На самитот ќе се сретнат претставници на влади, приватниот сектор, граѓанскиот сектор, локалните власти и други меѓународни организации со цел да изработат амбициозни решенија во шест области: глобална транзиција кон обновлива енергија; одржлива и отпорна инфраструктура и градови; одржливо земјоделство и управување со шумите и океаните; отпорност и адаптација кон климатските влијанија и усогласување на јавното и приватно финансирање со економијата со нула емисии.
Глобалните емисии достигнуваат рекордни нивоа и не покажуваат знаци дека го достигнале максимумот. Последните четири години беа четирите најжешки години од кога се бележат температурите, а зимските температури на Арктикот се зголемиле за 3°C од 1990 година до сега. Нивото на морињата се покачува, коралните гребени изумираат и започнуваме да ги гледаме погубните влијанија на климатските промени врз здравјето, преку загадувањето на воздухот, топлотни бранови и ризиците за обезбедување на храна.
Влијанијата на климатските промени се чувствуваат насекаде и имаат многу реални последици врз животите на луѓето. Климатските промени влијаат негативно врз националните економии, и денес предизвикуваат големи загуби, а овие последици ќе бидат уште повидливи во иднина. Но, се повеќе луѓето согледуваат дека има економски достапни, флексибилни решенија со кои сите можеме да добиеме почисти и поотпорни економии.
Последната анализа покажува дека ако делуваме веднаш, можеме да ги намалиме емисиите на јаглерод во рок од 12 години и да го задржиме зголемувањето на светските просечни температури прилично под 2°C и дури, како што беше побарано од најновите научни сознанија, до 1,5°C во споредба со температурите пред развојот на индустријата.
За среќа, го имаме Договорот од Париз - визионерска, функционална, напредна стратешка рамка која наведува точно што треба да се направи за да се спречат промените во климата и да се променат нејзините влијанија. Но, самиот договор нема значење без амбициозни активности во пракса.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутиереш, ги повика сите лидери да дојдат во Њујорк на 23 септември со конкретни, реалистични планови за зголемување на националните придонеси до 2020, согласно целта за намалување на стакленичките гасови за 45 проценти во текот на следната деценија и нула емисии до 2050 година.
„Сакам да слушнам како ќе го спречиме зголемувањето на емисиите до 2020 година и како значително ќе ги намалиме емисиите за да постигнеме нула емисии до средината на векот“.
За да бидеме ефективни и сигурни, плановите не може да бидат само за ублажување (митигација): тие мора да содржат план за идни активности, сѐ до целосна трансформација на економиите согласно целите за одржлив развој. Плановите не треба да создаваат победници и губитници или да ја зголемуваат економската нееднаквост; тие мора да се фер и да создаваат нови можности и заштита за тие што трпат негативни влијанија, со цел постигнување праведна транзиција. Во плановите треба да се вклучени и жените, меѓу главните одлучувачи: само со вклучување на двата пола ќе можеме да се справиме со различните потреби кои ќе се појават во следниот период со критичка трансформација.
На самитот ќе се сретнат претставници на влади, приватниот сектор, граѓанскиот сектор, локалните власти и други меѓународни организации со цел да изработат амбициозни решенија во шест области: глобална транзиција кон обновлива енергија; одржлива и отпорна инфраструктура и градови; одржливо земјоделство и управување со шумите и океаните; отпорност и адаптација кон климатските влијанија и усогласување на јавното и приватно финансирање со економијата со нула емисии.
Бизнисот е на наша страна. Брзите климатски решенија може да ги засилат нашите економии и да создадат работни места, а истовремено да донесат и почист воздух, да ги зачуваат природните живеалишта и биолошката разновидност и да ја заштитат животната средина.
Новите технологии и инженериски решенија веќе испорачуваат енергија по пониска цена отколку економиите кои се потпираат на фосилните горива. Сончевата енергија и енергијата од брановите сега се најисплатливите извори на нова енергија во буквално сите големи економии. Но, мора да започнеме со радикални промени.
Тоа значи да нема веќе субвенции за фосилни година и за земјоделските активности кои испуштаат високи емисии и да се направи промена за сѐ поголемо користење на обновлива енергија, електрични возила и паметни практики по однос на климата. Тоа значи да се утврди цена за јаглеродот која ќе ги одразува вистинските трошоци за емисиите, климатскиот ризик и опасностите за здравјето од загадувањето на воздухот. А тоа значи побрзо затворање на електраните на јаглен и запирање на изградбата на нови како и замена на тие работни места со поздрави алтернативи така што трансформацијата да биде праведна, инклузивна и профитабилна.
Портфолија со активности
Со цел овие активности за трансформација, да имаат што поголемо влијание во реалната економија, генералниот секретар на ОН направи приоретизација на следните портфолија со активности, за кои е утврдено дека имаат висок потенцијал за намалување на емисиите на стакленички гасови и водат до поголеми светски активности за адаптација и отпорност.
• Финансии: мобилизирање на јавни и приватни извори на средства со цел да се поттикне декарбонизација во сите приоритетни сектори и да се подобри отпорноста;
• Промена во енергијата: забрзување на промените, напуштање на фосилните горива и прифаќање на решенијата со обновлива енергија, како и постигнување поголеми резултати со енергетската ефикасност;
• Промена во индустријата: трансформирање на индустриите кои работат со нафта и гас, челик, цемент, хемиски супстанции и информатичка технологија;
• Природни решенија: Намалување на емисиите, зголемување на капацитетот за апсорпција на јаглерод и зголемување на отпорноста во и од шумарството, земјоделството, океаните и прехранбените системи, вклучувајќи и сеопфатна заштита на биолошката разновидност, поправање на синџирите за снабдување и технологија;
• Градови и локална акција: Подобрување на намалувањето и отпорноста пред климатските промени во урбаните средини и на локално ниво, со фокус на новите обврски како што се зградите со ниски емисии, масовниот транспорт и урбаната инфраструктура; како и градење отпорност за сиромашните од урбаните средини;
• Отпорност и адаптација: унапредување на глобалните напори за решавање и управување со влијанијата и ризиците од климатските промени, особено во најранливите заедници и држави.
Покрај претходните, постојат и три дополнителни клучни подрачја:
• Стратегија за ублажување: да се создадат амбициозни национални придонеси и долгорочни стратегии за постигнување на целите од Договорот од Париз.
• Ангажирање на младите и мобилизација на јавноста: да се активираат луѓето насекаде во светот да преземат активности во врска со климатските промени и да се овозможи младите да се интегрирани и претставени во сите аспекти на самитот, вклучително и во шесте трансформациски области.
• Двигатели на социјални и политички промени: да се засилат обврските во области кои влијаат врз добросостојбата на луѓето, како што е намалување на загадувањето на воздухот, создавање на пристојни работни места и зајакнување на стратегиите за адаптација на климата и заштита на работниците и ранливите групи.
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}