8 нешта што треба да ги знаете за Извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени за растот на температурата до 1,5˚C

Нов извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени


Светот е далеку од постигнување на договорената цел за ограничување на затоплувањето меѓу 1,5˚C и 2˚C. Иако согласно Парискиот договор, сите земји се обврзаа да го ограничат глобалното затоплување меѓу 1,5˚C и 2˚C, остануваат отворени главните прашања: Како може светот да ја постигне оваа температурна цел? И што ќе се случи ако оваа цел не се постигне? Врвните научници за климата во светот, Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), одговорија на овие прашања во својот најнов извештај. Речиси 100 научници анализираа на кој начин може светот да ја постигне целта затоплувањето да биде до 1,5˚C, како и кои се влијанијата од зголемувањето на температурите.

одолжение претставуваме осум нивни заклучоци:

1. За ограничување на затоплувањето до 1,5˚C потребни се големи и итни трансформации.

Во 2016 година глобалните емисии изнесувале околу 52 GtCO2e и се предвидува дека до 2030 година ќе се зголемат на 52-58 GtCO2e. Годишните емисии треба да бидат најмалку половина од тоа (25-30 GtCO2e/годишно во просек) до 2030 година за да се ограничи затоплувањето на 1,5˚C (без или со мали пречекорувања). Иако технички е изводливо да се избегне зголемување на температурата над 1,5 ˚C, со цел да се постигнат тие намалувања на емисиите ќе биде потребно да се направат големи промени во однесувањето и во технологиите. На пример потребно е до 2050 година, обновливите извори на енергија да претставуваат 70-85 проценти од изворите на електрична енергија. Во транспортниот сектор ќе биде потребно да се спроведат мерки за енергетската ефикасност и промена на горивата. Намалувањето на побарувачката на енергија и подобрувањето на ефикасноста на производството на храна, промената во начинот на исхрана и намалувањето на загубата и отпадот од храна исто така можат значително  да ги намалат емисиите.

Извештајот исто така нагласува дека амбициозните активности во врска со климата носат големи придобивки за заеднички просперитет и економска стабилност - како на пример повеќе работни места, поголем пристап до енергија, пристап до одржлив транспорт и подобрувања на здравјето. Исто така ќе има и значителни негативни последици доколку политиките се лошо осмислени. И иако ова не е наведено во Извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени, новата анализа на организацијата Нова климатска економија  утврди дека храбрите активности во врска со климата, може да доведат до економски придобивки во висина од 26 трилиони американски долари до 2030 година (споредено со вообичаените практики), истовремено можат да создадат и преку 65 милиони работни места и ќе помогнат да се избегнат повеќе од 700.000 предвремени умирања поради загадувањето на воздухот до 2030 година.

2. Потребен е итен и сеопфатен премин кон нискојаглеродна економија.

Иако до сега во минатото имало примери од брзи промени кај конкретни технологии или сектори, во досегашната документирана историја немало ваква итна потреба за промена во обем кој сега е потребен за да се ограничи затоплувањето на 1,5˚C. Со други зборови, никогаш до сега не сме виделе толку брзи транзиции и такви ќе бидат потребни во многу сектори: енергетика, употреба на земјиштето, индустријата, урбаните системи, како и во различни технологии и земји.

За да се направи оваа голем промена ќе бидат потребни големи нови инвестиции во нискојаглеродни технологии и ефикасност. Во извештајот се наведува дека за да се постигне таа цел, ќе биде потребно да се зголемат инвестициите во нискојаглеродната технологија и енергетската ефикасност со фактор 5 до 2050 во споредба со тие од 2015 година.

3. „Ограничување на затоплувањето на 1,5˚C“ може да значи различни нешта - со различни резултати.

Во најголемиот дел (во 81 од 90) од сценаријата кои се моделирани за ограничување на затоплувањето до 1,5˚C, температурите прво го надминуваат овој праг, па потоа повторно се намалуваат. Резултатите од овие сценарија се многу различни од оние во кои температурите не надминуваат 1,5˚C. За пример, да го видиме влијанието од затоплувањето врз еден чувствителен екосистем: Ако зголемувањето на температурата е поголемо од 1,5˚C во текот на многу години, ќе дојде до неповратни влијанија, како на пример исчезнување на видови, дури и ако на крајот температурата повторно се намали под 1,5˚C.

Влијанијата од ваквото затоплување исто така ќе зависат од избраните активности за намалување на емисиите. На пример, побрзо намалување на црниот јаглен може да помогне за губење на снегот и мразот на Арктикот.

Понатаму, важно е да се има предвид дека целта од 1,5˚C се однесува на глобално просечно зголемување на температурите. Зголемувањето на температурите на една локација, како и влијанијата кои ќе произлезат од тоа ќе зависат од ситуација до ситуација.

4. Ограничувањето на затоплувањето до 1,5˚C не е безбедно за сите…

Извештајот утврдува дека значителни климатски влијанија ќе се случат и со зголемување од 1,5˚C, особено во областите со ниска надморска височина, врз здравјето на луѓето и во океаните. Влијанијата најмногу ќе ги погодат сиромашните и најранливите бидејќи тие ќе ги загубат изворите на приход, ќе страдаат за храна, ќе се преселуваат, ќе трпат последици врз здравјето итн.

