Деребанов: Во последните 10 години имавме сезони кога губевме и 50% од земјоделското производство, климатските промени се видливи



Последиците од климатските промени се видливи и може само да се направат прилагодувања на условите. Неопходна е водата за сите култури за да преживеат но, со подобар менаџмент и зголемена свесност може да се заштеди и до 75% од водата во растителното земјоделско производство

Климатските промени во Северна Македонија имаат големо влијание врз земјоделското производство, а последиците се видливи во последните десетина години. Никола Деребанов, генералниот директор на „Перминдекс“ истакнува дека климатските услови се многу променети, има дождови и суши во календарски периоди кои се непредвидливи, производството се намалува, па затоа мора да се преземат мерки за подобар менаџмент, зголемена свест, подобро управување со водните ресурси и намалување на нерационалното трошење на водата. Со Деребанов направивме интервју за предизвиците со кои се соочува земјоделството, како и тоа кои мерки ги преземаат за спречување на климатските промени и справување со последиците.

КлиматскиПромени: „Перминдекс" располага со разновидно портфолио производи: вино, сирење, кашкавал, земјоделски производи – овошје, зеленчук, житни култури. Долгогодишното искуство ви дава можност да се навратите наназад и да направите споредба на климатските услови низ годините. Па какво е вашето видување на климатските услови и колку тоа влијае врз приносот и квалитетот на вашето производство?

Деребанов: Климатските услови во овие 10 години се доста променети, тоа го зборувам од наше лично искуство, но истото мислење генерално се повторува и во дискусии со колеги со 30-40 годишно работно искуство во земјоделскиот сектор. Сите сме сведоци на тоа дека климата во оваа последна декада станува сѐ понепредвидлива, и е надвор од оние нормални услови на производство доколку споредиме со претходните декади. Во пракса тоа значи дека ние имаме екстремни климатски промени во различни периоди на вегетацијата на растенијата. Тоа значи дека се јавуваат нови дождливи периоди кои претходно не постоеле во тој календарски период, како и суши во периоди кога треба да имаме влага. Истовремено, се соочуваме и со ниски температури кои дополнително предизвикуваат големи штети во производството. Значи генерално се случуваат промени, во период во којшто не е типично да се јавуват.

КлиматскиПромени: Според вашето досегашно искуство, колку климатските промени и производните услови влијаат врз изборот на културата, сорта и агротехничките мерки кои ги применувате со цел прилагодување кон условите на производство, кои стануваат поваријабилни и со почеста појава на климатските екстреми?

Деребанов: Во овој конктекст пред се би се надоврзал и на претходното прашање. Во претходните 10 години имавме неколку клучни години, во коишто изгубивме и до 50% од нашето производство. Дали било тоа поради мраз, суша или некоја комбинација од овие услови, зависи од конкретната годината кога се случило. Сепак, тоа што е заедничко за сите овие години е дека загубите биле поврзани токму со климатските промени. Кај дел од овие предизвици може да се влијае со изборот на семиња и воведување нови поотпорни сорти, но тоа претставува само еден минимален сегмент од целото производство, само еден мал дел од ова прашање кое ни одблизу не ни ги решава сите проблеми. Најважно е да се влијае на производните услови. На пример, за да успееме да се справиме со појавите од мраз, мора да поставиме добри системи за одгледување уште во почетокот при подигнувањето на насадот. Поради тоа што ние работиме на веќе поставени повеќегодишни насади, ние не можеме никако да влијаеме на новонастанатите услови со појава на мразот во постоечките овоштарници. Сме пробале да примениме некои методи со палење оган во близина на региони кои биле зафатени со мраз, но искуството вели дека со вакви методи не се постигнуваат значителни резултати. Од друга страна постои технологија што овозожува заштита од мраз на професионални насади, но финансиски не може секој да си ја дозволи. Единствен начин да се овозможи соодветна рационална заштита, е да се инвестира во нови насади каде во самиот начин на одгледување ќе се предвиди заштита на овоштарникот од појава на мраз со употреба на современи технологии и агротехнички мерки. 

