Вашето однесување го менува системот- Ако кризата со коронавирусот ни покажа нешто, тоа е дека ние - секој од нас посебно и заедно - можеме да го промениме системот. Присетете се колку далечен им се чинеше на многумина од нас тој чуден вирус од Вухан кога за првпат се појави на насловните страници на почетокот на јануари? Тоа беше пред само неколку недели. Тоа е моќна демонстрација на моменталната глобална состојба на меѓусебна поврзаност
Проверка на телесната температура на патник што пристигнува на меѓународниот аеродром во Хонг Конг. Градот, како и Сингапур и Тајван, напредуваше во ограничување на ширењето на Ковид-19. (Фотографија на: Хана Мекеј / Ројтерс)
Со оглед на тоа што 100 милиони луѓе во Европа се во изолација во своите земји, се чини дека САД се целосно неподготвени за цунамито што треба да ги погоди. „Нè очекува најтешката катастрофа во јавно здравје од детската парализа“, вели Др. Мртин Макари, професор на Школата за јавно здравје Блумберг при Универзитетот Џон Хопкинс. „Не верувајте во бројките кога ќе видите, дури и на веб-страницата на нашиот Универзитет, дека 1.600 Американци го имаат вирусот. Не, тоа значи дека 1.600 го направиле тестот, и тестот бил позитивен. Веројатно има уште 25 до 50 луѓе на секој потврден случај што го имаат вирусот. Мислам дека имаме од 50.000 до половина милион случаи во моментов што шетаат низ САД “.
Откако се вратив во САД од Европа со последниот авион, пред да започне забраната за патување пред два дена, се чувствувам како да патувам наназад во времето. А токму тоа го велат и луѓето што сега пристигнуваат во Европа од Источна Азија. Се чувствувате како да се движите наназад во времето, назад во претходна состојба на свесност, која земјата од која сте тргнале веќе ја надминала во минатото. Еве ги моите осум поуки.
1. Нарушувањето од коронавирусот е предвесник на работите што ќе се случат
КОВИД-19 дополнително ја направи нашата моментална состојба подложна на нарушувања. Интересно е што постигна повеќе за намалување на емисиите на CO2 за неколку недели отколку што постигнаа сите климатски разговори заедно со години. Додека некои катастрофи, како урагани, земјотреси и цунами, имаат тенденција да го извлечат најдоброто кај луѓето (привлекуваат луѓе), пандемиите имаат тенденција да го направат спротивното, како што тврдеше неодамна колумнистот Дејвид Брукс. Вирусот држи огледало пред нас. Тоа нè принудува да станеме свесни за сопственото однесување и неговото влијание врз колективот, врз системот. Тоа огледало нежно нè повикува да направиме неколку лични жртви од полза за сите – внатре во себе да се префрлиме од его кон еко.
2. Вашето однесување го менува системот
Ако кризата со коронавирусот ни покажа нешто, тоа е дека ние - секој од нас посебно и заедно - можеме да го промениме системот. Присетете се колку далечен им се чинеше на многумина од нас тој чуден вирус од Вухан кога за првпат се појави на насловните страници на почетокот на јануари? Тоа беше пред само неколку недели. Тоа е моќна демонстрација на моменталната глобална состојба на меѓусебна поврзаност. Ние сме многу. Ние сме едно. Сега треба да го забавиме ширењето на вирусот, да ја израмниме кривата, да избегнеме масовно непотребно страдање кај тие од нас што се постари, неосигурени, сиромашни работници што живеат од плата до плата, лица што се сами и без никаква мрежа на луѓе околу себе што ќе им помогне да бидат побезбедни. Самоизолацијата и социјалното растојание не се заради вас; на тој начин се заштитуваат луѓето што се особено ранливи. Накратко: вашето однесување го менува системот. Вашето самосвесно однесување е неопходно за да се избегне распаѓање на системот.
