Согласно Новата анализа спрoведена од организацијата Nature Conservancy, WRI и други се оценува дека запирањето на уништувањето на шумите, повторното засадување на шумите и подобрувањето на шумарските практики може трошковно-ефективно да отстрани 7 милијарди метрички тони јаглероден диоксид годишно, што е ефект што би се постигнал и со отстранување на 1,5 милијарди автомобили —повеќе од бројот на сите автомобили во светот!
Всушност, шумите се главниот фактор во најмалку шест од 20-те „природни решенија за климата“ од студијата, кои сите заедно можат да намалат 11,3 милијарди метрички тони емисии стакленички гасови годишно. Тоа би се постигнало и доколку се запре со потрошувачка на нафта во светот и би не однело за една третина поблиску на патот кон ограничување на затоплувањето во светот до 2 степени Целзиусови до 2030 година во однос на температурата пред почетокот на индустрискиот период, тоа е прагот за избегнување катастрофални последици од климатските промени.
Избегнатото уништување на шумите би придонело за 40% од вкупното намалување на емисиите на стакленички гасови кое може да се постигне со решенијата со ниски трошоци (според студијата, за овие решенија се потребни помалку од 100 долари годишно за да се намали еден тон емисии на јаглероден диоксид). Заштитата на шумите исто така нуди и најголем потенцијал за ублажување на климатските промени во однос на површината. Бразил и Индонезија заедно емитуваат повеќе од 50 проценти од јаглеродните емисии предизвикани од загуба на шумската покривка во тропските региони и поради тоа нудат најголеми можности за ублажување преку избегнато обесшумување.
Емисии на јаглерод од обезшумување во тропските подрачја, од 2001 до 2013 година.
Глобалното уништување на шумската покривка достигна рекордно ниво во 2016 година, при што тропските земји особено се борат да ги ограничат емисиите од обесшумување. Во тропските земји со најмногу емисии главни предизвикувачи на загубата на шумската покривка се производството на говедско, земјоделските култури (како што е сојата) и големите индустриски плантажи за производство на палмино масло.
И покрај овие уназадувања, меѓународната политика од Парискиот Договор REDD+ (Намалување на емисиите од обесшумување и деградација на шумите) и вклучувањето на секторот Земјиште во плановите за намалување на емисиите од тропските земји за 83 проценти (познати како „национални придонеси“ или NDCs) покажува дека овие трендови можат да се променат. На пример, зајакнувањето и проширувањето на мораториумот на сечењето на шумите во Индонезија може да ѝ помогне на земјата да избегне 427 милиони метрички тони емисии предизвикани од обесшумувањето до 2030 година. Доколку сите земји ги постигнат своите национални придонеси за промени во употребата на земјиштето до 2030 година, шумите во светот колективно би можеле да апсорбираат повеќе стакленички гасови отколку што емитува Русија денес.
Иако климатските решенија поврзани со шумите се многу важни, тие мора да се урамнотежени со потребата од поголемо производство на храна што е резултат на растот на населението и на приходите. Исто како и избегнатото обесшумување, пошумувањето нуди големи можности за ублажување на климатските промени, особено на долг рок.
Можни намалувања на емисиите од 20-те природни климатски решенија.
Според студијата, 42 проценти од вкупните намалувања на емисиите кои можат да се постигнат од пошумувањето зависат од намалувањето на пасиштата, вклучително и од повторно пошумување на сите пасишта во пошумените екорегиони. Ова сценарио може да е тешко целосно да се реализира имајќи ја предвид растечката побарувачка за храна, вклучително и проектираното зголемување на потрошувачката на говедско од 95% помеѓу 2006 година и 2050 година. Наместо тоа ќе треба да најдеме начини да ја зголемиме продуктивноста на пасиштата да го концентрираме производството на храна на помали површини и да ослободиме земјиште за пошумување. Бразил на пример има за цел да пошуми 22 милиони хектари земјиште до 2030 година, вклучително и да ја засили продуктивноста на 5 милиони хектари на деградирани пасишта до 2020 година. Обновувањето на шумите дава можност за добар компромис. Шумските производи од обновените шуми - како што се зрнестите плодови, овошките и дивечот - промовираат обезбеденост со храна, а истовремено дрвјата апсорбираат јаглероден диоксид. Истражувањата исто така го поддржуваат аргументот дека треба да се инвестира во обнова на шумите.
Покрај ова можеме да ја намалиме потребата од пасишта со тоа што ќе ја промениме нашата исхрана и ќе ги намалиме загубите на храна и отпадот. Намалувањето на потрошувачката на месо и млечни производи за половина може исто така речиси за половина да го намали нашиот јаглероден отпечаток од исхраната и доколку цело население ја промени исхраната и не јаде толку говедско, тоа може да ослободи речиси 300 милиони хектари на пасишта - површина речиси колку Индија - и ќе го намали земјоделскиот притисок врз шумите. Слично на ова, намалувањето на загубите на храна и намалувањето на отпадот можат да ослободат стотици милиони хектари пасишта за пошумување.
Едно од најефективните решенија за избегнување на емисиите од шумите и пренамената на земјиштето е заштитата и обновата на тресетното земјиште. Мочуриштата се вид на земјиште кој е најбогат со јаглерод и овозможуваат 14 проценти од природните климатски решенија со ниски трошоци - односно најголеми придобивки од најмала површина. WRI проценува дека секој хектар тропски тресет кој се суши за засејување емитува во просек 55 метрички тони јаглероден диоксид секоја година, што е приближно еквивалент на тоа да се изгорат повеќе од 6.000 галони бензин. Индонезија има највисок потенцијал за постигнување придобивки и ублажување на климатските промени со обновување на тресетно земјиште и спречување на пренамената на земјиштето. Заштитата на мочуриштата исто така ја поттикнува климатската отпорност. Мангровите шуми ги штитат крајбрежните подрачја од појава на бури и од зголемениот водостој, а мочуриштата ги спречуваат поплавите при екстремни врнежи од дожд кои се очекува да се сé поприсутни со затоплувањето на климата.
Повеќе истражувачки организации спроведуваат кампањи за зголемување на свесноста и спроведувањето на природните климатски стратегии. Поширокото залагање на владите, приватниот сектор и засегнатите страни од граѓанскиот сектор би можеле да овозможат побрзо и пошироко спроведување на решенијата.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}