Што се однесува до сушата, тука имаме огромни проблеми со функционирањето на водостопанството. Системите за наводнување со коишто расолага државата се доста запуштени, не се инвестира во нив и не се менаџираат добро. Токму од овие причини се проценува дека нивото на користење на овие системи е приближно 20% од капацитетите на тие системи коишто сме ги имале од времето на Југославија. Со овие климатски промени кои ни се случуваат, ние треба да градиме системи со поголеми капацитети од тие што сме ги имале, а не да ги намалуваме и оние постојните со коишто во моментот располагаме.

Не постои земјоделска култура што ќе преживее без вода. За кој било современ хибрид да станува збор, не може да се очекува дека ќе може да се прилагоди на толку екстремни услови без вода. Без стабилен систем за снабдување со вода не може да се очекува успех во кое било производство. Во последните години како резултат на климатските промени сме се соочувале со суши, каде што нема паднато ниту капка дожд во периодот од април до јули, а тоа е погубно во било која вегетативна фаза во производството. Затоа спасот се гледа само во добар систем за наводнување. 

КлиматскиПромени: Дали причината за проблемите со наводнувањето се согледуваат само како недостаток на инвестиции или пак проблем е системот на организирање на самиот процес?

Деребанов: Недостатокот на инвестиции е проблем, но тој недостаток пред сѐ доаѓа од неправилното менаџирање на системот. Ние како компанија досега повеќепати имаме дадено предлози за подобрување на овие практики. Во суштина сметаме дека системот најдобро би се менаџирал доколку надзорот врз работењето на водостопанствата се преземе од страна на водокорисниците, соодветно на нивното учество во системот. Затоа што вака како што се сега поставени работите, овој систем не функционира ефикасно и ова е едно од решенијата со кое ќе обезбедиме план за долгорочно управување и искористување на овој природен ресурс. 

Во секојдневието ние како земјоделски комбинат се соочуваме со проблеми при наводнување и нерационалното користење на водата. Затоа е многу важно овој систем да се контролира, затоа што и најдобриот систем за наводнување нема да функционира на долг рок доколку индивидуалните земјоделци и компаниите коишто го користат системот не се организирани и регулирани. И при тоа, најважно е да не се дозволи било кој да користи повеќе вода од тоа што реално е потребно за производство. За оваа проблематика во моментов не се води сметка и во таа насока и најчесто ги водиме дискусиите коишто ги имаме со Водостопанството. 

Никој нема точен увид колкави количини користи еден индивидуален земјоделец или земјоделско стопанство, од проста причина што во земјоделството за разлика од домаќинството, не се користат водомери кои ќе ни дадат прецизни бројки околу потрошувачката. А тоа не смее да се дозволи. Дури и при користење на систем капка по капка, кој претставува еден од клучните современи методи за наводнување што се користат на глобално ниво, мора да се внимава на протокот на тој систем, на капацитетот на капалките, за да не дојде повторно до нерационално искористување на водата. Затоа потребна е едукација и на оваа тема, со цел да може и практично да се направат овие заштеди во вода преку правилна примена на методите и технологијата за наводнување. Од друга страна со правилното користење на системот капка по капка можат да се направат заштеди во вода и до 75%. Затоа мора паралелно да се работи и на едукација на земјоделците и компаниите за порационално користење на водата, наплаќање за точни количини кои се потрошени, но и подобар увид во тоа како се трошат и инвестираат финансиите на јавните водоводни претпријатија. Во моментов колку што знам само еден водостопански систем има водомери и водата ја наплаќа према потрошувачката и не можам да разберам зошто ова искуство не се примени на останатите системи.

КлиматскиПромени: Од аспект на заштитните мерки во земјоделството доста се зборуваше за појава на нови болести и во растителното и во сточарското производство. Дали и вие сте забележале појава на нови болести, штетници и плевели во вашето производство, односно разлика во појавата на веќе постојните, со кои досега сте се соочувале? Доколку ги има, како се справувате со овој проблем?

Деребанов: Во последните две години забележуваме штети предизвикани од инсекти и други штетници со коишто не сме имале проблем порано. Поради зголемените суши дел од овие штетници зголемено се појавуваат, а со тоа се јавуваат и значителен број на проблеми. Во нашето производство наголемите штети се случија токму во производството на житарици и во дел од коскестото овошје. Во моментов сме во контакт со соработници од Грција и Србија,  дел од нивните агрономи, при што ги заклучивме причините за овие појави и истото засега успешно го решаваме, но факт е дека работите се менуваат.