Работник го дезинфицира мостот Понте дела Паља на плоштадот Свети Марко како заштитна мерка против заразата со коронавирус во Венеција, Италија (Фотографија на: Мануел Силверстри / Ројтерс)
3. Две оски: Навремена реакција на владата и свесност на граѓаните врз основа податоци
За да го забавиме ширењето на вирусот треба да го смениме колективното однесување. Ова може да го постигнеме на два начина: преку (а) навремен одговор на владата и (б) освестеност на граѓаните и делување со правење на тестот. Кина, по бавниот почеток, управуваше со пандемијата потпирајќи се главно на првото (драконски мерки за затворање и изолација на регионот, карантин и социјално дистанцирање, и контрола на движењето на целото население), што функционираше изненадувачки добро. Пристапот на Италија (а сега и на Шпанија) еден подолг период имаше слаб одговор од страна на владата - како во поглед на мерките за контрола така и со тестирањето. Но, кога се соочувате со пандемија, а при тоа немате ефикасно регулирање и немате солидни податоци, е исто како да трчате низ шума со врзани очи. Резултатот е масовно страдање и смрт кај ранливите граѓани, како на пример кога болниците не ги примаат постарите лица кои имаат потреба од грижа. Се чини дека тоа е патот на кој се САД сега.
Сепак, трета група земји се чини дека најде начин кој е некаде на средината. Сингапур, Хонг Конг, Тајван и Јужна Кореја имаа забележителен успех во управувањето со пандемијата без да наметнат драконски контролси или надзор врз граѓаните. Јужна Кореја значително го забави ширењето на КОВИД-19, а Сингапур, Хонг Конг и Тајван успеjаа да спречат масовно ширење на вирусот. Денес, 16 март, Хонг Конг има 141 потврдени случаи, Сингапур има 212, а Тајван има 53. Како им успева?
Патници носат маски како мерка на претпазливост од заразување со коронавирусот во воз, наутро, додека патуваат низ Сингапур. (Фотографија од архивата на Ројтерс)
Се чини дека успеале на различни начини на кои, сепак, три стратегии им се заеднички: (1) го намалуваат пристигнувањето на нови случаи (патни ограничувања), (2) спречуваат пренесување помеѓу познати случаи и локалното население (карантин) и (3) го потиснуваат несвесното пренесување преку намалување на контактите во заедницата (зголемена хигиена, социјално дистанцирање, самоизолација).
Бидејќи Сингапур е остров, беше релативно лесно да се наметне ограничување на патувањата. Само три дена (!) по предупредувањето на кинеските власти до светот за ширењето на вирусот во Вухан, Сингапур почна да ги упатува патниците што пристигнуваа од Вухан на дополнителни прегледи и можна изолација. Подоцна, патниците од погодените области беа ставани во задолжителен карантин, брзо се пренаменуваа објекти за оваа намена, а сите лица што отсуствуваа од работа добија надомест од владата. Се направија многу напори за да се идентификуваат контактите со лица за кои се знае дека се заразени. Големите собири се забранети, но училиштата и работните средини и понатаму се отворени.
Тајван, исто така остров, прво дозволи влегување на патници од Кина, при што ги проверуваше и правеше скрининг на патниците од дојдовните летови. Дури откако беше пријавен првиот болен патник од Кина, Тајван ги забрани (повеќето) дојдовни летови од Кина. Тајван препорачува самоизолација и домашен карантин, иако јавните објекти остануваат отворени. Училиштата се затворија, но само за две дополнителни недели по празниците.
Хонг Конг, посебен административен регион на Кина, дели граница со копнениот дел на Кина која ја преминувале околу 300.000 луѓе дневно. Тие избраа уште еден поинаков пристап. Наместо целосно да го блокираат влегувањето на луѓето од погодените региони, тие, меѓу другото, се насочија кон спречување на пренесување на заразата во заедницата преку задолжителна самоизолација (карантин) за сите патници од Кина. Исто така, задолжително е социјално дистанцирање. Државните службеници работат од дома. Сите училишта остануваат затворени и сите часови се спроведуваат преку Интернет. Плус, владата на Хонг Конг проактивно споделува информации со своите граѓани. На пример, владата објавува карти на ниво на зграда на кои е прикажано каде биле заразени луѓето, кога биле таму и како го добиле вирусот, така што секој може да ја види поставеноста на општествената карта во реално време и соодветно да го приспособи своето однесување.