5. …но ризиците од затоплувањето се значително пониски со зголемување од 1,5˚C отколку со 2˚C.

Бидејќи Парискиот договор наведува дека државите треба „да го ограничат затоплувањето значително под 2˚C, и да се обидат тоа да биде и под 1,5˚C,” извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени објаснува и колку ќе бидат повисоки ризиците со зголемување од 2˚C. На пример, со затоплување до 1,5°C, извештајот утврдува  дека веројатно ќе има едно лето без замрзнување на морињата на секои 100 години; на 2°C, тоа е почесто, и ќе има едно такво лето на секои десет години.


6. Емисиите ќе мора да достигнат нето-нула кон средината на векот.

Покрај големите намалувања на емисиите во следната деценија, нето емисиите на CO2 во просек мора да се намалат на нула до средината на векот.  Ако датумот кога емисиите ќе достигнат нето-нула се помести за една деценија понапред, односно на 2040 —што е за помалку од 25 години—шансите да се ограничи затоплувањето на 1,5˚C се значително повисоки. Колку побрзо емисиите го достигнат врвот пред 2030 година и колку е пониско нивото до кое ќе стигнат, толку поблаги ќе бидат проблемите со кои ќе се соочиме.

За сите загадувачки материи кои предизвикуваат промени на климата мора да се најде решение. Извештајот ги подвлекува значителните влијанија од краткотрајните загадувачи на климата, како што се метанот и хидрофлуоројаглеродите (HFCs). Иако јаглеродниот диоксид доминира кај долгорочното затоплување, намалувањето на другите загадувачки материи може да придонесе за постигнување на целта од 1,5˚C на краток рок, со значителни придружни придобивки, како што е намалувањето на загадувањето на воздухот.

7. Сите сценарија за постигнување на затоплување под 1,5˚C во некоја мера се ослонуваат на отстранувањето на јаглеродот.

Извештајот јасно покажува дека мора да ги фокусираме напорите не само на намалување на емисиите, туку исто и на отстранување и складирање на јаглеродот од атмосферата. Отстранувањето на јаглеродот е неопходно и за постигнување на нето-нула емисии како и за производство на нето-негативни емисии со цел да се надомести за сите преминувања на границата од 1,5˚C. Начините кои се проучувани во овој извештај со ослонуваат на различни степени на отстранување на јаглеродот (од 100 до 1.000 GtCO2 во текот на 21 век, за сценарија со мали пречекорувања или воопшто без пречекорување), но, во некоја мера сите се ослонуваат на ова. Во извештајот се подвлекува и дека отстранувањето на јаглеродот во таа мера до сега не е докажано, дека е ризично и дека може да не успееме да го ограничиме затоплувањето на 1,5˚C. Но, изводливоста и одржливоста на отстранувањето на јаглеродот може да се подобри, доколку се следи портфолио на пристапи за отстранување на јаглеродот.

8. Сите - државите, градовите, приватниот сектор, граѓаните - ќе мора да станат поактивни, без одолговлекување.

Без трансформација на општеството и без амбициозни намалувања на емисиите, ограничувањето на затоплувањето на 1,5˚C и истовремено постигнување на одржлив развој ќе биде исклучително тешко, ако не и невозможно. Дури и ако земјите ги исполнат своите национални климатски цели и направат големи намалувања на емисиите по 2030 година, затоплувањето сепак најверојатно ќе надмине 1,5˚C, земајќи предвид колку е тешко да се постигне намалување на емисиите на нето-нула прилично пред 2045 година. Поради тоа, сите држави и недржавни чинители ќе мора да ги зајакнат своите придонеси без доцнење. Одлуките на Конференцијата на страните од Париз бараат државите да ги достават следните заложби за климата до 2020 година, така што ова е важна можност да се преземат похрабри активности. На Глобалниот самит за климатска акција минатиот месец, лидерите од државите и регионите, од градовите, бизнисите и граѓанскиот сектор ги повторија овие пораки, повикувајќи ги државите да ја зголемат амбициозноста и да се посветат на зајакнување на националните планови за климата за време на Самитот на ОН за клима кој ќе се одржи овој декември, во Катовице, Полска.

Претворање на доказите во активности

Нема зашто да заобиколувавме: тешко ќе биде да се задржи затоплувањето под 1,5˚C. Навистина тешко. Но, извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени исто така јасно кажува дека светот има научни знаења, технолошки капацитет и финансиски средства да се справи со климатските промени. Сега ни треба политичка волја да се спроведат до сега невидени заеднички активности кои се потребни за да се стабилизира растот на температурата под 1,5 C.

Храбрите климатски активности можат да донесат значителни економски и развојни придобивки. А уште поважно, ограничувањето на глобалното затоплување на 1,5˚ е апсолутно неопходно. Ако не го сториме тоа, ќе дојде до климатски последици кои се толку катастрофални, што нашиот свет е стане непрепознатлив. Владите, бизнисите и останатите знаат што е потребно. Сега е време да му се спротивставиме на предизвикот.


{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close