КлиматскиПромени: На глобално и локално ниво се повеќе се зголемува свесноста за „климатски умното“ земјоделско производство, кое базира на напредни технологии, следење на климатските параметри и реакциите на културите и примена на агротехничките мерки соодветно на дадените услови (почвени и климатски). Дали сметате дека и кај нас е веќе време да се започне со примена на ваквите мерки, како би се намалиле негативните ефекти од климатските промени?

Деребанов: Во нашиот конкретен случај, важно е да се напомене дека подигнувањето на нови повеќегодишни насади е голема инвестиција. Меѓутоа, во моментов се достапни одредени развојни фондови за ко-финансирање преку ИПА програмата, кои претставуваат единствената реална можност да се размислува за вакви поголеми инвестиции, имајќи ја предвид големата вредност на инвестициите. 

Од аспект на зголемување на свесноста за „умно производство“ – за жал многу малку се користи во нашата држава, пред сѐ затоа што тоа подразбира користење на информатичка технологија и други современи системи за олеснување на работењето. Во моментот нашите агрономи, дури и во поголемите земјоделски компании не се обучени и немаат знаење за користење на овие технологии. Ние како компанија ја согледуваме потребата за имплементирање на овие технологии и поради тоа една од нашите идни стратешки цели е да почнеме со инвестиции во прецизно и во „умно“ земјоделство. Нема друг начин да се зголеми продуктивноста и да се доближиме некако до обемот на производството со други држави во Европа каде што земјоделството е во подем. Во спротивно никогаш не ќе можеме да ја постигнеме нивната продуктивност, а со тоа нема да може ниту да зборуваме за некаква конкурентност на пазарите, сѐ доколу не се прилагодиме на ова поле. 

Современите производни модели можат да се прилагодат и на потребите во земјоделскиот сектор кај нас. Во овој процес се надеваме дека може да се добие поддршка и од високообразовните институции во државата, меѓутоа се уште треба да се работи на оваа соработка помеѓу образовните институции и приватниот сектор.

КлиматскиПромени: Говоревме за проблемите кои со себе ги носат климатските промени, мерките како се прилагодувате кон нив. Сепак земјоделското производство е еден од позначајните генератори на климатските промени и емитира значителни количини на стакленички гасови во атмосферата. Дали како компанија сте размислувале да дадете свој придонес кон ублажувањето на климатските промени, односно да преземете климатска акција? Што е она што вие би го дале како препорака за земјоделскиот сектор и индивидуалниот придонес од компаниите и индивидуалните земјоделци во насока на адаптација и борба со климатските промени?

Деребанов: Од оние информации со кои јас располагам во однос на тоа кои се најголемите причини за климатските промени и кои индустрии и колку се придонесувачи за зголемување на стакленичките гасови, еден од најголемте загадувачи во светот е сточарското производство. Односно приближно 10-11% од вкупните количини на стакленички гасови се однесуваат на гасови произведени како резултат на сточарското производство. Значи, единствен начин да се спречи тоа во иднина се согледува преку инвестирање во биогасни централи, каде што органскиот отпад кој се добива од фармите ќе се преработи и при тоа нема да се дозволи метанот да оди во атмосферата. Сметам дека ова е една од мерките за којашто треба да се размислува во иднина во нашата држава, со цел да се намали емисијата на стакленичките гасови. 

Што се однесува до останатите влијанија на земјоделското производстви врз животната средина нашата компанија прецизно ги следи регулативите на ЕУ при што во нашите операции сите заштитни средства се на зелена листа на ЕУ и во концентрации кои се дозволени во ЕУ. Што се однесува до користењето на ѓубрива, сметам дека треба да се воведат дополнителни контроли на ова поле, кое сѐ уште не е на ниво на контрола како што е во ЕУ, но сигурен сум дека наскоро и овие мерки ќе почнат да се реализираат кај нас. На овој начин ќе се придонесе кон генерално намалување на негативните влијанија од земјоделството врз животната средина.

Во наредна фаза, очекувам да се работи на инвестиции во нови машини со подобри еколошки стандарди, и мислам дека првично треба да се задржиме на овие неколку мерки, затоа што реално овие промени не може да се случат наеднаш преку ноќ , но мора да се прилагодиме на нашите услови и да почнеме да ги менуваме овие работи.

{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close