Накратко: Овие земји управуваа со епидемијата користејќи комбинација на тестирање, транспарентност (активно информирање на граѓаните) и освестеност на граѓаните со навремено и проактивно реагирање на владата. Со други зборови, не трчате со врзани очи. Наместо тоа, тие забавија, направија пауза и го извадија превезот од очите за да видат што се случува. Ги споделуваат информациите транспарентно. И, одат напред заедно со поголема самосвест и намера, како колективно посвесно население
Слика 1. Одговор на коронавирусот: Една карта, многу патеки – визуелен приказ на Олаф Балдини
Слика 1 ги сумира овие забелешки. Двете оски ги следат двата пристапа: навремено реагирање на владата и информирање на граѓаните засновано врз податоци. Примерот на Кина може да го видите на едниот крај на спектарот (воден од владини мерки). А примерот на САД (и Италија) е на другиот крај (воден од граѓаните, заради недостаток на навремени мерки на владата). Но, она што е интересно е средниот пристап: примерот на Сингапур, Хонг Конг, Тајван и Јужна Кореја. Тоа што ги издвојува е нивната историја; научените лекции од појавата на САРС во 2002-2003 година, што ги натера да ја подобрат својата институционална подготвеност.
Другиот делотворен фактор може да е помалку очевиден. Сите тие ја споделуваат културата на кофучијанизмот. Со векови, тие посветуваат особено внимание на квалитетното образование и најталентираните луѓе од секоја генерација ги испраќаат во владата, не во бизнисот. Познатиот есеј на Конфучие, Големото учење, ја артикулира оваа идеја со тоа што забележува дека за да го промените светот прво треба да ја култивирате својата внатрешност како човечко битие. Тие споделуваат културен контекст што е насочен кон хармонија помеѓу надворешноста и внатрешноста. Ова е точно тоа прашање на кое треба да се сосредочиме кога размислуваме како да ги интегрираме владините мерки и делувањето на поединците. Кои се внатрешните услови што, доколку се воспостават, би можеле да ги интегрираат и двете оски и да ја придвижат нашата реакција при катастрофи од долу-лево кон горе-десно?
4. Соочени сме со избор
Ситуацијата со коронавирусот на сите ни дава можност да паузираме, да се ресетираме и да се засилиме. КОВИД-19, како и секоја дисторзија, во суштина го соочува секој од нас со избор: (1) да се замрзнеме, да им свртиме грб на другите, да се грижиме само за себе, или (2) да се свртиме кон другите за да ги поддржуваме и тешиме оние на кои им е потребна помош. Тој избор помеѓу постапките поттикнати од егото или постапките поттикнати од свеста за екосистемот е избор со кој се соочуваме секој ден, секој час, секој момент. Колку повеќе светот тоне во хаос, очај и конфузија, толку е поголема нашата одговорност да бидеме присутни и да покажеме сочувство и доверба во освестените постапки.
Слика 2: Два одговори на нарушувањето - две општествени полиња
Слика 2 го сумира овој избор со прикажување на двете различни општествени полиња што може да ги избереме и да ги отелотвориме преку своите постапки, преку своите односи и преку своите мисли. Во горната половина на сликата ја гледате реакцијата „замрзнува“, која има тенденција да ги засили незнаењето, омразата и стравот. Во долната половина го гледате одговорот „се отвора“ кој има тенденција да ги засили љубопитноста, сочувството и храброста.
И покрај тоа што сега е неопходно физичко социјално дистанцирање, тоа не значи дека нашата внатрешна состојба треба да биде замрзната. Всушност, во изминативе неколку дена видовме многу возбудливи примери од Италија и Шпанија за тоа како може да се реагира на физичкото растојание со сочувство и емпатија. Како што напиша еден граѓанин од Шпанија за време на викендот: „Во текот на денов на социјалните мрежи во Шпанија се појави повик луѓето да излезат на балконите и прозорците во 22:00 часот. Сега е 22:05 часот и можам да слушнам бучава од другата страна на затворените двојни стаклени прозорци“.
