Шефот на Amazon вети 10 милијарди долари за борба со климатската криза. Дали овие средства може да направат вистинска промена, што очекуваат експертите за нивното трошење и намена, ќе ги оствари ли ветувањата милијардерот?
Џеф Безос, еден од најбогатите луѓе на планетата, ќе додели 10 милијарди долари за спречување на катастрофалните последици од климатските промени. Шефот на технолошкиот гигант Amazon ќе создаде нов „Bezos Earth Fund“ кој ќе финансира голем број на проекти, иницијативи, истражувања и акции за спасување на планетата.
„Климатските промени се најголемата закана за нашата планета. Сакам да работам заедно со другите и да ги засилувам познатите начини и да истражувам нови начини за борба против катастрофалното влијание на климатските промени на оваа планета што ја споделуваме сите. Оваа глобална иницијатива ќе ги финансира научниците, активистите, невладините организации - секој обид што нуди реална можност да помогне во зачувување и заштита на природниот свет. Можеме да ја спасиме Земјата. Ќе биде потребно преземање колективна акција од големи компании, мали компании, држави, глобални организации и поединци. Ќе доделам 10 милијарди долари за издавање грантови ова лето. Земјата е заедничка за сите - ајде да ја заштитиме, заедно“ порача Безос во неговата објава на Instagram.
Со почетната најава за фондот од 10 милијарди долари не беа пренесени повеќе детали во однос на тоа како ќе се селектираат проектите кои ќе добијат финансирање и поддршка. Првичните проценки се дека ова е најголемата поединечна „инвестиција“ во поддршка на борбата со климатските промени.
Претходно во 2018 година 29 филантропски организации се обврзаа дека ќе донираат 4 милијарди долари за иницијативи за намалување на ефектите од климатските промени, или само 40% од средствата кои сега Безос се обврза дека ќе ги донира.
Експертите велат дека оваа сума е многу значајна во справување со сите предизвици, ќе создаде услови за нови истражувања, подобрување на голем број на иницијативи и проекти кои нудат конкретни решенија за намалување на емисијата на стакленички гасови, како и воопшто целото движење за климатски промени.
Исто така во реакциите на експертите за животна средина и на активистите се вели дека Безос својата искрена намера за борба со климатските промени ќе ја докаже со опонирање на фосилната индустрија иако тоа е нејасно како ќе се реализира бидејќи токму овие компании се едни од најголемите клиенти на Amazon.
Некои пак, го критикуваат Џеф Безос дека огромното богатство го стекна со корпоративни политики кои не се прогресивни, дека има голема заработка поради нееднаквоста на доходот и со сума од 10 милијарди долари сака да добие позитивен публицитет, па дури и политичка благонаклоност.
Овие сомнежи и нејаснотии околу начинот на кој ќе се распределуваат средствата во висина од 10 милијарди долари Безос мора што побрзо да ги одговори бидејќи навистина потенцијалот е огромен и може да даде вистински придонес.
За решавање на климатската криза ќе бидат потребни структурни промени во кои свое учество мора да земат сите, вклучувајќи ги поединечните напори, поддршка на иновациите и технолошките решенија, па потоа одлучност во постапките на приватниот сектор за зелена и циркуларна економија и нови политики на владите и државните институции преку глобална соработка.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}