На 8.04 и 9.04.2020 г. се одржа серијата вебинари за презентација на извештаите за проекции за климатски промени и климатски екстреми до 2100г. Проекциите се однесуваат за територијата на целата држава и поединечно за трите региони: Струмичкиот, Полошкиот и Скопскиот регион. Вебинарите беа проследени од 30 до 50 учесници од кои приближно 40% беа мажи, а 60% жени. Извештаите се изработени во рамките на проектот за подготовка на Третиот Двогодишен извештај за климатски промени, кој Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) го спроведува со техничка и финансиска поддршка од УНДП и ГЕФ.
Проектниот коодринатор, Павлина Здравева, го воведе семинарот со резултатите од анкетата спроведена од МЖСПП во однос на перцепцијата на јавноста за климатските промени, која покажува дека граѓаните најмногу ги забележуваат климатските промени преку климатските екстреми, односно преку разликата на температура, топлотни бранови/студени бранови и преку промените во годишните времиња.
Оттука, авторот на извештаите, д-р Владимир Џурџевиќ, вонреден професор на одделот по метеорологија на Факултетот по Физика, на Белградскиот универзитет со бројно национално и меѓународно искуство во проекти финансирани од Хоризон 2020, ЕУ-ФП, ИПА, ИОК - УНЕСКО и ГЕФ поврзани со клима и климатски промени, го даде своето излагање од изработените проекции за темата.
Тој посочи дека проекциите се правени по три сценарија, опфаќајќи неколку модели, кои ги покажуваат промените во климата и климатските екстреми до 2100 г. Методологијата на работа е таква да ги зема предвид емисиите на стакленички гасови и нивното влијание врз климатските промени. Едното сценарио ги покажува проекциите во случај кога државата ќе имплементира меѓународно препорачани мерки и политики, со што нивото на стакленички гасови ќе остане многу ниско, другото сценарио креира проекции со средна емисија на стакленички гасови и третото, и најнеповолно, прави проекции со високо ниво на емисија на стакленички гасови.
Овие сценарија покажуваат дека температура во нашата држава до крајот на овој век ќе се покачи до 1,5 степени целзиусови при најниска емисија на стакленички гасови, или до 2,5 при средна и 5 степени целзиусови при висока.
Со промена на температурата, ќе се променат и годишните времиња, при што се очекувани подолги лета, за што најмногу ќе претрпи стрес земјоделството, а исто така се проектира и зголемена количина на врнежи и нивна несоодветна распределба, со што ќе се зголеми ризикот за поплави и можноста за справување со истите.
Карактеристично сознание од овие проекции е дека се очекувани зголемен број на тропски ноќи, што означуваат ноќи во летниот период кога температурата во ноќта не паѓа под 20 степени целзиусови, кои имаат значајно влијание врз човекот, предизвикувајќи влошување на здравствената состојба и нормалното функционирање.
Специфично за регионот Струмица, истите се очекуваат да пораснат и до 50 денови во текот на летната сезона. Во овој регион исто така е проектирано зголемување на сушните денови, и до 10 денови во низа, што може да има значително негативно влијание врз земјоделието. Како би се избегнале неочекувани штети, др. Џурџевиќ препорача градење на акумулации, за ефикасна употреба на водните ресурси.
Забележителна промена до 2100 година, Полошкиот регион, според најнеповолното сценарио би претпрел со зголемување на бројот на летни денови и до плус 65 од референтните, што значи два месеци повеќе лето.
Додека, пак за Скопје, загрижувачка проекција е таа дека во најнеповолното сценарио, бројот на мразни денови може да се намали и за 60, што значи дека речиси и ќе нема зима.
Главните заклучоци од овие вебинари беа дека неизбежно ни е потребна примена на строги мерки за намалување на ефектите од климатските промени и намалувањето на емисиите на стакленички гасови, како не би дошло до ситуации на зголемени услови за суша и поплава, екстремно зголемување на бројот на топли денови и намалување на ладните денови.
Вебинарите можете да ги проследите на следните линкови:
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}