5. Падот на Трамп и популистите на крајната десница
Како некој реагира на нарушување - со замрзнување и свртување грб или со отворање и свртување кон другите - е и личен и колективен избор. Во изминативе четири години видовме огромен пораст на реакцијата на замрзнување од страна на цели држави, водени од Трамп, Болсонаро, Орбан, Салвини, Моди, Џонсон. Списокот продолжува. Иако Трамп се извлекуваше со преку 16.000 кажани лаги откако стапи на должност, овој пат може да биде поинаку. Во „нормални“ времиња може да се извлечете со кажување бесмислици бидејќи во некои случаи нема многу последици, а понекогаш е дури и малку забавно. Но, во време на непогода таквото однесување (негирање, десензитивизирање, отсуство на сензитивност, обвинување, уништување) се здружува во моќен мотор на забрзано самоуништување. Кога таквата динамика ќе стане очевидна, кога директната последица е катастрофално распаѓање на системот, расположението ќе се смени и претседателствувањето на Трамп наскоро може да отиде во историјата - ако изборите се одржат во предвиденото време оваа година.
И покрај тоа што ќе го користам Трамп за да го илустрирам ваквото однесувања подолу, не сакам да кажам дека ова важи само за Америка. Борис Џонсон и многу други отелотворуваат слични слепи точки во своето водство. Мојата главна поента се однесува на начинот на размислување со кој се избегнува реалноста – а реалноста се науката и податоците - наместо да се прифати реалноста кога ситуацијата ќе стане тешка. Јасно е дека овој начин на размислување е во судир со реалноста и во овој момент.
Според Енди Славит, администратор за Медикер и Медикеид во администрацијата на Обама, болниците во САД би можеле да бидат преплавени со случаи на коронавирус за малку повеќе од една недела и ситуацијата да ескалира со „цунами“ кое ќе создаде десетици илјади лица кои ќе имаат потреба од болничка медицинска нега, но веројатно нема да ја добијат. Некои експерти дури посочуваат дека од коронавирусот во САД би можеле да умрат преку 1 милион луѓе.
Еве како можеме да гледаме на овој неуспех на раководството низ призмата на немање сензитивност (види слика 2):
Негирање: „Оригиналниот грев на Трамп е неговото едномесечно негирање и расклопување на јавниот систем за здравствена заштита и на инфраструктурата за реакција“, рече Енди Славит. Ако на Сингапур и Тајван им беа потребни околу три дена на почетокот на јануари да одговорат на појавата на вирусот, Трамп не презеде ништо до минатата недела. Комплетите за тестирање сè уште се претежно недостапни. Со други зборови: ние сè уште го стегаме превезот наместо да го тргнеме. Наспроти него, Ангела Меркел отворено предупредува дека две третини од Германците најверојатно ќе заболат од вирусот.
Десензитивизирање: Трамп одби да обезбеди неопходна грижа за американските граѓани на луксузниот крузер Гранд Принцес за „неговите“ бројки за коронавирусот да не пораснат откако тие патници ќе го напуштат бродот. Тој продолжува да демонстрира целосен недостаток на емпатија и сочувство.
Отсуство на сензитивност: Сите непогоди овозможуваат длабоки моменти на „ослободување“ и на „прифаќање“. Во случајот со Трамп, односно во неговиот начин на раководење, воопшто не постои такво подлабоко ниво на човечност. Неодамнешните примери се неговото одбивање да се купат постоечките комплети за тестирање во производство на Рош со што проблемот со тестирањето ќе се решеше пред неколку месеци, како и неговиот обид да понуди „големи суми пари“ за ексклузивен пристап до вакцина за КОВИД-19 што ја развива германската биофармацевтска компанија CureVac. Раководството на компанијата ја одби понудата повикувајќи се на етичкиот стремеж да ѝ служи на целата глобална заедница, а не ексклузивно само на една земја.
Обвинување на другите: Сите изјави на Трамп досега се водат од размислувањето дека изворот на проблемот се „тие“, а не „ние“ - и покрај силните докази дека вирусот долго време се шири внатре во САД. Зборувањето за „странски вирус“ му помогна да оправда голем број забрани за патување, кои во почетокот секако беа корисни. Сепак, овој начин на размислување, прави да е сè поневозможно да се искористат другите две клучни стратегии: да се спречи преносот помеѓу познати случаи и локалното население и да се потисне несвесната трансмисија преку општествено дистанцирање и самоизолација.
