што работам е правото на вода и санитација како основно човеково право.
Овој проект се залага секој дом во нашата држава да има пристап до чиста и безбедна вода за пиење и санитарни услови. Така се роди идејата за “ Вода за промени” затоа што овој природен ресурс, не само што е неопходен за живот, туку со разумно раководење со истиот може да дојде до обликување и трансформација на секој аспект од општественото живеење.
Адекватниот пристап до вода и санитација значи подобри услови во домовите, добро здравје на граѓаните, соодветни услови во училиштата и на работните места, здрава животна средина и безбедна храна. Доколку државата не го гарантира ова право, доаѓа до повреда на основните човекови права и добротелот на едно општество е загрозен.
Целта на овој проект е пред се едукација на граѓаните за важноста на остварувањето на ова право, но и иницијатива за имплементација на правото на вода и санитација во Уставот како основно човеково право. Тоа би значело дека државата ја гарантира приоритетната употреба на водата за човекова консумација но и санитарните услови и истата активно ќе треба да се залага за остварувањето на ова право. Со ваквата заложба, директно ќе се влијае врз негативните исходи од климатските промени со оглед на тоа што допрва доаѓаат сушни периоди, но и нагли таложења на вода во периоди кога тоа не било појава а се предизвикани од овие промени.
Климатскипромени.мк: Несомнено климатските промени влијаат врз достапноста и квалитетот на вода за пиење. Кои се можните сценарија што се предвидуваат доколку не се преземат навремени мерки за спречување на нерационалното користење на водата? Каква е ситуацијата во нашата држава и што е она што треба да се земе како најголем приоритет во претстојниот период?
Крстевска: Главните последици од климатските промени поврзани со водните ресурси се зголемување на температурата, промените во врнежите од дожд и снежните покривки како и зголемување на зачестеноста на појавата на суши и поплави. Тоа ќе доведе до загадување на подземните извори кои се користат за водоснабдување на населението но и намалување на нивниот капацитет.
Ваквите појави директно влијаат и врз производството на храна и земјоделството. Тоа значи дека поради климатските промени нема да биде повредено само правото на вода и санитација како основно човеково право туку и правото на здравје, храна, образование, адекватен стандард за живот итн. Со оглед на тоа што во нашата држава се користи питка вода, не само за водоснабдување на населението туку и за други намени, доколку не се заштити приоритетната употреба на водата за човекова консумација истито ќе доведе до зголемена конкуренција за вода во периоди на криза.
Еден од главните проблеми во управувањето со водите кај нас е старата инфраструктура која доведува до губење на вода во системот, но и загадување во некои краеви, потоа неадекватен мониторинг и несоодветно третирање на отпадните води кои често завршуваат во површинските води односно во самите реки.
Потребно е и ново истражување на подземните и површинските води и нивно регистрирање, со цел соодветен преглед на вкупно расположливите водни талози. Доколку се направат инвестиции во мрежата за мониторинг на водите во државата, институциите директно ќе влијаат врз намалувањето на ефектите од климатските промени.
Моменталната функционална поставност и недостатокот од финансиски средства и кадар резултираше со недоволен мониторинг врз водостојот на реките и езерата. Потребата од изградба на дополнителни пречистителни станици е голема, со оглед на тоа што моменталниот број на пречистителни станици не го опслужуваат целото население на државата.
Климатскипромени.мк: Досега повеќепати сте спровеле најразлични иницијативи со цел поттикнување и развивање на јавна дебата за заштита на водните ресурси во државата како и остварување на правото на вода и санитација. Во последниот месец сите се прилагодуваме на новонастанатата КОВИД 19 ситуација, па така и вие продолживте со сите планирани настани и дебати кои ги организирате преку веб платформи. Каков е интересот за овие настани, кои се главните заклучоци од дискусиите и дали можеби наскоро се подготвуваат и слични други настани кои треба да ги имаме предвид?
Крстевска: Една од целите на овој проект е едукација на населението за значењето на водата како ресурс, но и едукација за правото на вода и санитација како основно човеково право. Поради моменталната состојба целосно моравме да го промениме начинот на работа, со тоа што дел од планираните активности исто како и во повеќето проекти, мораше да се одржат со помош на виртуелни алатки.
Па така, во изминатиот период се фокусиравме на едукацијата, и одржавме виртуелна јавна дискусија во соработка со Новинари за човекови права, за правото на вода и санитација во нашата држава и нивната улога во зачувувањето на јавното здравје при пандемијата предизвикана од COVID-19. Втората реализирана активност беше младинска виртуелна работилница каде најмладите проследија предавања од областа на екологијата и биологијата, здравствениот аспект на правото на вода и правниот аспект.
Потоа во соработка со Fridays For Future Skopje бевме дел од нивните „Разговори за иднината” и секако последниот и за нас доста битен глобален настан кој се одржа на 15ти април, на кој во соработка со хабовите од Индија, Нигерија, Шведска и Македонија како и Circle of Blue project каде говорниците зборуваа за проектите кои ги спроведуваат и предизвиците со кои се соочени во овој период. На огромно задоволство, дел од овај настан беше и Alex Mung, Head of Water and Environmental resilience во Светскиот економски форум.
Со оглед на тоа што кај нас граѓаните се неедуцирани во поглед на заштитата на животната средина, можам да кажам дека на некој начин успеавме пред се да поткренеме јавна дискусија за овие прашања, а во исто време да влијаеме едукативно врз различни генерации на луѓе. Следните активности ќе бидат насочени кон поткренување на иницијатива за имплементација на правото на вода и санитација во Уставот. Меѓутоа тука не застанува нашата работа, спремни да се носиме со следните предизвици и барање фондови за финансирање на следните наши активности со тоа што препорачувам доколку читателите се препознаат со целта на овој проект, можат слободно да не исконтактираат на water4changes.org. Засебна активност е и нашиот предизвик #СадиДома кој има за цел поттикнување на граѓаните да засадат и одгледуваат храна во своите домови, особено додека трае овој незивесен период.
Климатскипромени.мк: Вашиот проект нуди можност за инволвирање на сите заинтересирани страни кои сакаат да станат дел од Water4changes заедницата. Едната можност е преку волонтирање, а отворена е и можноста за донирање. Се зголемува ли свесноста за ангажирање на граѓаните во решавање на климатските предизвици и кои аспекти е потребно да се подобрат за овие акции да имаат засилен ефект?
Крстевска: Исто како и поголемиот дел од проектите кои се на почетна фаза од реализација на своите активности, така и ние се соочуваме со предизвикот за обезбедување доволно финансиски средства. Тоа покажува дека кај нас донаторите сеуште не се свесни за нивната улога во заштитата на животната средина. Од друга страна, доста позитивна промена е тоа што со овој проект се дебатира на темата право на вода и санитација и како истото да се заштити под услови на климатски промени. За овие активности да имаат ефект, пред се мора да тргнеме од личната свесност за проблемот и како ние ја третираме водата во нашите домови, секогаш имајќи на ум дека има групи на луѓе во нашата држава кои воошто немаат пристап до чиста и безбедна вода и санитација. Исто така, потребно е од дебата и едукација да се премине во акција. Тоа би значело работа со ранливите групи на луѓе кои немаат пристап до чиста и безбедна вода за пиење, училиштата, работодавачите, но пред се со надлежните институции
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}