Револуционерното најново истражување ‘Carbon Majors’ открива дека производителите на фосилни горива, меѓу кои ExxonMobil, Shell, BHP Billiton и Газпром предизвикуваат 71% од индустриските емисии на стакленички гасови од 1988 до денес.
· Базата на податоци Carbon Majors ги содржи најсеопфатните податоци за историски емисии на стакленички гасови од компании кои се собрани до сега;
· Од 1988 година до денес, 71% од стакленичките гасови се предизвикани од 100 активни производители на фосилни горива, а 1988 година е годината кога официјално беше признаено влијанието на луѓето врз климатските промени, со формирањето на Меѓународниот панел за климатски промени (IPCC);
· Речиси една третина (32%) од историските емисии доаѓаат од компании кои се во сопственост на инвеститори и кои котираат на берза, 59% од компаниите во сопственост на државите, а 9 % се приватни инвестиции;
· Преку половина од светските индустриски емисии од 1988 година потекнуваат од само 25 комерцијални и државни производители;
· Компаниите кои произведуваат фосилни горива и нивните производи испуштиле повеќе емисии во последните 28 години отколку во 237 години пред 1988 година;
· Преку половина (52%) од сите светски индустриски емисии на стакленички гасови од почетокот на индустриската револуција во 1751 година, се од овие 100 производители на фосилни горива;
· Промените со ниски емисии на јаглерод можат да се постигнат доколку инвеститорите и големите емитувачи на јаглерод преземат итни климатски активности.
10 јули, 2017: Револуционерното ново истражување од CDP (Carbon Disclosure Project), кој беше прогласен за најдобар истражувач од страна на институционалните инвеститори, и спроведено во соработка со Climate Accountability Institute, денеска објави дека 71% од светските емисии на стакленички гасови1 од 1988 се предизвикани од само 100 производители на фосилни горива. Оваа група на компании е извор на 635 милијарди тони стакленички гасови емитувани од 1988 година, кога официјално беше признаено дека луѓето предизвикуваат промени во климата. Податоците исто така покажуваат дека 32% од овие емисии од минатото доаѓаат од компании кои се во сопственост на јавни инвеститори, со што се истакнува моќта на инвеститорите во преодот кон одржлива економија. Извештајот за големите загадувачи со јаглерод (Carbon Majors) е подготвен со употреба на сеопфатни податоци за минати емисии на стакленички гасови од компании.
Извештајот исто така покажува дека овие светски емисии се концентрирани на мал број на предизвикувачи. Од 1988 до 2015 година, само 25 производители на фосилни горива предизвикале 51% од светските емисии на стакленички гасови од индустријата. Компаниите кои најмногу испуштале емисии во периодот од 1988 се:
· Компании во сопственост на јавни инвеститори како што се ExxonMobil, Shell, BP, Chevron, Peabody, Total, и BHP Billiton;
· Претпријатија во сопственост на државата, како што се Saudi Aramco, Газпром, National Iranian Oil, Coal India, Pemex, CNPC и Chinese coal, од кои Shenhua Group & China National Coal Group се најголемите загадувачи.
Гледајќи наназад, извештајот исто така покажува удвојување на придонесот на фосилните горива за зголемување на климатските промени од 1988 година до денес. Сите компании кои произведуваат фосилни горива и нивните производи испуштиле повеќе емисии во последните 28 години отколку во претходните 237 години; 833 Gt CO2e во периодот од 28 години од 1988 до 2015 година, во споредба со 820 Gt CO2e во претходните 237 години пред 1988 година броејќи од почетокот на индустриската револуција, односно од 1751 година. Базата ги содржи сите минати податоци од сите овие години2, и покажува дека речиси еден трилион тони (923 милијарди) стакленички гасови потекнуваат од само 1003 компании, што претставува 52% од сите стакленички гасови кои некогаш биле испуштени.
Доколку трендот на црпење на фосилните горива продолжи како и во минатите 28 години во текот на следните 28 години, просечните температури во светот ќе се зголемат за 4ºC до крајот на векот4 – што многу веројатно ќе предизвика исчезнување на многу животински и растителни видови и ќе доведе до значително зголемување на ризикот за недостиг на храна во светот5.
Педро Фариа, техничкиот директор на CDP вели:
„Овој неверојатен извештај покажува дека релативно мал број од само 100 производители на фосилни горива го имаат клучот за системско намалување на емисиите на јаглерод. Гледаме важни промени во политиките, иновациите и во финансискиот капитал, со кои пресвртницата и преодот кон ниски емисии на јаглерод се достапни, а овие историски податоци покажуваат колку ќе биде важна улогата на големите емитувачи на јаглерод и на инвеститорите кои се нивни сопственици.“
„Особено, извештајот покажува дека инвеститорите во компаниите кои произведуваат фосилни горива се причинители на една третина од сите индустриски емисии на стакленички гасови, и имаат влијание врз повеќе од една петтина од денешните индустриски емисии на стакленички гасови во светот. Со ова се става значителна одговорност врз тие инвеститори за тие да се ангажираат со големите емитувачи на јаглерод и да ги поттикнат да го обзнанат климатскиот ризик согласно препораките на Работната група за финансиски објави поврзани со климата (TCFD) на Одборот за финансиска стабилност (FSB), и да постават амбициозни таргети за намалување на емисиите преку иницијативата за Научно засновани таргети со цел тие да се усогласени со целите на Парискиот Договор.'
Со новата база на податоци на CDP исто така се прават и проекции се до 2100 за да се покаже улогата на компаниите во справувањето со климатските промени. Ова следи по новиот извештај за Секторот за нафта и гас6 објавен од CDP кој покажа дека индустријата почнува да користи обновлива енергија. Во извештајот се утврдува дека европските големи емитувачи на јаглерод имаат подобри резултати од нивните американски колеги и побрзо се пренасочуваат кон климатско управување и стратегиски инвестиции во нискојаглеродни технологии. Во мај оваа година, акционерите на ExxonMobil побарале од организацијата да почне да делува поинаку и да ги земе предвид климатските промени.
Ричард Хид од Climate Accountability Institute дополнува:
„Со активности како што се апсорпција на јаглерод, производство на чиста енергија, намалување на метанот и подобрување на оперативната ефикасност, компаниите кои произведуваат фосилни горива ќе треба да покажат лидерство со тоа што ќе придонесат за преод кон нискојаглеродна економија согласно потребниот обем и динамика. Компаниите кои ги црпат фосилните горива ќе треба да си ја планираат сопствената иднина во контекст на радикална трансформација на глобалниот енергетски систем. Тие тоа им го должат на милионите корисници кои ги користат нивните производи и кои веќе ги чувствуваат последиците од климатските промени, на потрошувачите и на инвеститорите, како и на милионите луѓе на кои им треба енергија за комфор во нивните секојдневни животи но и на оние кои бараат алтернатива на нивните производи.“
Претходно овој месец, CDP ги поздрави препораките на Работната група за финансии поврзани со климата (Climate-related Financial Disclosures) за интегрирање на информациите за климата во стандардните финансиски извештаи на компаниите. Извештајот повикува да се подобри управувањето со што климатските промени исто така ќе бидат тема што ќе ја разгледуваат управните одбори.
CDP е водечка светска платформа за откривање на информации во врска со климата, увид и активности за инвеститорите, компаниите, градовите, државите и регионите.
Извештајот за големите емитувачи на јаглерод од 2017 година подготвен од CDP е достапен овде.
Преземено на 24.07.2017 од https://www.cdp.net/en/articles/media/new-report-shows-just-100-companies-are-source-of-over-70-of-emissions
{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}