Уништување: Трамп продолжи да ја губи довербата на европските сојузници со тоа што ги залажа со објавувањето на забраната за патување и се обиде да купи ексклузивен пристап до вакцината, што би го скратило пристапот до неа за останатиот дел од светот. Трамп континуирано ги напаѓаше владините и мултилатералните институции - од распуштање на сопствената работна група за контрола на заразни болести во Белата куќа затоа што беше формирана во времето на Обама, до повлекување од Парискиот договор, со што ја уништи довербата на овие институции точно кога ни беа најпотребни.
Сите вакви постапки и однесување се здружуваат во начин на одлучување што нè движи кон забрзаното самоуништување. Колку станува ова повидливо, толку е поверојатно дека овој стар модел ќе се најде во ќорсокак, и е поголема можноста да се појави нов модел на социјална соработка. Ова не значи крај на трампизмот. Но, повеќе од кога било е јасно дека крајот е блиску.
Имаме избор – визуелен приказ од Рејчел Хенш
6. Подемот на колективното освестено делување засновано на податоци
Кризата со коронавирусот нè поттикнува да импровизираме со нови начини на соработка и координација. Колективното освестено дејствување засновано на податоци (Д-АБЦ) функционира така што ситуацијата се решава заеднички, а потоа секој го приспособува своето однесувањето. Друг начин да се опише овој вид управување е со координирање на ослободувањето од товарот и прифаќањето на тоа што доаѓа низ заедничка призма: да се ослободиме од претходните планови и да го прифатиме тоа што следи.
Во 2008 година, за време на кризата во финансискиот свет, видовме дека најголемите организации одеднаш се префрлија на поинаков режим на работа. Тие мораа да ги напуштат годишните планови и кварталните цели што беа поставени пред финансиската криза и, наместо тоа, да посветат целосно внимание на развојот на ситуацијата и соодветно да го приспособат своето однесување. Тоа е вештина и способност што ни е денес итно потребна и во многу други области на општествената и еколошката криза.
Во време на вообичаено работење тежнееме да „ангажираме“ надворешни механизми да вршат координација, како на пример видливата рака на владината регулација или невидливата рака на пазарот. Во услови на нарушување, меѓутоа, овие механизми имаат тенденција да се распаѓаат. Кога тоа ќе се случи, ние, клучните играчи во системите што заеднички ги активираме, треба да се здружиме и заеднички да ја почувствуваме и да ја обликуваме иднината. Со други зборови, нашето внимание и нашите намери треба брзо да се усогласат со тоа што всушност се случува во моментот. Да научиме да се поврземе поосвестено и со повеќе намера може да е најважниот подарок што ќе произлезе од оваа криза. За овој нов начин на непречена координација да функционира се чини дека е неопходно постоењето на два важни услова:
· Точни информации за тоа што се случува во моментот; и,
· Внатрешен простор што им овозможува на луѓето да дејствуваат за благосостојба на целокупното општество, со што ќе преминат од его кон еко.
Оваа нова колективна способност ќе биде клучна во справувањето и во многу други кризи во следните години: климатската акција, биодиверзитетот, проблемите со бегалците, социјална правда и благосостојба за сите.
7. Разговор што треба да го водиме сега: Одново конципирање на нашата цивилизација
Секое нарушување има две страни: работите од кои треба да се ослободиме и работите што треба да се случат. Од аспект на ослободувањето, интересно е да се види колку брзо можеме да се приспособиме како глобална заедница. Одеднаш откриваме дека сепак повеќе од половината состаноци со кои ги пополнувавме своите роковници можеби и не се толку неопходни или клучни како што сме мислеле. Тогаш зошто сме постојано зафатени со работи што не се од суштинско значење? Ова е одлично прашање што треба да си го поставиме.
Следното прашање може да биде: Ако се ослободиме од сè што не е од суштинско значење - што останува? Ова е уште едно големо прашање (или „мантра“) за размислување. Кој и да е одговорот што за вас произлегува од ваквото размислување, чувајте си го во срцето.
