Во период од околу една година извршивме замена на повеќе уреди кои се користат во нашето домаќинство (нешто поради дортаеност, нешто поради обид за намалување на потрошувачката на електрична енергија). Извршени се повеќе интервенции при што особено внимание посветивме на енергетската ефикасност на уредите. Најголемиот дел од активностите се изведени во 2014 година, па ефектите веќе подолг период ги чуствуваме.
1. Замена на класичните и CF светилките со ЛЕД светилки. Сепак оваа замена во почетокот и не беше толку успешна, поради потребниот период на прилагодување кон новата боја на светлината. Направивме неколку тестови, одлучивме дека светилките со дневна светлина повеќе ни одговараат и дека светилките со мала потрошувачка не се доволни за нашите потреби. Поради тоа светилките од 10 вати и помали, кои не ја здоволуваа нашата потреба, се подоцна заменети со светилки од 15 до 25 вати.
2. Промена на фрижидерите за длабоко замрзнување и класичниот фрижидер со еден комбиниран, со висока енергетска ефикасност и дигитален инвертер. Мислам дека оваа мерка најмногу се почуствува на нашата сметка за електрична енергија. Сепак вкупниот простор во фрижидерот е помал од предходно и бара малку подобра организираност при користењето.
3. Промена на машината за перење алишта со високоефикасна (А+++)
4. Промена на машината за сушење алишта со високоефикасна (А++) со инвертерско греење.
5. Замена на 80 литарскиот дотрајан бојлер со 50 литарски.
6. Промена на малиот бојлер во кујната со чешма во која е вграден греач (ефтина и ефикасна мерка која брзо покажа резултати). За оваа мерка бевме најголеми скептици, но се покажа како навистина ефикасна и практична. промената ја направивме во 2018 година, а денес би почнал со нејзе.
Бидејќи сите овие мерки се воведуваа постепено, не можам да направам пресметка колку енергија се штеди, ниту пак колкаво е намалувањето на емисијата на гасови на стаклена градина. Но она што можам да го кажам е дека сметката за електрична енергија се преполови, односно од околу 3000 денари (и повеќе) во моментов нашата сметка е околу 1500 до 1800 денари, зависно од потребата за вклучување на клима уредот (за ладење или греење). На годишно ниво, заштедата е околу 300 евра, што и не е така занемарливо, односно вкупната инвестиција во сите уреди ќе се врати за само неколку години.
Навистина е убаво кога климатската акција има двојно дејство, задоволство од личниот придонес кон животната средина и позитивни ефекти врз семејниот буџет.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}