А пак трето прашање за кое треба да размислиме може да биде ова: Што ако го искористиме ова нарушување како можност да се ослободиме од сè што не е од суштинско значење во нашиот живот, во нашата работа и во нашите институционални рутини? Како можеме одново да го конципираме начинот на кој живееме и работиме заедно? Како би можеле одново да ги конципираме основните структури на нашата цивилизација? Што во суштина значи: како можеме да ги преконципираме економските, демократските и образовните системи на начини што ќе овозможат премостување на еколошките, социјалните и духовните јазови на нашето време?
Тоа е разговорот што треба да го водиме сега. Со своите пријатели. Со своите семејства. Во организациите и заедниците. Ако нешто научив од претходните нарушувања на кои сум бил сведок, како финансиската криза во 2008 година, тоа е ова: едно исто нарушување има тенденција да има драматично различно влијание врз различни организации, во зависност од тоа како раководството - и луѓето или двигателите на промени - реагираат на таа ситуација. Без оглед дали го вртат грбот и замрзнале (горната половина на слика 2) или дали се свртеле кон другите и се отвориле (долната половина на слика 2). Открив, исто така, дека дури и во рамките на една иста организација, некои раководители би можеле да реагираат на еден начин (односно се кријат од ситуацијата), додека други на друг начин (односно се поврзуваат со луѓето во момент на ранливост). Разликата во влијанието е опиплива и длабока: првата група тимови се оддалечуваат, додека другите имаат тенденција да растат заедно на ниво на колективна резонанса што дотогаш не постоела.
Ова нè враќа назад кон конфучијанизмот и неговите корени на Четирите тигри: дека надворешните промени што се неопходни денес бараат од нас да ги усогласиме и активираме сопствените внатрешни извори, подлабоките нивоа на хуманост. Се разбира, овие подлабоки корени не се својствени само за конфучијанизмот; тие се својствени за сите култури и тлеат во секое човечко суштество.
Но, дали сме во состојба да ги активираме овие подлабоки извори на знаење? И, како да ги активираме не само на ниво на поединецот, туку и на ниво на целиот систем? Како да го надградиме оперативниот систем во различните клучни системи? Ова јасно бара од нас да ги надградиме:
1. образовната инфраструктура, кон учење за целата личност и за цели системи;
2. демократската инфраструктура, така што ќе ја правиме подиректна, пораспространета и со повеќе дијалог; и
3. економската инфраструктура, со преминување од освестеност за его-системот кон освестеност за еко-системот.
Како можеме да ја искористиме сегашната состојба за да забавиме, да паузираме и да се поврземе со своите подлабоки извори на мирување? Можеби тоа што е сега потребно е глобален момент во кој сè и секој ќе запре и ќе мирува, момент во кој ќе се поврземе со изворот.
Како и да изберете да постапите - ние да постапиме - во овој момент, без оглед дали ќе се замрзнеме и ќе свртиме грб или ќе се отвориме и ќе се насочиме напред, да не заборавиме дека, кажано преку зборовите на германскиот поет Хелдерлин, „каде што има опасност, заштедата на енергија расте“.
Каде што има опасност, расте и заштедата на енергија. Тоа е нешто што го доживеав во неколку наврати. Но, тоа функционира само колективно ако се забавиме, паузираме и го тргнеме превезот од очите за да бидеме присутни сега. Што всушност се појавува од сега? Можеби ќе видиме зачеток на нов бран на хиперлокализирање на нашите економии, поддршка за малите фармери и производители кои може да се поотпорни на нарушувањата во синџирот на набавки. Можеби ќе видиме зачеток на пообмислена економија, економија што - слично на ЗПЗ (Земјоделство поддржано од заедницата) - се темели врз усогласени економските активности со заедничката намера за иднината, односно заеднички да создадеме земјоделство во чиј фокус е екосистемот наместо да ја доразвиваме досегашната практика на егоистични трансакции.
8. Училиште за трансформација: Активирање на генеративните општествени полиња
Многумина од нас сметаат дека живееме во време на длабоки промени - промени не само во смисла на работите на кои им доаѓа крајот, туку и во смисла на сеење, култивирање и растење на нова цивилизација во наредните децении и векови. Така беше пред пандемијата со КОВИД-19 и ќе биде и по неа. Прашањето е како да се одговори на моменталната состојба за да се овозможи да се манифестира овој огромен потенцијал за позитивни промени?
Како да ги преконципираме и преиначиме различните начини на движење за да се отвори пат што ќе овозможи да се отелотворат принципите на планетарно заздравување и општествено обновување? Како да ги преиначиме образовните и лидерските структури за фокусот во образованието да се движи од доле лево (обучување на поединци) кон горе десно на слика 3 (учење за екосистемот)?
Слика 3: Матрица на системи за учење и лидерство
На Институтот Презенсинг (Presencing Institute) направивме прототипи на различни докажани формати на трансформациско учење и лидерство засновано на екосистем. Сепак, за да станат овие формати достапни во обемот што е потребен денес потребна е нова платформа и мрежа на локации - помислете на тоа како Училиште за трансформација – замислете си го ова како Училиште за трансформација – што се фокусираат на активирање на генеративните општествени полиња преку обезбедување вертикална трансформациска писменост (vertical transformation literacy).
Слика 4: Училиште за трансформација - Активирање на генеративни општествени полиња – визуелен приказ на Олаф Балдини
Во оваа колумна ги разгледавме првите искуства за учење што гледаме дека произлегуваат од кризата со коронавирусот и нашите реакции на неа. Пејзажот од нашите колективни реакции создава интересно поле на можности. Одговорот на „Четирите тигри“ го посочив како интересен од гледна точка на системот бидејќи ги соединува проактивното делување на владата освестеноста на граѓаните заснована на податоци. Потоа, ги истражив различните внатрешни услови што можат да го поттикнат или општественото поле на заедничко создавање (бидување во сегашноста (во ориг. presensing)) или општественото поле на самоуништување.
И останува прашањето: Што сега? Според мене, меѓу најитните приоритети за следните години е да ги култивираме овие подлабоки услови на нашите индивидуални и колективни дејствија на начини што се широко достапни, чиј опсег може да се зголемува и што може да се модулираат, за секој да може да ги интегрира во своите инфраструктури за учење и градење на мобилноста.
Од таа причина, почнувајќи од следната недела, моите колеги и јас ќе понудиме импровизирана глобална инфраструктура за учење што е бесплатна, достапна на Интернет, ја користи платформата ZOOM и е конципирана на начин што ќе ги активира генеративните општествени полиња кај сите учесници во текот на следните недели. Идејата е да ја понудиме оваа инфраструктура како патување за креаторите на промени од сите сектори, системи и култури - патување што на крајот ќе резултира во глобален, мултилокален, мултирегионален форум, што учесниците заеднички ќе го создадат подоцна годинава, во јули.
Вистинскиот формат на ова патување и на Форумот ќе се развива и ќе се приспособува на развојот на ситуацијата околу нас, меѓу нас и во нас. Оваа инфраструктура ве кани да се придружите со целото Себе и е конципирана да биде достапна за секого, без оглед дали сте дома и сакате да се придружите додека сте во самоизолaција или сте заедно со пријатели и други двигати или на промени во вашата локална организација или заедница.
Доколку сте заинтересирани да се придружите, погледнете ја оваа страница од кој почнува патувањето Global Activation of Intention and Action (GAIA) и пријавете се за првата сесија на 27 март, петок. Сега е време за пауза, чувствување, поврзување и потоа заедничко дејствување.
П.С. За првата сесија во петок обезбедивме 100 места и за неколку часа сите се зафатија. Ова нè поттикна да подготвиме дополнителни сесии истиот ден со кои ќе обезбедиме 4000 места. Овие места и сесии ќе бидат објавени денес, подоцна во текот на денот. Затоа проверувајте ја оваа врска за да се регистрирате и да се запишете на лисата на чекање бидејќи може да се ослободи место веднаш пред сесијата. Ви благодариме!
За оските на климатска акција: Почва; Демократија; Освестеност
Преземете го бесплатното поглавје: Основите на теоријата У
Сакам да им се заблагодарам на Беки Буел, Ева Померој, Маријан Гудман, Катрин Кауфер, Сарина Боуис и Антоанета Клацки за нивните супер корисни коментари на нацрт-текстот - како и на Олаф Балдини и Рејчел Хентч затоа што ги создадоа визуелните прикази во текстот
Извор: https://bit.ly/3bljecF
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}